28 Април, 2024
0.0273

Сите сме на тест

Објавено во: Колумни 31 Декември, 2014

Добивај вести на Viber

Се’ почна со екстерното оценување, преку државниот испит,  импакт факторот, а каде и како ќе заврши ќе видеме. Со предлогот за екстерното оценување предлагачите сфатија дека направија кардинална грешка ,па веднаш ретерираа, со тврдења дека тоа не било нивно решение туку некој друг неранимајко се обидува да им го импутира. Тие биле за државен испит. Но за протуркување и на оваа идеја се покажа дека  предлагачот не само што нема релевантни аргументи, туку на очиглед на јавноста ангажира кадри кои, пред се’, со  „гол оптимизам“ го поддржуваат државниот испит и тврдат дека тој е во  функција на унапредувањето на квалитетот во високото образование. А како, таквиот механизам ќе го подобри квалитетот никому не му е јасно. Дури ни на  оние кои јавно се залагаат за  концептот. Тие вербално го поддржуваат предлогот, а воопшто не се трудат да ги убедат колегите на кој начин ќе се оствари целта, односно што може да се очекува од примена на државен испит како што е предложен. Со нивното „вметнување“ во расправата се изврши дефинитивно демаскирање на вистинските намери. Предлагачот најде „кадри“ кои ќе го подржат предлогот иако и тие, подржувачите се свесни дека многу лесно  ќе бидат злоупотребени нивните „голи поддршки“ пред пошироката јавност. Притоа, само тие  знаат зошто го прават тоа. Очигледно бенефитите им се подраги од сопствената чест, достоинство и интегритет. Важно, тие се на страната на победникот. Прашање е, меѓутоа,  како со такви кадри може да се очекува подобрување на квалитетот во студирањето. Луѓе кои не се во состојба да исфрлат еден аргумент во одбрана на предлогот, нема шанси да го подобрат квалитетот на студирањето. А квалитетот секако не може да се обезбеди со тестирање на крајот на два циклуса на студирање, туку само со контроли во целиот процес  од едуцирањето. На тестовите, кои се на ниво на информираност, само ќе се утврди „шкартот“. Но, тој не може да се поправи со положување на два теста, дури и по седми пат. Бессмислено е да се верува дека имаат  цел   да утврдат колкав е шкартот, а не да барат како да се начин како да се унапредува образовниот процес до ниво на кое  шкартот ќе се сведе на разбирлива мера. Ова покажува дека заднината на предлагачот да го протурка предлогот по секоја цена, е поинаква од благородната идеја за унапредување на квалитетот на високото образование. Пред некој ден тоа се потврди апсолутно. Целта е, универзитетските работници да се стават во потчинета положба, на тој начин што ќе  се докрајчи автономијата на универзитетите, бидејќи со измените тие не ќе можат да издадат диплома доколку студентот не положи пред државна испитна комисија. Притоа, професорите сега се оптужени дека тие ги хушкаат студентите  против измените во законот за високо образование затоа што се плашат од обврската за објавување на научни трудови во списанија со импакт фактор. Чиста манипулација. Се занемарува вистинскиот проблем –карактерот и дострелот на државниот испит, а се наметнува друг проблем. Притоа, не му е важно што во протестите против државниот испит никому не му беше пред вид ваквата обврска. Впрочем, таа и не е нешто ново. Таква обврска постои и во постојниот закон, но сега се актуелизира само за да се укаже на „гревот“ на професорите за да се замолчат. Играта е откриена. Можеби само недоволно инфромираните  ќе видат „аргумент“ за незадоволството на професорите. Меѓутоа, вистинските меѓу нив, со право бараат дебата (меѓу надлежните и заинтересираните) за проблемите на универзитетите и ако не им биде прифатен апелот се подготвени да се бранат со сите академски и граѓански средства. Уште понечесно е што во манипулацијата се употребува аргументација која не држи. За да се изрезилат домашните професори се презентираат споредби според кои македонските кадри објавуваат научни трудови во светски реномирани списанија речиси за десетпати  помалку од кадрите во Словенија. Се истура аргумент кој навистина убива, доколку и другите услови се исти. Но, условите не да не се исти, туку се далаку понеповолни и од тој аспект и помалкуто направено е повредно отколку што продуцирале словенечките колеги. Словенија за наука издвојува 2,8% од нејзиниот БДП, а Македонија само 0,22%. А никој не спори дека за научни истражувања се потребни многу поголеми средства. Очигледно е дека дури и да има смисла споредбата, таа не е соодветна во расправата за државниот испит. Со неа само се замаглува суштината на проблемот и се потврдува дека предлогот за државниот испит е брзоплето и несоодветно  решение за вистинските проблеми во високото образование. Од досегашните настани и изнесени „аргументи“ со голема веројатност се наѕира конечната разврска со контрапродуктивниот предлог за државниот испит. Голема е веројатноста и Собранието да изгласа измени на законот по мера на владата. Се очекува само да се види дали претседателот на Републиката проф. д-р Ѓорѓе Иванов ќе собере храброст да каже „не“ на контрапродуктивното решение за воведување на државен испит. Со тоа докрај ќе се тестира демократскиот капацитет во земјата, што е услов за унапредување на демократските процеси во земјата и за подобрување на  имиџот во странство. Во спротивно  ќе се потврди доминантната позиција на извршната власт во земјата, без можност за корективи во насока на нејзина контрола и демократизација на општеството. Д-р Крсте Шајноски  

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД