03 Мај, 2024
0.0294

Шулески: Има позитивни сигнали за развојот на македонскиот пазар на капитал

Објавено во: Економија 31 Октомври, 2018

Добивај вести на Viber

Има позитивни сигнали на македонскиот пазар на хартии од вредност и тоа го препознаваат домашните инвеститори. Следната година очекувам и прилив на повеќе странски инвеститори, а со одблокирањето на евроатланските интеграции интересот за овој пазар значајно ќе се зголеми, вели во разговор за Фактор, Борче Шулески Директор на сектор за управување со средства во Шпаркасе Банка Македонија. Банката неодамна стана банка чувар на средствата на фондовите на еден од двете приватни пензиски друштва. Шулески очекува позитивните показатели за друштвата кои издаваат акции на македонскиот пазар да го зголемат и прометот на берзата, но и цените на акциите.

„Показателите за прометот и индексите на Македонската берза во 2018 се многу позитивни и оптимистички. Порастот на берзанскиот индекс МБИ 10 за околу 40 проценти во однос на почетокот на годината како и удвоениот промет во однос на прометот од целата претходна година се должи најмногу на позитивните финансиски резултати на компаниите кои се издавачи на акциите, но и на поволниот макроекономски момент, фискалната консолидација и ниските приноси од алтернативните можности за инвестирање. Зголемените очекувања за членство во евроатланските интеграции исто така го поттикнаа зголемувањето на прометот и растот на индексот кој ги оцртува состојбите на македонскиот пазар на хартии од вредност. Сето ова помага за враќањето на довербата во домашната економија и пазарот на капитал“.

Кои се вашите очекувања за следниот период? Македонија е на крстопат и во сензитивна политичка ситуација, ама со развој на настаните кои ветуваат почеток на преговори за членство во Европската Унија и НАТО. Има ли ризици?

„Инвеститорите без оглед дали се домашни или странски бараат стабилен и сигурен политички и економски амбиент за делување. Во таа смисла приближувањето кон стандардите на ЕУ и НАТО придонесува за намалување на неизвесноста и за зголемување на сигурноста. За високата поврзаност помеѓу сигурноста на економскиот и политичкиот амбиент и цените на финансиските инструменти постои и емпириска потврда. Јас би споменал 2 примера. Првиот е движењето на приносите на македонските еврообврзници на странските пазари. Како што се подобруваат економските перформанси и политичките прилики  во земјата, така каматната стапка по која се издаваат или се тргува со овие инструменти на странските пазари се намалува. На сличен начин преку  реакциите на македонскиот пазар на хартии од вредност во изминатиот периот, не само од аспект на цената туку и од аспект на прометот, се пресликуваат очекувањата за подобрување на  економските и политичките прилики.

Јас лично сум оптимист за перспективите на Република Македонија и очекувам 2019 година да биде година во која ќе отпочне долгорочен економски просперитет, кој ќе придонесе и домашните и странските инвеститори да бидат похрабри и да вршат ефикасна алокација на капиталот “.


Добивте одобрение од Агенцијата за супервизија за капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС), па Шпаркасе Банка стана депозитарната банка на средствата на пензиските фондови КБ Прв отворен задолжителен пензиски фонд и КБ Прв отворен доброволен пензиски фонд. Кои се првичните искуства од оваа соработка?

„Улогата на банка чувар на имот на фондовите не е нова за Шпаркасе банка Македонија. Таа и досега ја извршуваше улогата на чувар на имот, меѓутоа за инвестициските фондови. Со отпочнување на новата соработка со КБ Прво пензиско друштво, Шпаркасе Банка Македонија стана депозитарна банка односно чувар на имот на средствата на пензиските фондови КБ Прв отворен задолжителен пензиски фонд и КБ Прв отворен доброволен пензиски фонд. Со ова се проширија досегашните активности во делот на услугите како чувар на имот и во обем, и во карактеристики и рамки на портфолијата, а секако и од аспект на тоа што сега се води грижа за имотот на пензиските фондови кои се под супервизија  на МАПАС со која имаме заедничка цел и одговорност да го заштитиме имотот на пензиските осигуреници.

