Добивај вести на Viber
Ова лето од холанѓанките Сане ван ден Хеувел и Линда Порт е објавен првиот водич за пешачки рути низ Скопје.
Овој водич на англиски јазик нуди две прошетки низ градот, едната низ старата чаршија а другата низ центарот на градот. Skopje City Walk содржи и мапа на која се забележани двете рути како и многу други корисни информации.
Според авторките на водичот, Скопје е град кој заслужува да има ваков туристички водич, како и повеќето европски градови.
-Во Холандија скоро секој град има своја пешачка рута. Со таква брошура можеш на евтин и лесен начин сам да откриеш еден град. Во Скопје тоа до сега го немаше. За нас кои живееме во Скопје тоа и не е проблем, но за туристите е многу потребно и корисно. Особено затоа што градот нуди толку многу новости во рамките на проектот Скопје 2014. Затоа ја започнавме оваа иницијатива – велат тие.
Skopje City Walk чини 200 денари и може да се купи во Музејот на македонската револуционерна борба и во книжарницата Култура. Наскоро бројот на продажни места ќе се зголеми, а заинтересираните ќе можат да ја погледнат и дигиталната верзија на англиски и холандски јазик. Доколку постои интерес, водичот ќе биде преведен и издаден и на други јазици.