Што правел српски дипломат во Собранието за време на „крвавиот четврток“?
Објавено во: Македонија 24 Мај, 2017
Советник во Амбасадата на Србија во Скопје и офицер на БИА Горан Живаљевиќ бил во Собранието на 27 април за време на упадот на насилните демонстранти.
Тоа го објави телевизија Телма.
Според истражувачкиот тим на Телма и дневникот Кога, Живаљевиќ поранешен заменик директор на БИА, а сега нејзин активен офицер кој во Амбасадата во Скопје тера трет мандат, влегол во Собранието после 20 часот, заедно со група луѓе од толпата и се упатил во пленарната сала каде биле пратеници од ВМРО ДПМНЕ. Според извори на Телма и Коха, Живаљевиќ тука се сликал.
На прашањето што работел во Собранието, од страна на дипломатскиот протокол, Горан Живаљевиќ за Телевизија Телма рекол дека бил во парламентот по службена должност, за да види дали во инцидентите учествуваат лица од Србија, навивачи или екстремисти.
Во истражувањето на Телма и Коха се наведува дека Живаљевиќ е познат во регионалната јавност по неколку контроверзни настани.
Неговата сопруга Оливера Антониќ, се додава, сведочела во врска со убиството на новинарот Славко Чурувија. Таа во тоа време работела во Државната безбедност во Одделението за прислушување и правела записници од разговори од станот на Чурувија по неговото убиство.