20 Април, 2024
0.0289

Со секоја изјава за јавноста ректорот тоне во „жив песок“

Објавено во: Колумни 26 Јули, 2014

Добивај вести на Viber

Со обвинувањата на Ректорот на УГД дека кандидатите  не ги познаваат прописите за избор во повисоки звања, самиот покажа огромно непознавање на позицијата на Универзитетот во општеството, на улогата на Ректорот и на неговите ингеренции во однос на членките на Универзитетот. Со секоја нова изјава за јавноста Ректорот тоне во „жив песок“ од кој може да се извлече само со признавање на направените грешки во постапката за избор и со преземање на мерки тие да се надминат во согласност со законските прописи и решението на Државниот просветен инспектор. А тоа може да го направи само ако ја признае сопствената заблуда за неговата „немоќ“ да се меша во изборот на кандидатите во повисоки звања. Факт е дека тој не може да ги избере (и никој не му го бара тоа), меѓутоа, должен е да обезбеди доследно спроведување на законските одредби за избор во повисоки звања и да сопре недемократски и самоволни однесувања на членовите на Наставно- научниот совет (ННС). Предлозите од рецензентите не смее да се допушти да се отфрлаат од чист ќејф на поединци. За нивно отфрлање   треба да се презентираат контра аргументи по сите основи по кои рецензентите дале позитивна оценка.  „Голото гласање“ против значи деградирање на трудот на редовни професори (поради што, понатаму, тешко е дека некој ќе се нафати да биде член на рецензентска комисија). На ова треба да ги предупреди Ректорот, а за непочитување на законитоста има и „алатка“-тој го избира и разрешува деканот.

Нечесно е кога инсистира дека тој се залага за законско решавање на проблемот, а самиот предложи решение (избор на комисија која ќе ги рецензира Рецензентските комисии), што во оваа постапка, е нонсенс и незаконско решение со кое се руши утврдената постапка за избор во повисоки звања. Тоа само покажува длабоко непознавање на правната материја со која се регулира постапката за избор и недопуштено потпирање врз силата на неговата позиција, а не врз остварувањето на утврдените критериуми за избор во повисоки звања.

Во недостиг на вистински аргументи Ректорот паушално не обвинува дека не сме ги  искористиле правните можности за решавањето на проблемот, туку веднаш сме пристапиле кон примена на крајното средство во одбрана на своите законски права. Не сака да признае што се’ е сторено од наша страна само за да не дојде до „уривање на угледот на Универзитетот“. Имено, милува да обвинува  без аргументи, а останува глув на нашите укажувања. И она што е исклучително важно  е дека ние сеуште не сме добиле ни одлуки од ННС за неизборот за да можеме да ги искористиме правните средства за наша одбрана. Соочени сме со видлива манипулација, без приговори да помине рокот од шест месеци (2 август) во кој треба да заврши постапката за избор, а потоа се објавува нов оглас за избор.

Чиста манипулација е и изјавата дека  бараме од Ректорот да изврши наш избор во повисоки звања. Повеќепати јасно имаме укажано дека тоа не го очекуваме од него . Бараме да обезбеди спроведување на решението од Државниот просветен инспектор да се испочитуваат законските одредби за избор во повисоко наставно- научно звање, во кои пресуден е предлогот на рецензентската комисија, а спротивставените мислења да се аргументираат, како што рецензентите го поткрепуваат својот предлог.

Круна на несфаќањето на сопствената позиција на Универзитетот е изјавата на Ректорот за една од телевизиите во Македонија дека од него не треба да се бара решение за проблемот, бидејќи тој е „медијатор“ за да се најде решение, со поттекст за маргинализирање на неговата улога во решавањето на проблемот. Превидува (само тој знае зошто) дека „Ректорот   е одговорен за законитоста и статутарноста на работата на Универзитетот и на единиците во неговиот состав и има право и должност да запре од извршување, односно да укине акт на нивните органи, за кој смета дека не е во согласност со закон, статут, општ акт или одлука на универзитетот“ (чл.55 од законот). А професорите бараат законито решавање на настанатиот проблем.

Депласиран е стравот на Ректорот дека ваквиот штрајк  може да  стане преседан за нови штрајкови во иднина, ако некој не биде избран во повисоко звање. Никој нема да бара повеќе отколку што ќе му определат компетентни рецензентски комисии. Поголем е стравот за иднината на Универзитетот доколку и во иднина, без аргументи, се сопираат кандидати да напредуваат во кариерата при чисти досиеја, како што се на постојните доценти. Затоа е тука Ректорот да ја обезбеди законитоста.

Доказ за неразбирањето или несакањето да се разбере постојната ситуација е изјавата на Ректорот со која се дава политичка димензија на случајот, за да се подигне на повисоко ниво, а со тоа и полесно да го оправда своето неработење. Тој „откри“ дека на економскиот факултет постојат две групи и  нивната „меѓусебна борба“ ја стави во контекст на некакво прегрупирање на  Универзитетот пред изборите за нов ректор, кои треба да се одржат за неколку месеци.  Притоа воопшто не го прокоментира суштествениот факт,  дали групите се творечки или деструктивни, дали се во функција на унапредување на односите во институцијата или се подложни на слепа послушност кон самоволни луѓе подготвени на манипулирање заради остварување на сопствени цели. На која група се приклонува тој кога ги повикувал и насочувал сите   членови на ННС  за да гласаат против тројцата професори?

Од досега реченото очигледно е дека нема ни тронка политика во нашата „борба“. Сомневањето во нашата намера не е ништо друго туку само барање партиско политички заклон од страна на Ректорот за својата неподготвеност, притоа не ми е јасно како не внимава дека со арогантноста и самоволието кое го презентира во јавноста им се прави штета на тие од кои, со политизирање на случајот, се бара поддршка и заштита.   Крајно време е Ректорот да сфати дека најдобра препорака и поддршка за неговиот повторен избор ќе  биде законското решавање на проблемот кој самиот го произведе.

 Доц. д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок