Нова генералска „жетва“ во Украина
Објавено во: Колумни 25 Јуни, 2024
Војната во Украина и
натаму ескалира. И двете страни користат оружје од кое се’ повеќе страдаат
цивилите. Од двете страни велат дека целта на воздушните напади се воени
објекти. Оружје има премногу. И додека го има тоа ќе зборува. САД и Западот ги
интензивираа испораките што се гледа секојдневно со бројните напади врз цели на
руска територија. Русија, пак, не останува должна и покажува дека нејзината
воена индустрија работи со полна пареа.
По мировната конференција во Швајцарија рускиот претседател, Владимир Путин замина во Северна Кореја и во Виетнам. Во Пјонгјанг беше потпишан договор со кој обете страни ќе си помагаат во случај на агресија врз едната од нив. Секако, има работи за кои не се зборна јавно, но во прашање е и воената соработка.. Путин два дена беше и во Виетнам. Таму се потпишаа неколку договори, кои беа објавени, но домаќините спомнаа и други кои нема да се објават. Можеби и во нив станува збор за воена соработка. Американците и Западот ја критикуваа посетата на Северна Кореја, што беше очекувано, но повеќе беа лути на Виетнам кој решил да гради стратешка соработка со Русија. Во исто време кога веќе има договор со САД за стратешка соработка.
И додека се анализираат посетите на Путин на Далечниот исток, кои несомнено се дел од стратегијата на Русија за „Пробив на Исток“ и веројатно подготовки за обезбедување грб во се’ почестите најави за нов светски судир, во Украина одново на тапет се генералите. Исто како во времето кога се менуваше Главниот командант Валериј Залужњи. А со него и цела група генерали, кои се сметаа блиски до него, па началникот на генералштабот и други. Ракописот со кој се пишуваат подготовките за нова „жетва“ на генералите во Украина е истиот. Но никој не знае какви ќе бидат последиците од смените. Од смената на Залужњи и доаѓањето на негово место на генералот Александар Сирски, работите за Украина на воен план не се подобрија многу. И веднаш се јавува хорот критичари, Како да има Украина куп способни генерали, па сегашниве можат да се менуваат, како кому му се сака.
„Femme fatale“ за украинските генерали е Марјана Безуглаја. Народен депутат во Радата(Парламентот), втор човек во Комитетот за прашања од националата безбедност, одбрана и разузнавање, од партијата на Зеленски „Слуга на народот“. Тешката ситуација на фронтот доведе до јавна критика на адреса на командата на Воружените сили на Украина. Безуглаја, не за првпат, го критикуваше Главниот командант Сирски, исто како што своевремено го напаѓаше и генералот Залужњи, по што тој беше сменет. Таа тогаш го обвини Залужњи дека немал план за војната во 2024 година и побара оставка од него. Со слични напади на генералот Залужњи тогаш се јави и Давид Арахамија, водачот на фракцијата на „Слуга на народот“ во Парламентот. И тој побара оставка од Залужњи поради немање план за војната во 2024 година. На Залужњи му префрлаа дека бара мобилизација, што за нив, критичарите, значеше дека бара нови жртви, па го нарекуваа и „касап“.
ГЕНЕРАЛСКИ „КАСТИ“
За Безуглаја генералитетот е „каста“, која во своите редови не пушта нови луѓе, а за време на војната се стекнала со големи имоти и власт. За некои од страна, ова беше јавување претензии кон војската од страна на тимот на Зеленски. Марјана Безуглаја ја коментираше нејзината мајска објава за „генералските касти“, во која обвини голем број украински генерали за „уништување на нашите шанси за промени и победа“. Таа во едно интервју рече:„Ова го напишав дури потоа, по сите овие ротации во раководството, навистина, не бев во јавна комуникација со нив, работев на тоа... А потоа го посетив и фронтот, повеќе од една недела, да направам сè посеопфатно, се најдов во средиштето на настаните, Часов Јар, потоа Покровск и Очеретино , по пат, застанав и во регионот Суми, особено на границата со Русија“, рече таа во интервјуто. Според народниот пратеник, Универзитетот за одбрана „го води дедо кој има 60 години. Универзитетот , исто како и Советот за национална безбедност и одбрана, е магацин“.„Генералите се испраќаат таму да се пензионираат“...,продолжи таа. Многумина сметаат дека во јавната сфера Безуглаја не е поддржан од командантите на единиците и командантите на бригадите. Нејзиниот одговор е дека тие „ми пишуваат многу во личните комуникации, бидејќи војската не може јавно да зборува против нивното раководство. Но, јас сум политичар во областа на националната безбедност и одбрана. Можам. Можам да покренам прашања и можам да потенцирам што и како се случува“, резимираше народниот пратеник.
