25 Април, 2024
0.0273

СМЕЛОСТА НА НАДЕЖТА ЗА СОВРЕМЕН МАКЕДОНИЗАМ

Објавено во: Колумни 30 Ноември, 2021

Добивај вести на Viber

Во еден телефонски разговор, на 26-ти месецов, колегите-професори од Хајделберг ме информираа дека е постигнат договор за нова влада, за прв пат, со трипартитна коалиција на социјалдемократите (СДП) на актуелниот министер за финансии, вицеканцелар на Германија и идниот нов Канцелар Олаф Шолц; партијата на Зелените; и либералите (ФДП) на Кристијан Линднер. Имено, ваквиот договор е резултат на повеќенеделните коалициски разговори, кои, за прв пат ќе владеат заедно во тројна коалиција. Оттука, станува јасно дека Германија ќе има силна и стабилна влада во наредните 4 години, а во зависност од случувањата внатре во ЦДУ, таа влада, како што кажуваат некои влијателни личности таму, може да трае и до два мандати. Но, секако, ова се предвидувања и анализа базирани на субјективни тези. Најважно е тоа што, многу порано од предвидувањата, Германците се договорија. Тоа, секако ќе има позитивно влијание и на случувањата кај нас. 

За новиот Канцелар

Како што веќе знаеме, Олаф Шолц, кандидат на Социјалдемократската партија на левиот центар, ќе биде следниот канцелар на Германија. Имено, тој доаѓа на местото на Ангела Меркел, која ја водеше Германија 16 години. Неодамна, како што напишав за „Фактор“, на средината на август, ако не се лажам, во интервју за Дојче Веле (DW), тогаш како второпласиран на анкетите, актуелниот заменик-канцелар и министер за финансии, Олав Шолц се истакнуваше со неговиот борбен дух.Тогаш, во насока на изборите истакна: „Сакам да станам канцелар, за тоа се бориме”. Тоа, според мене, беше една од силните пораки за достигнување на потребното - СПД да биде пред Зелените. Така и се случи. Исто така, како негова карактеристика во јавните настапи, може да се забележи јасностa во изразување на личните принципи. За таа цел, тој често знаеше да истакне еден важен принцип, во кој, и нас како држава не задира, а вели: „Во моите принципи јасно стојам зад одговорноста на Германија во рамките на трансатлантското партнерство НАТО“. Од ова, сум на мисла дека за македонските надворешни односи, вреди да се обележи принципот на Шолц, во поглед на политиките на Европа кон Истокот. Имено, тој смета дека Европа и Русија треба да се вратат на критериумите на ОБСЕ, односно дека тоа подразбира транспарентност и посветеност од двете страни кон неменување т.е. насилно поместување на границите во Европа. Имено, ќе се забележи едно ново мото во неговата политика, кое гласи: „Потребна ни е нова политика кон Истокот, но со примена на владеење на правото“.

Важно за македонските граѓани!

Согласно договорот за нова влада, за прв пат, со трипартитна коалиција на чело со идниот Канцелар Олаф Шолц беше дадено ветување за промена на законите во контекст на германското државјанство и миграциите. Со тоа, новата стратегија „Германија 2021-2025“ ќе биде во радикалната промена на политиките за миграција и интеграција или ако милувате со други зборови, стратегија на Германија за трансформација во модерна доселеничка земја. Ова, на некој начин може да се разбере како ветување на новата влада во Германија, кое, освен за граѓаните на ЕУ и Швајцарија, дозволува двојно државјанство за доселениците Македонци со забрзување и поедноставување на барањата за дозволата за престој и работа. Оттука, сум на мисла дека во оваа мерка на новата влада има добра и лоша работа. Ајде прво лошата: „многумина“ млади ќе станат дел од нашата дијаспора. Додека, пак, добрата е: нема потреба да се вади пасош од соседна земја членка на ЕУ. Во насока на тоа, се поставува следново прашање: Што е мотивот за ваквата драстична промена во рестриктивната политика на новите власти во Германија?

