Добивај вести на Viber
Новите измени во законот за лекови и медицински помагала како и инструментот паралелен увоз на лекови треба да ја зголемат конкуренцијата и да обезбедат поевтини лекови. Измени има и во делот на документите што треба да се достават за добивање одобренија, за првпат ќе се воведе паралелен увоз и кај медицинските помагала каде што клучен ќе биде сертификатот за сообразност за гарантиран квалитет на помагалото.
„Со законските одредби за паралелниот увоз на лекови сакаме сериозно да ја олесниме процедурата за паралелен увоз, без притоа да влијаеме негативно на позитивната поставеност на системот досега. Во групата на држави од коишто може да се врши паралелен увоз се додаваат и Русија и Турција“, рече Тодоров на јавната расправа.
Според Драган Конески, претседател на Асоцијацијата на увозници на иновативни фармацевтски компании, може да се појават повеќе проблеми при паралелниот увоз.
„Со паралелниот увоз може да се јави проблем со фалсификати на фармацевтскиот пазар, што директно би довело до ситуација граѓаните да се изложат на ризик по нивното здравје. До јуни 2013 во ЕУ Интерпол има заплането 11 милиони лекови, а два милиони во Турција“, смета Конески.
За Тодоров пак паралелниот увоз е добивка и внесување здрава конкуренција.
„Како резултат на ова очекуваме да се намалат определени цени, да се намалат трошоците и да се ослободат пари коишто ќе може да се релоцираат за други продуктивни трошења“, истакна министерот.