Секако дека ова проширување на активностите на банка чувар на имот претставува сериозна задача за банката, но со досегашното вложување во развојот на овој тип на услуги, а поддржани од инфраструктурата, искуството и знаењето на Ерсте и Шпаркасе Групацијата и суб-чуварот на имот кој е од истата групација, процесот на трансфер на портфолиото на фондовите како и првичниот период од соработката со друштвото кое управува со овие фондови поминува во најдобар ред и со одлични резултати.


Активен учесник сте на пазарот. Кои услуги ги нудите?

Шпаркасе банка Македонија иако најмлада членка за многу кратко време стана значаен учесник на македонскиот пазар на хартии од вредност и веќе е во кругот на посредници кои нудат широка лепеза на услуги во делот на посредување на пазарот на хартии од вредност. Банката е регистрирана да ги нуди сите услуги со хартии од вредност согласно Законот за хартии од вредност.  Покрај посредување во трговијата со хартии од вредност Шпаркасе Банка ги нуди и услугите на инвестициско советување, портфолио менаџмент, старателски услуги и услуги на депозитарна банка, односно банка чувар на имот на инвестициски и пензиски фондови. 

Во овој краток период од отпочнувањето со овие услуги до денес постигнавме забележителни резултати во сите аспекти на работењето, трудејќи се постојано преку професионален однос и конкуретни и иновативни услуги да ја добиеме и задржиме довербата на клиентите. Така, досега можеме да се пофалиме со пазарно учество од над 6% од прометот на  Македонската Берза за хартии од вредност, над 25% пазарно учество во старателските услуги и над 50% пазарно учество во услугите на депозитарна банка.

Шпаркасе Банка како дел од Ерсте и Шпаркасе Групацијата ужива голема поддршка од групацијата во делот на развојот на своите услуги на пазарот од хартии од вредност, како во однос на поедноставен и побрз пристап до регионалните пазари на хартии од вредност, но и до европските и светските пазари, така и во однос на делот на трансфер на знаења и размена на искуства. Преку активно учество на сите нивоа на организација на домашниот пазар на капитал се трудиме и истите да ги пренесеме и да дадеме допринос за развој на целокупниот систем.

Регионалниот пазар се поврза преку заедничка платформа. Кои се можностите. Каков прогрес може да се очекува?

Во таа насока, една од целите кои ни се зацртани за остварување во следниот период е да им ги овозможиме на клиентите производите и услугите од регионалните пазари на хартии од вредност, а на клиентите од соседството да им ја приближиме можноста за инвестирање на пазарот на хартии од вредност во Македонија користејќи ја  мрежата на групацијата, но и на инфраструктурата на СЕЕ линк. Со тоа клиентите ќе имаат можност да насочат дел од своите инвестиции на странски пазари, и на тој начин да обезбедат дополнителна дисперзија на своите портфолија. Истовремено, нивните позиции на станските пазари ќе бидат под старателство во нашата банка што значи дека клиентите нема да мора да се грижат за безбедноста на нивните средства како и за наплатите на дивиденди, FX конверзии, даноци и сите останати работи поврзани со хартиите од вредност кои ги поседуваат на овие пазари. Информациите и анализите за регионалните пазари од хартии од вредност преку Ерсте и Шпаркасе Групацијата се секојдневно достапни за Шпаркасе Банка Македонија и за нејзините клиенти.

Се надеваме дека преку овој начин на работа и преку активна партиципација на банките од нашата Групација кои учествуваат во овој проект, ќе го приближиме нашиот пазар на капитал поблиску и до странските инвеститори, институционалните инвеститори како и физичките лица и нефинансиските правни институции од овие пазари со што дополнително ќе придонесеме кон градење на ефикасен пазар на хартии од вредност.


Го организирате Erste investors breakfast настанот кој собира голем број значајни луѓе од финансиската фела. Кои се поентите?

Оваа есен по шести пат на 2 ноември во Скопје ќе се одржи Erste investors breakfast, препознатлив настан кој претставува ретка можност да се сретне на едно место финансиската фела од Македонија и регионот и да се информира и продискутира за актуелната состојба, случувањата и  очекувањата во финансискиот свет, глобално, во поблискиот регион, но и кај нас, во Македонија.