Секако, одговорот е содржан во реченица, како дел од извештајот на германскиот институт за истражување на пазарот на трудот, а која вели: „И натаму на Германија и требаат работници“. Имено, во студијата, покрај другото се наведува дека на земјата и се потребни близу половина милион работници годишно за да успеат да одржат постојан број на луѓе вработени на пазарот на трудот. Практично, поради намалениот наталитет од една, и растот на економијата од друга страна (кој бара нови работници), во Германија за 15 години ќе има намалување на работниците од сегашните 47 на 44 милиони лица. Оттука, ако се потпираме на оваа анализа, може да гледаме оптимистично. Како?

Еве една теза:

Ако, во наредните 15 години, германската економија продолжи да расте силно, а ќе расте; ако, ние како македонска економија продолжиме со мал раст, толку, колку што можеме (читај: 2, 3 највеќе 4 отсто на БДП), згора на тоа, ако сме сѐ уште заглавени во историските проблеми со соседите и преовладуваат нестабилни состојби, тогаш, ајде да ја смениме државната стратегија во согласност со стратегијата „Германија 2035“. Имено, тоа подразбира дека треба да лобираме кај германската влада и стопанствениците, таму, недостатокот на работници и квалификуван кадар во износ од 400.000 лица на годишно ниво, да го бараат со трансфер на бизнисите, тука, во земјите од Западен Балкан, кај нас. За таа цел, потребна е силна ВЕРБА и консензус од политиката, дури и тогаш кога процесите се обратни, неповолни за нас (читај: се иселуваат нашите граѓани во тамошниот систем). Логично, денес, како што ни се поставени работите, преовладуваат состојби на неповолни процеси, поточно, процеси во насока на иселување на младите лица во Германија. Со новата политика на тамошните власти, тоа ќе доведе до експанзија. Се поставува прашањето: Што тогаш?

Одговорот лежи во „мудроста на Израел“. Не случајно, сум запишал неколку пати дека  тие ја негуваат една од најсилните врски помеѓу жителите Евреи во државата Израел и сите останати Евреи во дијаспората. Повторувам, еврејската врска со дијаспората е основата на многу успеси на државата. Таа врска со матицата земја, тоа чувство на патриотизам, современ - да се вложи во државата Израел, да се биде секогаш тука во Тел Авив, во Ерусалим, да се враќаат парите од надвор, а обединети сите заедно, е поголем патриотизам од се друго. Ете, тоа е мудроста на државата Израел, а алатката за оваа мудрост лежи во создавањето на еден нов правец во нашите размислувања т.е. смелоста на надежта за современ македонизам. Но, би рекол за нас Македонците, многу тешко е да размислуваме на начинот, на кој, тоа го прават Евреите.

Во Германија, колегите ми велат: „Што подразбираш под современ македонизам? Што ќе направиш во таа насока?“ За таа цел, подолу, еве еден пример:  

Ако, во извештајот на германскиот институт за истражување на пазарот на трудот се вели дека од 7.500 анкетирани претприемачи во Германија, близу 70 отсто се изјасниле дека не можат да најдат доволно квалификувани работници; Ако, само во 2020 година, германските претприемачи се изјасниле во повеќе од 50 отсто дека имаат проблеми при пополнување на работните места со академски образовани луѓе или секоја четврта компанија во Германија има недостиг на академски образовани луѓе; Тогаш, ќе го вложам секој атом на сила, со цел да помогнам да се образоваат дел на македонски млади генерации со германски дипломи по реални балкански трошоци. Тука, во Скопје. На тој начин, тие ќе се интегрираат високо во системот во Германија, за после една декада, истите, да се вратат дома и да го обликуваат македонскиот систем налик на германскиот. На тој начин, кај младите Mакедонци ќе опстојува надеж за промена во начинот на размислување и карактерните обележја. Исто така, со тоа ќе се влијае во напорите и постапките за привлекување на нови компании од Германија.

„Но, некако знам дека само тогаш кога е доволно темно можете да ги видите ѕвездите.“ - Мартин Лутер Кинг Јуниор

P.S. Велат дека работите што ги правите за себе ќе исчезнат кога ќе исчезнете и вие, но работите што ги правите за другите, ги оставате како наследство.

проф. д-р Синиша Наумоски,

Претседател на Академски совет во АБИТ и контролинг професор на ХАЈДЕЛБЕРГ Институт во Скопје 


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД