25 Април, 2024
0.0287

Скопје – регионален центар за ИКТ на Балканот (илузија или реалност)

Објавено во: Колумни 27 Април, 2021

Добивај вести на Viber

Оваа седмица, чинам, сме во последните денови на постите, и кај двата најголеми верски празници (Велигден и Бајрам). Оттука, најдобар вовед во писанието, за денес, ќе биде малку духовност. Потребна е за сите нас, ќе се согласите. Ако ги занемариме оние економските, ваквите писанија, имаат за цел, да не ослободат во енергетското поле, од стегите на негативизмот, особено во овие тешки времиња за духот. За таа цел, да споделуваме, барем мал дел на позитивна вибрација преку текстови кои се лесни за читање, а имаат позитивистички карактер. Во таа насока, често знам да се запрашам: Која е нашата суштина на делување?  

Таа е еднаква на длабоката желба која нѐ придвижува. Имено, да се има суштина на живеењето, на делувањето, значи да се има желба која ќе не придвижува. Каква ни е желбата, таква ни е и волјата. Каква ни е волјата, такви ни се и делата. На крајот, само делата ќе останат. Само тие ќе се паметат. Какви ни се делата, пак, таква е и судбината. Оттука, според мене, онаа народна реченица таква ми била судбинатане ја прифаќам. Зошто? Судбината е прилично предвидлива работа. Колку повеќе се обидуваме, толку таа е со поголема веројатност да се престори во дело. Во изминатите триесет и осум години, научив дека искушенијата се благослов, само, и само ако, растеме во духот. Во спротивно, ќе се чувствуваме како маргинализирани од системот, во целиот животен тек на нашето постоење. Поточно, сум на мисла, дека треба да се возвраќа на сите искушенија со љубов, без оглед на тоа, колку сме ние во право, за конкретната ситуација. Знам, ова звучи лудо, или би рекол, звучи помалку или повеќе религиозно, но како и да е, истото функционира ако дисциплинирано се применува. Ваквата методологија е многу тешка за реализација, особено во вакво општество како нашево, во кое, доминира изобилство на негативитет и просечност. Но, треба да се обидеме барем со малку од ова.

Пред петнаесеттина години, кога се имаше време, често читав литература со позитивна и мотивациска содржина. Од денешна гледна точка, можам да кажам дека во помал дел, врз мене, таквите постапки имаа влијание во субјективното расудување и оформувањето на духот. Од друга страна, пак, во поголем дел, таквото влијание го имаа успешните луѓе од индустријата наречена - банкарство. Практично, од нив, научив дека навиката да се работи повеќе од тоа за што сме платени е една од најдобрите особености за нашата суштина на делување (тука, пред се мислам на деловното делување). Имено, како не учеа во социјализмот „учи синко за да не работиш“, веќе не проаѓа. Една од „казните“ кои со себе ги носи еден член на Управата на банката или успешната компанија е неговата подготвеност да работи повеќе отколку што тоа може да го бара од следбениците. За жал на приватноста на индивидуите или за среќа на системот, тоа е цената на успехот. Така, треба да е и во државната администрација (но, за таму немам искуство). Знаете, германската филозофија на успехот е засновата само на три главни столбови, а тоа се: работа, работа и работа. И, нема друга филозофија на успехот. Неодамна, сретнав една теза на социјалните медии, која вели, а со право, дека - најмногу заработуваат оние луѓе кои целото време го трошат на продавање на надеж на безнадежните (читај: на неработниците и мрзливците). Кога велам, најмногу заработуваат оние луѓе, мислам на оние т.н. „гуруа“ кои не учат како да стекнеме лесни пари, а без работа, од некакви чудни системи т.н. „повеќе-левелски“ или системи за feedback на пари преку картички и сл.  

Кога сум кај германската филозофија на успехот, која е засновата само на три главни столбови, сакам да се осврнам, уште еднаш, на македонската економија во пост-ковид периодот. Тука, се поставува следново прашање: 

Каде се гледа македонската економија во стратешки рамки, после три години од денес? 

