14 Мај, 2024
0.0261

Сиромаштијата допрва ќе се зголемува

Објавено во: Колумни 12 Мај, 2014

Добивај вести на Viber

Со објавувањето на  книгата „Капиталот во 21 век“ Французинот Томас Пикети ги разбранува политичките елити и научните кругови во развиените капиталистички земји со    заклучокот дека развиениот свет е предодреден да ја зголемува нееднаквоста, а со тоа и тензиите во општествата, доколку не се наметнат нови прогресивни даноци на доходот и богатството (имотот). До ваквиот заклучок тој доаѓа по анализата на состојбите во најразвиените капиталистички земји од почетокот на индустриската ревилуција до денеска. Студирајќи ја динамиката на дистрибуција на доходот и богатството во текот на овој период тој утврдува дека стапката на враќање на вложениот капитал ја надминува стапката на економскиот раст (R>g),  па следствено на тоа богатите ќе стануваат уште побогати. Противниците на зголемување на даноците (дури и за потребите за надминување на кризата) немаат разбирање за вредноста на трудот на Пикети. Во недостиг на основа за суштинска критика тие го етикетираат како „марксист“, настојувајќи со тоа да ги омаловажат заклучоците, со оглед на пропаста на „марксистички“ инспирираните системи. Се разбира, без притоа да укажат дека социјалистичките револуции се случија во недоволно развиени земји, наспроти Марксовите предвидувања дека тие се можни во најразвиените земји. Друго е прашањето зошто не се остварија неговите предвидувања. Но, тоа е друга тема. Јасно е, меѓутоа, дека со етикетирање на Пикети како марксист не може да се омаловажуваат неговите сознанија за нееднаквоста, кои,за волја на вистината, Карл Маркс, далеку пред него, ги откри преку економска анализа  на капиталистичката репродукција, објавена во „Капиталот“.  Слично им е   тоа што и за Пикети и за Маркс   порастот на нееднаквоста доведува до криза и за нејзино надминување треба да се барат решенија. А многу се разликуваат во начинот на кој доаѓаат  до заклучок за порастот на нееднаквоста, за причините и  последиците од неа и за решенијата да се избегнат опасностите од нејзиното зголемување. Додека Пикети до заклучокот за пораст на нееднаквоста доаѓа преку анализа на емпириски материјал за дистрибуција на доходот и богатството (притоа, утврдува и периоди во кои се отстапува од математичката формула, на пример, во време на војните и кризите), Маркс тоа го направи преку економска анализа  на функционирањето на капиталот. Ставајќи го капиталот во центарот на анализата тој открива дека  нееднаквоста се генерира  во процесот на репродукција на капиталот, при што сиромашните стануваат посиромашни, а богатите побогати. Тоа доведува до криза на хиперпродукција, бидејќи не може да се реализираат произведените стоковни вредности, па се намалува производството, цените, вработените, надниците, а поради тоа се заоструваат противречностите меѓу трдудот и капиталот. И додека Маркс смета дека ваквите резултати се последица на делувањето на закононот за тенденциско опаѓање на просечната профитна стапка и на законот за создавање на резервна армија на невработени, Пикети само ги користи емпириските податоци за порастот на нееднаквоста, а притоа, не ги објаснува причините поради кои доаѓа до нејзин пораст. Од ваквите пристапи произлегуваат и разликите во предлозите за решавање на проблемот на нееднаквоста. Пикети смета дека нееднаквоста може да се ублажува со пораст на даноците на доход и богатство и со создавање на услови за зголемување на еднаквоста на можностите за развој на индивидуите, како на пример преку еднаков достап за образование. Маркс, пак, во рамките на неговата анализа, во која апстрахира појави со спротивно дејство на споменатите економски закони, смета дека порастот на нееднаквоста е инхерентна на  капиталистичкиот начин на производство и може да се надмине само со промена на ситемот. Историјата ќе покаже кој има право. Засега е јасно дека во голема мера се исцрпени можностите за ублажување на нееднаквоста преку преливање на доход од помалку развиените во развиените земји. Меѓутоа, проблем е  колку се остварливи предлозите за пораст на даноците во постојните односи меѓу трудот и капиталот  во одделни земји и меѓу нив, а притоа позначајно да не се корегира глобалниот капиталистички систем. Останува само да се надеваме дека надминувањето на нееднаквоста ќе се постави на дневен ред пред да се случат опасностите кои произлегуваат од нејзиното натамошно зголемување. Ова се однесува и на нашата економија, бидејќи за утврдување на нееднаквоста и не треба поголеми анализи. Се гледа на улица, на работа и секаде каде се движиме. Опасно е да се игнорираат аргументите кои водат кон преиспитување на капитал односите во земјата. Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе

Путин почнува нова шестолетка

Путин почнува нова шестолетка