28 Јуни, 2024
0.0268

Социјалните мрежи – „мегдан“ за препукување во изборна кампања

Објавено во: Анализа 27 Март, 2014

Добивај вести на Viber

Остри критики, коментари на поддржувачи на одредени политички партии, честопати и вулгарни статуси, кои во изборен период добиваат политичко-етничка димензија. Социјалните мрежи, велат експертите стануваат мегдан за слободно “препукување”. Овде е, велат, полесно честопати под превезот на анонимноста, да се “отвори” душата па да се каже сè в лице. Омразата според експертите, без разлика дали истата е од политички, етнички, или кој било друг општествен мотив не треба да биде гледана како слобода на говор, туку како криминал. Но, како да се искорени? Социјалните мрежи, според Дејан Георгиевски, претседател на Центарот за развој на медиуми, станаа вентил преку кој луѓето изразуваат ставови кои не сакаат или не би можеле да ги изнесат преку традиционалните медиуми. Секако тука, според него, придонесува фактот што традиционалните медиуми не промовираат дебата за значајните прашања од интерес за јавноста и за општеството во целина и се повеќе стануваат преносители на идеолошки или пропагандистички пораки, односно не им даваат простор на оние што мислат поинаку или не се согласуваат со носечката порака.
“На социјалните мрежи правилата за водење на јавен дискурс се многу полабави, често практично излегува дека и ги нема и зависат, пред сè, од личната етика, од тоа што секој од нас мисли за тоа што е добро, а што не; што може, а што не. Интернетот генерално е проблематичен на тоа поле-состојбите во одделите за коментари се уште полоши, на пример –затоа што нуди можност за анонимно коментирање и постирање и тоа секако наголемо се злоупотребува. Освен тоа, луѓето не сметаат за потребно било какво тврдење што ќе го изнесат на социјалните мрежи да го поткрепат со факти”, вели Дејан Георгиевски од ЦРМ.
Вистинска контрола тешко може да се воспостави, затоа што ниту една од социјалните мрежи не е домородна, не е создадена во Македонија и “контролните табли” се надвор, некаде во светот. Тоа од друга страна, според експертите, често и се злоупотребува, со неоправдано обвинување на противниците во расправата за непримерно, непристојно однесување, а за администраторите на социјалните мрежи, некаде во странство, најлесно е да донесат арбитрарна одлука и да укинат нечиј профил без премногу аргументација.
“Младите знаат да препознаат обид за манипулација со нив и со нивното право, тие не се толку ранливи како што вообичаено се претпоставува. Сепак се работи за медиум со кој се израснати и добро ги препознаваат обидите за манипулација, пропаганда и слично. Она што најверојатно е проблем на тоа поле е што и младите не можат да се отргнат од целокупната состојба во македонското општество, ги прифаќаат обрасците на однесување на возрасните и постоечките линии на поделба во општеството па така и самите се однесуваат”, додава Георгиевски.
Она што недостасува кај нас, според комуникологот проф. д-р Весна Шопар од Високата школа за новинарство и односи со јавноста, се анализи дали и колку особено во изборен па и предизборен процес е присутен говорот на омраза и дали во континуитет се води негативна кампања. Според неа, таа негативна кампања ја измислија Американците, но тие ја надминаа. А ние?
“Нас таа негативна кампања не следи со години, се вади на површина најцрното и најлошото за политичкиот конкурент. Недостасуваат анализи за говорот на омраза. Тоа е едната димензија. Социјалните мрежи се другата димензија - присутен е говорот на омраза бидејќи на сите чинители им се чини дека тоа е идеално место да можат слободно да “плукаат” по етничка, религиозна, политичка основа. Тука прикриеното излегува на површина. Дали и колку ќе се амортизира е прашање, бидејќи живееме во политичко време кое несомнено го потикнува тој начин на комуникација. На социјалните мрежи не ме изненадува и во изборната кампања да е присутен говорот на омраза. Во основа се врзува со политиката и претходно го имаше уште повеќе. Во битка да се освојат гласови продолжува тој тренд”, вели проф.д-р Весна Шопар.
