10 Мај, 2024
0.0236

Слобода или демократија, почит или покорност?!

Објавено во: Колумни 25 Октомври, 2014

Добивај вести на Viber

Брзај, брзај учениче, кон училишниот двор, таму те чекаат наставници со добар и вистински збор..стихови малку видоизменети од песничка која наизуст ја пеевме уште во прво одделение. Ех кога ке си споменам што убаво беше кога ние си учевме, убаво во смисла на буквар, па се од почеток, од а што се вели. И се што почнува на а, секој синоним, имиња, животни, предмети, држави, ќе ти збоктиса од повторување, ама мораш да пишуваш и говориш а а а а......Повторувањето е мајка на знаењето ни велеа и во училиште, а нашите родители таа максима ја почитуваа безрезервно и ја практицираа во секојдневниот живот, тренирајќи на нас издржливост колку можеме повеќе тетратки по тесни и широки да испишеме. И се така по ред, цртавме и полжавчиња, коси и прави линии, крукчиња, облачиња, и што ли уште не, ама велеа така требало, да научиме да се ориентираме во просторот. Од денешен аспект воопшто не жалам, напротив, благодарна сум кога ја гледам развојната етапа во мојот образовно-воспитен систем. Благодарение на Букварот од кој ние учевме денес сме она што сме Денес, во едно совремие, по редот на нештата би требало да итаме со брзи чекори нанапред, да скокаме со кенгурски скокови во сите општествени сфери, вклучително и во образовните, та нели живееме во 21 век, во ерата на напредната технологија и во ерата на глобализацијата, на напредокот, на прогресот. И така би требало да биде ако се оди со реформи кои би биле плод на една сеопфатна национална образовна стратегија и резултат на една квалитетна лонгитудинална студија. Но доволно ви е само еден поглед врз учебниците кои се изучуваат како задолжителна литература, образовен курикулум, кој е дел од образовната стратегија и ќе видите дека нешто не штима, нешто ѕивка и шкрипи. Не е се подмачкано и под лупа, далеку е од посакуваното, доброто, правилното, едноставно кажано примарното образование-кое по дифолт треба да е клетка на секое образование, е разјадено и во одредени граници не правилно конципирано. Во една прилика говорев за Кембриџ и не сакам да се повторувам, само ќе потенцирам дека благодарение на Букварот од кој ние учевме денес сме она што сме, се изучивме, стекнавме титули и се етаблиравме во општественото миље. Рациото на еден тинејџер не е во можност да разрешува морални дилеми од типот -дали демократијата е иста со автократија Деновиве читам еден текст од учебник по граѓанско образование и не верувам на очите, повторно се навраќам и се прашувам себе си дали е шега, анегдота или пример како не треба да сфаќаме одредени поими. Преспивам и другиот ден повторно се навраќам на истиот дел и тогаш ми се разбрануваат мозочните ќелии и од внатрешноста на душата ми излезе вресок-па зар е можно тоа некој сериозно да го напишал, друг да го рецензирал, трет да го одобрил? Предмет - граѓанско образование, предмет кој треба да го предаваат социолози, мои дипломци, оние слободоумни, оние авангардни, оние толкувачи на најспецифичните општествени феномени. За да е трагедијата поголема токму тие небулози се учат во материјал кој треба јасно и гласно да ги појасни основните постулати на кои почива секое општествено уредување, да му даде на знаење на ученикот дека постои разлика меѓу демократија, автократија и анархија, да му укаже на елементите кои ги специфицираат овие облици на владеење, да го натера на мисла и размисла и да му помогне да научи самиот да формира и изгради став за различни општествени феномени. Да не е трагично ќе биде смешно, но во овој случај е траги - комично. Се мешаат уредувања, облици на владеење, човекови права и слободи, просто кажано се мешаат баби и жаби. И во таков случај не само што нема да има ефект од сознанијата кои ќе му се предочат на учениците, ќе се направи комплетна морална двојба кај адолесцентите, кои од една страна ќе слушаат и читаат за демократија во вистинска смисла на зборот, која е синоним за правда, честољубие и граѓански права и слободи, ќе слушаат за анархија како синоним за безредие, за автократија како специфика на тиранија и деспотизам, а од друга страна ќе им се сервира во рамките на суштински предмет поими кои апсолутно се спротивни едни на други, а се ставаат во ист ранг. Мозочето и рациото на еден тинејџер не се во можност да разрешуваат морални дилеми од типот-дали демократијата е иста со автократија, а таа слична на анархија, а за сите нив е битна слободата? Или дали во 21 век треба да имаш свое мислење, свој став, колку е добро тоа да го истакнеш или треба да бидеш потполно конформист и да веднееш глава и се согласуваш со се што ќе речат? Живееме во 21 век и да гушиш нечија слобода, да забрануваш индивидуален став кој е различен од мнозинството, не само што не е нормално, туку е и патолошко Трагедијата е поголема што овие поими, измешани и прикажани на недоличен и начин кој не соодветствува со совремие и општествен прогрес, се дел од еден наставен предмет кој треба да биде основа за правилно поимање на општествените проблеми, предмет кој треба да го изнедри мисловното, инвентивното и авангардното од младиот човек, и наместо тоа, во него се вткаени теми и поими кои апсолутно не соодветствуваат со вистинското современо живеење. Простете ми, можеби прегрубо ќе звучам, но идиотски е да го учиш младиот човек на молк, на премолчување на вистината, на согласување со се и по цена на губење на сопствената слобода и личното достоинство. Ало, па не живееме во мрачниот среден век, кога се било подјаремено, живееме во 21 век и да гушиш нечија слобода, да забрануваш индивидуален став кој е различен од мнозинството, не само што не е нормално, туку е и патолошко. Мојата маленкост не може да прифати такво поимање бидејќи основната, примарна цел на граѓанското образование е му ги всади на младиот човек знаењата за клучните и најзначајни општествени теми и проблеми, да успее да исполи од него своја визија и поглед на одреден општествен феномен, да го натера на мисла и размисла и на формирање на став за секое општествено прашање, а никако подјаремен послушник кој само немо ќе слуша и во знак на согласување ќе прави одредени инфантилни гестикулации. Такви млади луѓе не се потребни на ова општество, а уште помалку е требна таква ука. Она што е насушна потреба во овие мигови е ревидирање на содржините на предметите и изготвување на програми кои на тој благороден и хуманистички ориентиран предмет ќе му го вратат сјајот кој му припаѓа и на пиедесталот ќе се врати суштинското-учење за демократијата, толеранцијата, почитта, доблеста, правдољубието, честа....само така ќе можеме да ги научиме младите вредносно и морално да си го најдат сопственото место под сонцето. Д-р Татјана Стојаноска Иванова Институт за социологија Филозофски факултет - Скопје    

Можеби ќе ве интересира

Путин почнува нова шестолетка

Путин почнува нова шестолетка