Добивај вести на Viber
Иако физибилити студијата нарачана од владата покажала дека делницата треба да чини 24 милиони долари, сепак сега ја плаќаме 76 милиони долари. Зошто Македонија три пати поскапо ја плаќа гасоводната делница од Клечовце до Неготино. Поранешниот премиер Никола Груевски вели дека за тоа прашање надлежноста е во Владата.
„За тоа прашање ќе Ве упатам да се обратите во Владата“, кусо посочи Груевски. Претходно тој одговараше на други прашања, на кои ги објаснуваше актуелните владини проекти во детали, како и заинтересираноста на граѓаните за нив..
Сега ненадлежни да одговорат на прашањето се прогласија и од Министерството за транспорт и врски. Оттаму, иако потврдуваат дека нарачале и добиле изработена студија за гасификација на Македонија, се правдаат дека целата документација ја дале во МЕР (Македонски енергетски ресурски), институција која е надлежна за изградбата на делницата.
Но, исто така од Министерството за транспорт не објаснуваат дали тие не знаат што пишува во студијата, и дали, кога ја добиле изработената студија не виделе, колку е предвидено дека треба да чини изградбата на делницата Клечовце –Неготино?
Сето ова упатува на фактот дека Министерството за транспорт се обидува топката да ја префрли кај Македонски енергетски ресурси – МЕР.
Но, во МЕР имаат сосема поинаква приказна
Нивниот одговор е контрадикторен од одговорот на Министерството за транспоррт и врски.Односно во МЕР, велат дека тие не ја поседуваат студијата.
Сепак, кога им појаснивме дека Министерството за транспорт тврди дека целата докуменатција им ја отстапило, настана комлетен молк. Цела недела, директорот на МЕР остана недостапен за коментар, ниту одговараше на телефонските повици, нигу пак добивме дообјаснување по писмен пат.
Владата платила 1,5 милиони евра за физибилити студија, што сега се крие од јавноста
Изработката на студијата за гасоводниот систем во Македонија со идеен проект го изработувал Конзорциум од пет компании, и тоа “ПРОСТОР” од Куманово, “ГАЗТЕК БГ”од Бугарија, “ПЕТРОЛ”од Словенија и “Енерго Систем” од Скопје, потврдуваат од Министерството за транспорт и врски и посочуваат дека за тоа се платени 1,5 милиони евра.
Но, фактот дека оваа студија, ја кријат и од Министерството за транспорт и од МЕР, префрлајќи си ја топката од едни на други, укажува на сомнежи дека студијата се крие, токму затоа што упатува дека земјава плаќа три пати поскапа гасификација.
Проектот гасоводна делица Клечовце - Неготино, од почетокот го следат контроверзи. Уште од старт владата не одговори како е утврдено дека делицата ќе чини 76 милиони долари, иако дел од енергетичарите укажуваа дека станува збор за превисока сума, затоа што излегува дека еден километар од делницата ќе чини 1,2 милиони долари, што го прави овој гасовод еден од поскапите.
При тоа посочуваат и дека колку поскапа е изградбата толку поскап ќе биде потоа и гасот што ќе го користат граѓаните, во моментот кога тој проект ќе профункционира.
С.Н.