Со „Охридска софра“ охриѓани годинава ќе ги испраќаат туристите
Објавено во: Мои пари 20 Август, 2013
Со голем собир охриѓани оваа година ќе ги испраќаат туристите, каде што ќе бидат подготвени сите охридски специјалитети и пијалаци и тоа пред очите на посетителите кој ќе можат да гледаат како се припремаат специјалностите од охридската кујна. Настанот, именуван како „Охридска софра“, ќе се одржи за прв пат на 24-ти август, во селото Скребатно, во атарот на манастирот „Св. Богородица“, а има тенденција да прерасне во традиција. Собирот се надоврзува на традиционалната ѓомлезијада која оваа година ќе биде збогатена со питулици, комади под сач и други надалеку познати охридски специјалитети. Предвидена е музичка програма на која ќе настапат охридски чалгии и етно-џез групата „Љубојна“. Надлежните се задоволни од оваа туристичка сезона и тврдат дека била успешна. Според нивните податоци под Самоиловата тврдина годинава имало 10 отсто повеќе гости во споредба со лани.