16 Април, 2024
0.0230

Скопскиот леро

Објавено во: Колумни 20 Јануари, 2019

Добивај вести на Viber

„Секој град на наше море го има својот леро....“беше голем хит во 70-те .За појаснување,„леро“ е личност што сите ја знаат,но никој не знае ништо повеќе за неа од неколку реченици.Присутна е насекаде,но малкумина можат да потврдат кај спие,што јаде,од што живее,има ли некој свој на овој свет.

  Скопје имаше свои урбани херои што ги среќававме,слушавме најразлични приказни за нив.Тарзан,веројатно така наречен поради својата конституција ни беше некако прв пред очи затоа што се движеше и егзистираше околу дрвениот хотел Македонија,околу локациите каде што се стоеше во времето на корзото,околу Самоисхрана(првиот ресторан со самопослужување).Но,Тарзан ја отвораше и затвораше капачката сезона на Вардар.Секој момент го користеше за сончање и целодневен престој на брегот на реката што значеше и живот за градот.

  За големата армија навивачи на Вардар икона претставуваше Панче молерот или Унеско.Натпреварот ,се чини,не можеше да почне,ако на минута-две пред првата судиска свирка во одредена ложа на јужна не се појави тој,бурно поздравен со овации(потоа пред северна одреден гулабар од обична картонска кутија пушта цело јато гулаби да летнат и да направат неколку кругови над теренот,пред да се вратат во ќумезот, некаде, во нечиј двор).Се тврдеше дека со Вардар патувал на секој натпревар надвор од Скопје,а во меѓувреме во име на групата мајстори на четката преземал работа во кафеаната Победа,каде што секогаш имал своја маса.

За малку да го заборавам Зекуле!Огнениот навивач на чаирска „Слога“,но постојано се врткаше околу стадионот во градскиот парк,го имаше и на секојдневните тренинзи.Него,дури,и го цитиравме:Слога тепише Вардар,Вардар тепише Sвезда,Sвезда тепише Сантос,Слога светски првак...

Војо,што сите го нарекувавме Војо Жозефина се уште го среќавам одвреме- навреме.И тој се вртка најмногу околу парк-маало,а во времето на процутот на фудбалот во градот,ги изнесуваше и собираше мрежите на головите на градски што ги тресеа и бранеа нашите јунаци, за кои здушно навивавме и ги величевме скоро до небо.

Миле –паника е приказна за себе.Секогаш,најди го изгуби го,тој е во близина на музичарите во Кермез или Опатија,а неретко во Балкан бавча но и на терасата на Домот на градежниците.Мерак имаше да ги имитира членовите на „бендовите“,поточно со прирачни средства,блиску до нив ѓоамити свиреше,час на хармоника,час на кларинет или тарабука,на општо задоволство на гостите.

Димче губи корак или ти Димче л- б- дп се врткаше по улиците и на сечие барање изведуваше свој ритуал:два чекора напред ,еден назад...и така во недоглед,а кога беше посебно расположен на барање на бадијалџиите го повторуваше омилениот рефрен:никс сарма,никс брод(ќе да е нешто германски или така ми се чини).

За Бардак не знаевме ама баш ништо.Некои велеа дека бил водњанец што се отиснал по свет и по долги патешествија,главно како морнар,се укотви на брегот на Вардар.Пиеше без мерка,во секој дел од денот и ноќта,по малите бифиња во центарот,а до крајот на животот се добра до Мими,некогашна убавица и пријателка на ноќта,која го изгледа и го погреба, откако пијачката му ги зеде здравјето и бурниот живот.

На овој список на скопјани(маргиналци)што многумина ги знаат и спомнуваат недостасуваат уште имиња.Нивните дела се безначајни,никакви,но сепак се дел од урбаните приказни на Скопје.... 


Мојсо Мојсовски


Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Ерменија оди во прегратки на Западот – до каде ќе стигне?

Ерменија оди во прегратки на Западот – до каде ќе стигне?