Добивај вести на Viber
Оние кои со автобусите на ЈСП сакаат панорамско разгледување на Скопје, ќе се возат по нов возен ред. Како што информираат од ЈСО, отсега наместо од 17 часот, втората тура ќе тргнува во 13 часот од старата локација - Портата Македонија. Првата тура останува во 11 часот.
„Додека има сонце ќе вози панорамскиот автобус, а потоа ќе ангажираме некој од затворените двокатни автобуси. Има прилично голем интерес за стандардната тура низ градот. Повеќе граѓани, бизнисмени, фирми се јавуваат и за 6.500 денари ја закажуваат истата маршрута и надвор од предвидените термини во 11 и 13 часот“, појаснува директорот на ЈСП, Мишо Николов за Утрински весник.
Рутата на движење засега останува иста, од улицата „Димитрие Чупоски“, по „Св. Климент Охридски“, покрај Соборниот храм, Владата, Калето и назад кон Порта Македонија. Сепак, открива Николов, се размислува за воведување линија која би ги вклучила Аквадуктот и Скупи, или посетата на Матка.
„Но, не сме сигурни и не знаеме дали воопшто ќе има интерес за такви редовни линии. Затоа овозможуваме релации по желба на граѓаните“, вели Николов.
Пред неколку дена Скопје ја доби наградата „Градски трофеј 2013“, која секои две години ја доделува Меѓународната унија за патен транспорт (ИРУ) за градските политики за одржлив транспорт, мобилност и ефикасен јавен превоз во полза на туризмот.
Заедно со Скопје, во првата петорка се нашле и градовите Малме, Ковентри, Ливерпул и Виена.