Како секоја година досега, така и оваа, покрај нашите ко-домаќини од Ерсте групацијата, активно учество во презентациите ќе имаат и претставниците од Министерството за финансии и Народната банка, а во дискусиите се очекува да се вклучат и нашите партнери од целиот финансиски сектор во земјава вклучувајќи ги регулаторите, банките, осигурителните друштва, пензиските и инвестициските друштва, брокерските куќи и  нашите партнери од реалниот сектор. Секако, ова претставува и одлична прилика учесниците да се сретнат во една помалку формална атмосфера и да разменат видувања за актуелните случувања во светот на бизнисот, за година која изминува како и за плановите за равој во наредниот период.

Оваа година Erste investors breakfast се организира во рамки на одбележувањето на јубилејот од 10 години присуство на Ерсте и Шпаркасе Групацијата во Македонија, преку  Шпаркасе Банка Македонија АД Скопје. Зaедно со другите банки-ќерки од Австрија, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, Словенија и Црна Гора, таа е дел од најсеопфатната банкарска мрежа во регионот на Југоисточна Европа и една од најсилните банкарски групации во Европа, која со својата долгорочна стратешка ориентација кон регионот на Западен Балкан придонесува и Шпаркасе Банка Македонија да претставува доверлив партнер за своите клиенти.

А.Т.

Можеби ќе ве интересира

ПО ПРВИОТ БРАН ОТКАЗИ: Дали Тесла подготвува нов круг отпуштања, уште поголем?

ПО ПРВИОТ БРАН ОТКАЗИ: Дали Тесла подготвува нов круг отпуштања, уште поголем?

ЕВЕ КОИ АВИОКОМПАНИИ СЕ ПОД ЛУПА: Европската асоцијација за заштита на потрошувачите пријавила 17 фирми до ЕК

ЕВЕ КОИ АВИОКОМПАНИИ СЕ ПОД ЛУПА: Европската асоцијација за заштита на потрошувачите пријавила 17 фирми до ЕК

Гаспром забележа нето загуба од 6,4 милијарди евра во 2023 година, прва во последните 14 години

Гаспром забележа нето загуба од 6,4 милијарди евра во 2023 година, прва во последните 14 години

НОВ СКОК НА ЦЕНИТЕ НА ХРАНАТА ВО АПРИЛ - најскапо месото

НОВ СКОК НА ЦЕНИТЕ НА ХРАНАТА ВО АПРИЛ - најскапо месото

ПАДНА СПОГОДБА - Џонсон и Џонсон ќе плати 6,475 милијарди долари по многубројните тужби за добиен рак од нивната пудра

ПАДНА СПОГОДБА - Џонсон и Џонсон ќе плати 6,475 милијарди долари по многубројните тужби за добиен рак од нивната пудра

„ПЛАТАТА НА КЕЛНЕРИТЕ ВО ХРВАТСКА 1.200 ЕВРА, ВО АВСТРИЈА 3.000 ЕВРА“: ќе работат само луѓе од трети земји

„ПЛАТАТА НА КЕЛНЕРИТЕ ВО ХРВАТСКА 1.200 ЕВРА, ВО АВСТРИЈА 3.000 ЕВРА“: ќе работат само луѓе од трети земји

„Да се напушти вештачкото надувување на капиталните инвестиции“: еве што велат економистите за изборните ветувања на партиите

„Да се напушти вештачкото надувување на капиталните инвестиции“: еве што велат економистите за изборните ветувања на партиите

ПОРАДИ КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ: Колку маслиново масло произведува Шпанија?

ПОРАДИ КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ: Колку маслиново масло произведува Шпанија?

СИНОТ НА СВЕТОЗАР, ЈАНЕ ЈАНЕВСКИ, СТАНУВА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА УО НА „АУТОМАКЕДОНИЈА“ - и оттаму заминува Џон Илија Јоновски

СИНОТ НА СВЕТОЗАР, ЈАНЕ ЈАНЕВСКИ, СТАНУВА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА УО НА „АУТОМАКЕДОНИЈА“ - и оттаму заминува Џон Илија Јоновски