Со мобилни пунктови и бесплатни прегледи против топлотниот бран
Објавено во: Мои пари 24 Јули, 2013
Откако стигна најавата за топлотен бран кој од утре ќе ја зафати земјава, со цел заштита на здравјето на граѓаните од Министерството за здравство почнаа со акцијата за бесплатни превентивни прегледи кои ќе се прават на повеќе пунктови во Скопје.
Овие места ќе работат од 18 до 21 часот, еден статичен пункт ќе стои во Градскиот парк додека два мобилни пункта ќе ротираат во општините.
Пунктовите ќе служат за информирање на граѓаните, ќе добиваат препораки за здрав живот и ќе може бесплатно да измерат крвен притисок. Ќе се делат и брошури со препораки за заштита од топлотен бран.
Како што соопштија од ресорното министерство, само лани во Скопје во екот на жештините помош побарале 10 илјади лица.
Исто така според препораките, Министерството за здравство препорача да не се излегува надвор од 11 до 17 часот, да се носи лесна облека и да се пие многу вода.