Според неа, во отсуство и неможност да се користат стандардните медиуми, се прибегнува на овој начин на комуникација. Приказната се сели во друга сфера, интернет портали и сл. На тој начин само дел од граѓаните ќе се информираат, бидејќи бројот на корисници кои оперираат со овој медиум е мал. Овие медиуми како нови кои го освојуваат светот е прашање колку целосно ќе допрат до ушите и очите на повеќето граѓани. Овде вели, полесно се комуницира бидејќи во овој свет има можност за анонимност и со лажен идентитет да делувате слободно, што пак дава слобода на изразување да се искаже мислата и отворено да се зборува. Но тука има друг проблем. Не се знае чии се тие ставови и мислења и претпоставуваме дека во таква ситуација може да се создаде лажна слика и да се добие неверодостојна информација. Говорот на омраза на социјалните мрежи честопати бил тема за отворени дебати и на невладиниот сектор. Но многу малку младински организации спровеле активности кои ќе го детектираат или елаборираат овој проблем, како пред врсниците така и пред надлежните. Фондацијата „Метаморфозис“ заедно со Младински образовен форум спроведе истражување „Млади и медиуми“. Истражувањето е спроведено во 11 земји од регионот, а ги претставува состојбите околу младите и медиумите вклучувајќи 1734 млади, 65 медиуми, 37 младински организации, медиумски организации и институции. Дел од истражувањето ја обработува и темата околу говорот на омраза и критичкиот пристап кој го имаат младите соочувајќи се со истиот во медиумите. Според истражувањето голем дел од младите одговараат дека при примање на содржина од медиумите помислуваат дека таа има за цел да навреди одредена група на луѓе и дека може да одредат кога станува збор за говор на омраза.
„Најголем дел од младинските организации никогаш немаат спроведено активности кои се во насока на објаснување или деконструкција на говор кој е двосмислен и говор на омраза. Според медиумските организации младите ретко се во можност да идентификуваат говор на омраза. Од друга страна младите во прашањата наменети за оваа тема, во голем процент одговараат дека тие понекогаш (32%) или често (39%) помислуваат дека одредена содржина содржи говор на омраза. Тие исто така наведуваат дека често идентификуваат содржина која според нив има за цел да навреди одредена група на луѓе”, вели Филип Стојановски од Метаморфозис.
Говорот на омраза на македонскиот интернет според досегашните истражувања на Фондацијата Метаморфозис, е присутен по сите основи кои се наведени во дефиницијата на Совет на Европа. Тој ги опфаќа сите форми на изразување, што шират, поттикнуваат, промовираат, оправдуваат расна омраза, ксенофобија, антисемитизам или други форми на омраза засновани врз нетрпеливост вклучувајќи и нетрпеливост изразена преку агресивен национализам и етноцентризам, дискриминација и непријателство кон малцинствата, емигрантите и лицата со емигрантско потекло. Професорот Владо Димовски од Центарот за меѓуетничка толеранција вели дека говорот на омраза на социјалните мрежи тешко ќе се намали, а камоли да се искорени. Меѓуетничките пресметки се главна тема на социјалните мрежи и тука смета дека никој ништо не може да направи. Според Димовски, кој долги години работи во основно училиште со мешан етнички состав, искуството говори дека социјалните мрежи биле, се и ќе бидат мегдан за говорот на омраза, бидејќи има голем број на лажни профили или “скриени зајаци” кои задоени со национализам се кријат зад некои псевдоними или други измислени имиња.
“Социјалните мрежи моментално одговараат на властодршците од причини што имаат цела машинерија која деноноќно ги следи сите случувања на социјалните мрежи и веднаш за коментарите што не им се допаѓаат се впуштаат во безобразни полемики. Граѓаните кои сакаат да го кажат своето објективно мислење веднаш се нарекувани и навредувани со погрдни и вулгарни зборови така што се откажуваат од понатамошни коментари. Единствениот лек за ваквите небулозни коментари би била забраната на вакви содржини и коментари на социјалните мрежи, како на пример во Турција, но овде тоа не може да се реализира затоа што тоа е алатка на власта за перење мозок на граѓаните”, вели професорот Владо Димовски.
Повеќето експерти кои работат на ова поле укажуваат дека кај нас, покрај на основа на етничко или национално потекло, специфично се шири говор на омраза врз основ на социјален статус, идеолошка или партиска припадност или симпатии, како на родова основа или врз основ на сексуална ориентација. Се појавуваат и комбинации со географскиот аспект, на пример стереотипизирање и дискриминација врз основ на место на живеење, студирање. Во време на избори според експертската јавност, настанува дополнителна поларизација поради зголеменото ниво на пропаганда, а младите и децата се честа жртва на ваквите обиди на влијание, кои ги усвојуваат и имитираат тие начини на однесување, чиј краен резултат е градење став дека насилството и омразата се нормална работа и дел од „решението“ за низа општествени проблеми. Б.С.