Скопските стопанственици се запознаа со царинските олеснувања
Објавено во: Мои пари 27 Август, 2013
Во рамки на кампањата на Царинската управа за промоција на царинските олеснувања и поедноставените царински постапки, која трае веќе два месеци и се реализира низ поголемите градови на државата, денеска работилица на оваа тема се одржа во Скопје. На презентацијата која Царинската управа ја организира заедно со АМЕРИТ СИЗ Македонија Сообраќај, присуствуваа претставници на околу 90-тина компании од скопскиот регион.
Царинската управа ги промовира олеснувањата и поедноставувањата во царинските постапки со цел да се поттикне помасовно користење на олеснувања во спроведувањето на царинските постапки како што се стоково царинење на граничните премини, примената на поедноставените царински постапки и постапки со економски ефект, користењето на алатките во рамки на е–Царина, употреба на унапредениот ЕХИМ систем за издавање дозволи за увоз, извоз, транзит и тарифни квоти, системите за постапки со економски ефект, за увоз за облагородување и за електронска комуникација, но и погодностите од единствено поднесување на хартиени документи за сите постапки во Царинската управа.
Ова е шеста ваква работилница по одржаните во Штип, Струмица, Куманово, Битола и Гевгелија. Планирано е кампањата да заврши со презентацијата во Гостивар на 4 септември 2013 година.