Слично е и сега. Безуглаја го обвинува Сирски дека не „ги надминал рамките на застарениот начин на војување и дека станал „уште поавторитетен“. И Сирски во јавноста, па и во воени кругови го сметаат за „касап“, кој не води сметка за војниците, туку ја гледа само целта. Безуглаја смета дека тој користи методи од „советската армија“. Таа го фали Сирски дека летото 2022 година го ослободи регионот Харков и тоа беше многу успешна операција, негов сопствен проект, но по ослободувањето не се грижел за зајакнување на границата и одбраната на стабилноста. Што индиректно е обвинување за сегашната состојба на украинските сили на фронтот. Таа дури го упати Сирски на Воено-медицинска комисија „Дајте ни шанси, одете, само одете... Армијата може да се бори, да победи, но без вас и сите овие фракционери, ни требаат нови команданти! Не не’ гушите! На армијата и треба кислород!“.
Освен Сирски, таа го напаѓаше и командатот на Обединетите сили и воената група „Хортица“, Јуриј Содољ, затоа што последниве месеци постојано ги губат позициите. Кон критиките на Содољ се приклучуваат и граѓански активисти. Но, најголемо изненадување беше кога минативе денови со остра критика се јави Богдан Кротевич, началникот на штабот на групата „Азов“. Претставник на војската кој јавно се осмели да зборува за ситуацијата со војските. Тој го нападна, без име, но подоцна стана јасно за кого станува збор, генералот Содољ, за „воени злосторства“. Кротевич го обвини генералот за пречекорување на неговите службени овластувања и неспособна команда на трупите, што доведе до губење на голем дел од територијата на Украина и бара да се провери командантот за фактот на соработка со непријателот. Тој изрази подготвеност да сведочи за овој случај. „Пратив писмо до Бирото за државни истраги со повик да се отвори истрага против еден генерал, кој според мое убедување, уби повеќе украински војници, отколку било кој руски генерал“, изјави Кротевич. Тој вели дека прво сакал информацијата за дејствијата на геералот да ги прати до повисокото началство, но на „мнозинството им е преку...“
РУБИКОНОТ Е ПОМИНАТ
Според Кротевич во Украина судат команданти на баталјони и бригади за загубена набљудувачка позиција, но нема да осудат генерал за губење области и десетици градови и загуба на илјада војници. Тој додава дека 99 проценти од војската го мразат генералот за тоа што го прави. „Тој човек(генералот Содољ), почнува истраги против команданти кои напаѓаат и кои не губат позиции, меѓутоа не прави службени истраги против себе. Ми дојде преку глава. Рубиконот е поминат“, напиша Кротевич. Псссосле ова се јавија новинари кои тврдеа дека генералот е во „конфронтација со борбени едници“. Околу тоа дека војниците мораат да ја држат позицијата до последен човек, а нема никакво нови пополнување. Според новинарите решенијата на генералот довеле до загуби околу Авдеевка и Кринки. Слично е сега и на делот од фронтот кај Харков. Воените го обвинуваат генералот за „негрижа за животите на војниците, туку и за стилот на комуникација“.
Реакцијата на врховниот командант Зеленски стигна веднаш. Иако тој лично одеше на фронтот кај Харков и тврдеше дека ситуацијата се стабилизира. Но „Азов“ не е шега. Многумина сметаат дека токму поради таа воена единица, во која главно беа припадници на крајната десница, украински радикали, Зеленски не го оствари предизборното ветување, дека „ќе разговара и со црниот ѓавол само да има мир во Украина“. Како и да е Зеленски го смени вчера командантот на Обединетите сили Содољ, а на негово место го назначи генералот Андреј Гнатов.
Но не беше само Кротевич кој се осмели јавно да бара смена на висок генерал. Десетина офицери од Управата за државно обезбедување со отворено писмо деновиве се обратија до Зеленски со тврдење дека првиот човек на Управата, Максим Доњец, ја злоупотребува службената положба. Офицерите тврдеа дека после смената на првиот човек на Управата, Сергеј Руд, неговиот заменик Доњец не бил назначен законски од страна на претседателот, туку самиот се назначил на нов раководител. Освен тоа се пожалија дека новиот шеф не им дозволува да ја обавуваат службата како што треба. Зеленски повторно реагираше и за нов раководител на Управата го назначи Алексеј Морозов. Претставувајќи го новиот управител Зеленски рече дека задача на Морозов е,„да обезбеди во Управата да работат исклучително патриотски настроени професионалци, кои својата судбина ќе ја поврзуваат исклучително со Украина“, а исто така да спроведе „модернизација на структурата и работата“ и лустрација. Ова значи дека во Управата, а веројатно и пошироко, сега ќе почнат да се бараат проруски настроени луѓе. Што доволно зборува за состојбата во државните органи во Украина. Инаку Сергеј Руд неодамна беше сменет, два дена откако УДО уапси нејзини вработени обвинети дека работеле за руската безбедносна служба и и’ давале доверливи информации. А Times, пишуваше дека се уапсени двајца полковници кои подготвувале атентати на Зеленски и на Кирил Буданов, началник на военото разузнавање.
ВНАТРЕШНА БОРБА
По сето ова што се наметнува како заклучок? Ако се оди по аналогијата со смената на Залужњи, тава судбина му свети и на Сирски. Особено ако не се подобри ситуацијата на фронтот. Него никој не го зема во одбрана. Ниту Зеленски, ниту од Министерството за одбрана. Има знаци дека можно е да биде сменет и министерот за одбрана Рустем Умеров. Наводно се чека да помине Самитот на НАТО на 3 и 4 јули во Вашингтон. Отворениот напад врз висок генерал од страна на потчинети зборува дека се’ не е глатко ни во украинската војска. Дека може да дојде и до бунтови доколку не се преземат соодветни чекори. Смената на Содољ е првиот чекор во „жетвата“ на генералите.
Очигледно работите на фронтот се сложени и се бараат жртви. Ако се работеше за успеси, тогаш се знае, најзаслужни ќе бидат политичарите и врховниот командант – Зеленски. Но при поразите целата вина ќе се фрла врз војската и генералите. Смената на Залужњи не ги донесе очекуваните промени кои ќе беа добредојдени за Зеленски. Вака, доколку во наредните месеци биде сменет Сирски, може да се зборува и за погрешно кадровско решение на украинскиот претседател. Сепак, Зеленски е умен, па ќе најде некое образложение да ја намали својата вина за погрешните кадровски решенија. Но дали има кадри кои ќе бидат по негов мерак, а кои во исто време ќе бидат успешни на фронтот. За Сирски се вели дека не го интересира политиката, но дека секогаш ги претпочита политичките наредби пред воените.
Учеството на депутатите, како Безуглаја, во нападите врз генералите зборува, дека таа има и сега поткрепа за таквото однесување, но и дека во тек е и внатрешна борба меѓу политичарите и влијателни личности од министерствата, што пак дава простор генералите да кренат глава против нивното прогласување за дежурни виновници. А сега воопшто не е време за големи кадровски смени. Додека дојдат новите генерали, додека се сменат луѓе во хоризонталата и вертикалата на сегашното воено раководство ќе треба да помине време. Но ситуацијата на фронтот не дава простор за чекање. Секако и војската, кога гледа што се случува на врвот, пресметките меѓу генералите, меѓу политичарите, меѓу нив и генералите, па го губи мотивот за војување.
Во меѓувреме генералот Залужњи, кој сега е амбасадор на Украина во Велика Британија, може да гледа како истите методи со кои беше сменет се користат и за други генерали. Прво медиумска кампања, па обвинувања, па „пријателски“ разговор со власта и заминување. Се’ што тогаш тврдеше Залужњи сега се покажа како целосна вистина. И за потребата од ново оружје и за потребата од голема мобилизација и за истоштувачка војна...Ама го тврдеше во погрешно време. Во време кога се најавува нова голема ескалација на војната на Украина најмалку и се потребни вежби со „жнеење“ на генералите.
Мирче Адамчевски
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.