Прво, Скопје, како главен град, може, и треба, да стане лидер на Балканот или еден вид на центар за привлекување на млада работна сила од внатрешноста и регионот во ИКТ индустријата. Тука, пред сѐ мислам на можностите да се создадат предуслови, за тоа, како, да се привлечат големите меѓународни компании за дигитална трансформација и ИКТ, воопшто. При разговори со пријатели – менаџери, на една силна меѓународна компанија за дигитална трансформација, која, неодамна инвестираше тука, велат, дека во Скопје опстојува статистиката за предност пред другите главни градови во регионот, за привлекување на многу други меѓународни компании за ИКТ, поточно, за привлекување на свеж капитал од ИКТ индустријата. Тоа е така, поради ниските даноци кај нас, леснотијата да се преквалификуваат и до-квалификуваат младите лица за ИКТ технологии и прифатливото ниво за меѓународните компании, во поглед на трошоците за бруто плати (ниски за Западот, а високи за младите кај нас).

Од ова, можа да се насети или со други зборови, се наѕира новата стратегија на македонската економија и правецот на идните млади генерации. Неодамна, објавив дека сме среќни што Германците, за нашите млади, од oктомври, 2021 година, кои ќе се преквалификуваат и до-квалификуваат преку програмите за стручна едукација во нивниот Институт, ќе овозможат можности за вработување во реномирани интернационални ИТ компании. Имено, една од тие компании е веќе тука (од Јуни, 2021 година започнува со соработка во Скопје, а е во топ три најголеми светски компании за дигитална трансформација). Нека е „аирлија“. Името на компанијата, како ме информираа, ќе се соопшти наскоро, на почетокот на Јуни.

Според тоа, јас верувам, и сум силно убеден, ако, за три години од денес, стратегијата Скопје - регионален центар за информатичко-комуникациска технологија (ИКТ) за привлекување на странски капитал на големите меѓународни компании за дигитална трансформација, УСПЕЕ, тоа ќе предизвика силен ефект, во растот на платите кај младите лица, така што, тие ќе се вработуваат во целост, и на пазарот ќе се појави недостиг за таквите профили. Тоа, на крај, ќе предизвика подигнување на висината на платите од една, и развој на дуалните едукативни установи за ИКТ кај нас, со цел, до-квалификација и преквалификација на младите среднисти и дипломци, од друга страна. Конечниот ефект за нашата младина, би бил: германски плати со македонски трошоци за живот, тука во татковината.   

Второ, на мисла сум, дека има една стабилна и речиси сигурна индустрија за раст на домашниот бруто производ (БДП) покрај ИКТ, градежништвото и фабриките во зоните, а таа е ЗЕМЈОДЕЛСТВОТО. За таа цел, мора системот, и тоа многу брзо, со алатките на ПР и маркетинг да ја врати некогашната поствоена југословенска атрактивност на земјоделското селско стопанство од средината на 19-ти век (читај: времето на аграрните реформи на Тито). Сега, може да се чудиме, нели? Велам, да ја вратиме атрактивноста на земјоделското производство, а тоа значи дека младите лица треба да се свртат кон природата и селата во пост-ковид периодот.

Ова, на прав повидок звучи невозможно. Но, со лабавата претприемачка политика на кредитирање на банките, која, треба да биде поддржана и истакната, како опција за државен развој ќе се стимулираат гранките, како што се: селски туризам, развој на нови гранки во земјоделството (со особен осврт на одгледување на канабис за медицински цели), еко-туризмот и медицинскиот туризам за старите лица од дијаспората (старечки домови) и сл. 

проф.д-р Синиша Наумоски,

Директор на АБИТ и сертифициран професор за контролинг на германската високообразовна установа ХАЈДЕЛБЕРГ Институт во Скопје 


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок