20 Април, 2024
0.0378

Скопска машка постојаност

Објавено во: Колумни 04 Август, 2018

Добивај вести на Viber

Кој држи и најмалку до себе, тука, нормално, со ризик да се предизвика отворена расправа со скопските феминистки, мораше да се придржува до неколку основни скопски постулати, преземени којзнае од каде. Море не постулати туку канони! Тоа важи за посилниот пол, се подразбира!?

По дифолт се подразбираше дека сопругата е таа, една и единствена, што ти ја дава судбината (ептем големи зборови), соседите ти се од Бога дадени, лотарија невидена-добри или лоши, поблиски од брат роден, кафеаната кај што одиш е навика-просто се знае кој каде седи и кога,од која трибина се гледа Вардар (или Работнички) на Градски.....

Но, две работи беа икони: берберот и кројачот. Се знае кој те шиша, поретко и те бричи, во подоцнежниот развоен период-и кој ти зема мерка (од куси пантолончиња, до матурско одело и до костум за пред матичар).

Стариот ме однесе на потстрижување кај неговиот бербер, мајстор Цоне, чиј дуќан беше во уличката кај хотел „Сплендид“ во близина на грчкиот конзулат. Цоне береберот беше интересно старче, со очила,доброќудно и остроумно. Првин го стрижеше татко ми, а потоа според неговите инструкции и мене (што покусо, за да не се доаѓа често). Оваа состојба траеше се до земјотресот, а и Цоне го зеде господ. Стариот мајстор го заменив со двајца, помлади, Таско и Геле од државниот береберски салон „Хигиена“ во строгиот центар, под Ристиќева (да не се губи многу време од корзото). Тие почнаа да се занимаваат со приватен бизнис, отворија фризерски салон во Карпош и заедно со нив дојдоа и муштериите. Потстрижувањето беше своевидна претстава-Таско навиваше за „Партизан“ и тешко тебе ако си за „Sвезда“.

Бесконечни беа муабетите на таа тема. Таско отиде, заедно со Геле, карши Воената болница и ние муштериите по него. Бербер не се менува, нели!

А не се менува ни кројачот. Сега е лесно со конфекцијата и со џинсот. Тогаш, во минатиот век, конфекциските броеви беа главно мали и тешко си нам кои бевме со поголем габарит, сакаш-нејќеш на кројач. И кројачот го наследив, само што него го посетував се до крајот на неговиот живот. Беше кројач со диплома, што би се рекло. Потекнуваше од салонот „Свинг“ што се наоѓаше на Орце Николов, некаде спроти сегашната бензинска пумпа.Салон од кој како мајстори излегле многумина шнајдери што ја диктираа машката мода во градот,а беше познат и по тоа што тука костум соши Боби Фишер(шаховскиот гениј) кој шие секаде каде што играа тогаш играше на супер силен „турнир на солидарноста“. Ќе заборавев се викаше Славе и беше од тетовските села, чинам од Вратница.. Еснаф со сите нишани. Главно ми шиеше панталони-од куси, кога бев помал, до долги, со манжетни или без нив, sвонарки или тесни, зависи од моменталната мода. Кога дојде време за костуми-е тогаш се почувствува неговата мајсторија. Погодувате, најпрвин се шие матурски костум. Тогаш, во времето на Битлси сакото беше со фалта, место шлиц со едно или две копчиња, тесни ревери и се разбира тесни панталони плитки и „уз нога“. Ќе ти земе мерка, па прва проба, втора и ако треба трета, фирцање и парање-се стрпливо и со потребната мирнотија. А муабетите, најчесто за секојдневјето и за минатото. Како било и што било порано. Кога е поубаво за живот. Дали во Вратница или во Скопје. Никогаш не ги прекина врските со родниот крај. На постари години доби шеќер и почна да работи со помал интензитет. Направи селекција на муштериите и мене ми се извини-бев каширан во првиот круг-шиев од „Рајка на Петка“ (израз за кој и денденес не знам што значи, а го употребувам за „ретко“). Го гледав се поретко, додека не го сретнав на новиот кеј на Вардар. Му викнав, ме позна по глас, зашто не можеше да ме забележи-кутриот ослепел и тука го носел синот на чист воздух и по некое време го враќал дома. Долго раскажувавме за се и сешто, како да знаевме дека веќе нема да се видиме. Славе, мајстор со педигре замина од овој свет. Немам сега кројач.

Немам ни постојан бербер. Таско еднаш ме одби да ме потстриже во сабота навечер, јас му се заканив дека нема никогаш да влезам кај него, а тој ми врати- „голема работа“. Јас човек од збор не влегов кај него, но си останав и без бербер. Ме стриже кој ќе стигне.

Кога требаше да се поправи часовникот-марка „Москва“,„Дарвил“ или „Сеико“ право кај семејниот саатчија Дојчин на корзо до„ Громби“.Тој е еснаф со градски шлиф-скопски.Одам секогаш кога можам, макар и на муабет(ако го затекнам у гужва не ме ни погледнува,а ако не шкрто одговара на мојата љубопитност знае многу луѓе и памти безброј настани).Го носам не знам по кој пат „Лонжинот“на стариот што го добил во Учителска како најдобар ученик и предводник на учениците што ќе берат бадник во1931-та година,остро ме погледнува и ме прекорува до кога ќe ме прашуеш на саатов не му е ништо,само е паднат и му бил скршен федерот и затоа ќе се навива напочесто(сум заборавил дека тој веќе го имал видено повеќепати)....заминувам засрамено,но и подналутено.....не сум бил одамна во дуќанот„Дојчиновски“.

Кога се кафеаните во прашање работата е деликатна дур не потпораснеш(читај ти никнат мустаци и не поднаучиш да пивнуваш) ќе вртиш околу нив како киша око Крагујевца,па некогаш ќе се смилува Јоле ќе ти даде некоја маса блиску до излезот на мириснеш нешто од Клубот на уметниците, од Боеми и Зора само мислена именка....Не знам како дојдовме до тоа да станеме инвентар кај Сута(Сотир Ѓонда) во Колонија(показаќе историја).Се здобивме со кредибилитет на постојани гости,а ние копуци еден-двајца работат, а останатите се гребат пијачка.Но тој превејан кафеџија ја почувствува нашата постојаност и припадност.Не прифати како негови.Од кај него заминав војник,кај него ги однесов кумот, старосватот и неколкумина другари по свечениот чин во Матично, се м,кневме во Конакот на падините на Скопска Црна Гора и уживавме во титулата постојани и добро услужени......

Сега немам ни постојана меана,на фудбал одам се поретко. Ништо од постојаноста или можеби така треба! Со годините на мажот и карактерот му попушта!

Mojсо Мојсовски

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок