Добивај вести на Viber
Притвор во траење од 30 дена притвор изрече судот за претседателот на управниот одбор на „Машинопромет“, Мирослав Шиповиќ и актуелен претседавач на советот на општина Центар. Притвор добија уште седум други лица приведени во акцијата „Претседавач", а дома се пуштени четворица од приведените со тоа што им е одземен пасошот и треба да се јавуваат во суд секој месец. Станува збор за двајца членови на управниот одбор на „Машинопромет“, претставник на надзорниот одбор и вработена во УЈП.
Полицијата синоќа поднесе кривична за вкупно 12 лица кои се осомничени за криминал во Машинопромет. Ги сомничат за злоупотреба на службена должност, непочитување на судските решенија и противзаконско отуѓување на имот, како и дека ја оштетиле фирмата „Машинопромет“ за 64 милиони денари, односно државниот буџетот за 14 милиони денари.
Акцијата и притворот на првоосомничениот Шиповиќ, ги разгоре тензиите меѓу двете партии од власта и опозицијата кај чии советници во Центар постои силна тензија.
Од ВМРО ДПМНЕ велат дека ниту една партиска функција нема да го амнестира претседателот на Советот на Центар, Мирослав Шиповиќ или било кој друг политичар од вина за учество во криминал.
„Тоа што ние и колегите од СДСМ сме советници во Општина Центар не не прави различни и не ни дава имунитет за извршување на кривични дела или за изземање од кривични постапки во кои постои основано сомнение" изјави Томислав Лазаров, координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Центар.
Според него аргументот на Жерновски и на СДСМ дека на овој начин се сака да се добие мнозинство во советот на општина Центар е неодржлив и неоснован.
„Мирослав Шиповиќ е централна фигура во афера во која сомневањата се дека тој како претседател на Управниот одбор на Машино промет преку претходно организирана група проневериле околу милион евра. Оттука СДСМ како негова матична партија треба да му наложи на Шиповиќ веднаш од морални причини да си поднесе оставка и Државната изборна комисија да го именува за советник следниот од листата на коалицијата предводена од СДСМ. Секој друг обид да се протне било која друга теза е чиста манипулација" изјави Лазаров.
Пратеничката Радмила Шеќеринска од СДСМ пак вели дека исчезнаа уставните начела дека секој е невин додека не се докаже спротивното, односно сите сме виновни ако тоа го објави полицијата.
„Ние сметаме дека ова сериозно ја бутка Македонија во нови лоши сценарија и ги разгледуваме сите опции и на локално и на државно ниво, за да се спротивставиме на ова брутално превземање на секој инструмент и секоја власт која што постои во државата. ВМРО-ДПМНЕ се фали дека опозицијата победила во мал број општини. И тие не можат да ги издржат да бидат раководени од опозицијата. Зад сево ова стои страв. Страв дека целиот криминал поврзан со Скопје 2014, поврзан со криминалните интереси на бизнис елитата на ВМРО-ДПМНЕ ќе излезат на виделина,“ смета Шеќеринска.
Опозицијата во општина Центар победи по три прегласувања за време на локалните избори. Од МВР пак тврдат дека не се селективни, функциите не им значат туку гледаат дали функционерите го почитувале законот или работеле спротивно на него.