19 Април, 2024
0.0239

Сирија-многу баби дете килаво

Објавено во: Колумни 31 Август, 2018

Добивај вести на Viber

Над Сирија одново е надвисната нова ескалација на воени дејства. Од една страна Сириската армија се подготвува за ослободување на регионот на Идлиб од приврзаници на ИД, а од друга западните сојузници САД, Велика Британија и Франција се подготвуваат за удари врз објекти врз Сирија, поради можноста од користење на хемиско оружје од страна на силите на претседателот Башар ел Асад.

Токму ова последново беше повод вчера рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, да ги предупреди западните сојузници. Според него станува збор за нова провокација во провинцијата Идлиб со цел да се отежни антитерористичката операција. „Ние со „факти на маса“ преку нашето министерство за одбрана, преку министерството за надворешни, јасно и цврсто ги предупредивме нашите западни партнери „да не играат со оган“.“ И навистина Русите деновиве им соопштија на западните партнери дека знаат дека со нивна помош веќе се вршат поготовки за провокација-наводен напад со хемиско оружје од страна на асадовите сили. Вистинските „напаѓачи“ ќе бидат сили од Идлиб.

Провинцијата Идлиб е една од зоните на деескалација кои ги договорија Русија и Турција, заедно со Иран, за прекин на воените дејства во Сирија. Во тие рамки многу приврзаници на ИД кои беа во други региони на Сирија, а кои беа земени под контрола на владините  сили, во договор со нив можеа да останат да живеат таму или пак без оружје, со семејствата, да заминат во Идлиб. На овој начин во Идлиб се префрлија десетици илјади приврзаници на ИД и поранешни борци-противници на режимот на Асад. Најголемото влијание врз оваа провинција  го има Турција, бидејќи таму има сили кои се протурски настроени. Сега Турција, со не многу задоволство, и Русија , заедно со сириската армија и умерени сили кои сакаат да преговараат со Асад, се подготвуват да ги уништат припадниците и приврзаниците на ИД.

Сето тоа не му одговара на Западот. И затоа Русите се сомневаат дека со негова помош, посебно на специјалните сили од Велика Британија, т.н. „бели шлемови“, кои останаа во Сирија, да подготват „користење на хемиско оружје“ од страна на асадовите сили, по што САД, Британија и Франција би започнале масовни удари врз сириски цели. Минативе денови Русија јавно ги обвини САД дека се подготвуваат за напади врз Сирија, дека го зголемуваат военото присуство...

Одговорот од САД е дека тоа не е точно.Од Пентагон дојде изјавата дека: „Руските соопштенија за зголемување на воената моќ на САД во истолниот дел  на Средоземјето не се ништо повеќе од пропаганда. Тоа не е точно. Меѓутоа, тоа не значи дека ние не сме подготвени да дејствуваме, доколку претседателот даде таква наредба“. Минативе денови од Запад доаѓаат изјави дека Сирија се подготвува да користи хемиско оружје, па доколку дојде до тоа ќе следи жесток одговор. Западните сили исто така заборуваат и за опасност од големи цивилни жртви во евентуалната операција на сириската армија.

Завчера и вчера во Москва беа министрите за надворешни работи на Саудиска Арабија и на Сирија, Адел ал Џубеир и Валид Муалем. Според Лавров арапските партнери се повеќе го зацврстуваат вниманието кон реалноста, а тоа е дека владата на Сирија го обезбедува суверенитетот и законските интереси за безбедност на нејзината земја. Освен тоа тој вели дека Русија сака арапските земји сами да решаваат како да живеат во својот регион и да не дозволат да бидат манипулирани за постигнување на чии било геополитички цели.

Ваква искажаните зборови одма кажуваат за кого станува збор и за чии геополитички цели. Тоа се пред се Соединетите Американски Држави. Но не помалку и Британија и Франција, како држави кои во минатото имаа големо влијание во регионот. Што се однесува до Сирија тие таму се присутни со свои припадници на воените сили и тоа без одобрување на актуелната сириска власт. За разлика од нив Русите беа повикани од Асад. И тое максимално можно го искористија тој повик. Западните сили се криеја кога беа обвинувани дека стојат зад обидите за уривање на власта на Асад, но кога почна воената разврска упатија сили во Сирија на страната на противниците на Башар ал Асад. Се разбира како советници-обучувачи на тие сили. Не помалку западните сили се бавеа и со вооружување на противнците на Асад.

Лавров вчера по средбата со неговиот сириски коега Муалем на прес конференција, на прашањето како се однесува кон присуството на американцки војници на територијата на Сирија, беше доволно јасен. „ Присуството на САД и на западни земји на територијата на Сирија е нелигитимно. Американците повеќе пати ветија и јавно изјавија дека, а тоа го чувме и од устата на претседателот Доналд Трамп, дека ќе заминат од Сирија. Но секој пат наоѓаа дополнителни предлози за да останат таму. Прво велеа дека ќе заминеме, кога ќе нанесеме удар по ИД. Потоа се јави нов критериум, неопходност да се стабилизира вкупната ситуација во земјата. А сега веќе се изјавува дека има неопходност Американците таму да останат се додека не почне, па и да заврши процесот на т.н. „политички премин“...Тие не еднаш ни ветија дека ќе ќе ја ликвидираат незаконски изградената од нивна страна т.н. „зона на безбедност“ Ат Таиф...“  Источно од реката Еуфрат Амерканците ја обновуват инфраструктурата, создаваат локална власт, како да сакаат да покажат дека тие се главни таму. И таму животот ќе се одвива тие како што ќе кажат. А тоа е знак за она што на овие страници го пишувавме пред месеци-дека Сирија може да ја има судбината на повоена Германија, која беше поделена на зони на влијание од САД, Британија, Франција и Русија.

И ако Лавров го предупреди Западот „да не игра со оган“, неговиот сириски колега Муалем на прес конференцијата отиде подалеку, па изјави дека во случај на агресија од страна на САД, Британија и Франција, последиците за Западот ќе бидат ужасни. „ Ние во моментов ги предупредуваме од вршењето на тројна агресија“, рече тој. „Ние ќе го искористиме нашето право на самозаштита со сета сила. Последиците ќе бидат застрашувачки и ќе имаат големо влијание врз ситуацијата“, додаде тој. Муалем смета дека САД во Сирија на воен план доживеаја пораз, без оглед на сите напори што ги правае и сега сакаат да го искористат моментот за да добијат какви било дивиденди низ политичките процеси и недозволувањето  сега бегалците да се вратат во своите домови.

Сето ова зборува дека во Сирија ќе нема мир се додека тоа не одговара и на плановите на САД и неговите сојузници. Русија покрена иницијатива за обнова на Сирија и враќање на бегалците од Турција, Јордан, Либан, но и од Германија. За ова тој неодамна разговараше и со канцеларката Ангела Меркел. Но како таа би го направила тоа? А свесна е дека ако почне враќање на бегалците од Германија во Сирија таа, односно нејзината партија би биле во политичка добивка. Но САД, Британија и Франција засега инсистираат-прво политичко решение за иднината на земјата, па дури потоа може да се разговара за враќање на бегалците.

А Сиријците дома и милионите надвор никој не ги прашува што сакаат. Нема кој да им организира референдум. Доколку пак одново се разгори војна, тогаш наместо назад во Сирија, Сиријци одново ќе заминуваат во соседството или во Европа. Се додека актерите не се договорат. А ги има многу. САД, Британија, Франција, Русија, Турција, Иран, Саудиска Арабија...Да не биде - многу баби дете килаво.


Мирче Адамчевски  


Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок