20 Април, 2024
0.0264

Солвентноста на банкарскиот сектор во функција на одржлив раст на македонската економија и ликвидноста на стопанството во 2021 година

Објавено во: Колумни 12 Јануари, 2021

Добивај вести на Viber

Некогашниот најбогат човек на светот Жан Пол Гети (Jean Paul Getty) меѓу другото ќе истакне: „Ако и должите на банка 100 долари - тоа е ваш проблем, но ако и должите 100 милијарди долари - тоа е проблем на банката“. Има многу вистина во ваквата мудра мисла на Гети, која е искажана некаде на средината на минатиот век. Вака, метафорично, денешното писание би го започнал со тезата која вели дека не постои концепт на банкарска регулатива кој е оптимален.  

Од една страна, построга регулација може негативно да влијае на конкурентноста и може да ги охрабри банките во правец на злоупотреба на монополот во кој се наоѓаат. Од друга страна, прописите треба да бидат урамнотежени и лимитирани, на тој начин што ќе им се овозможи на банките да можат да развиваат нови производи и услуги што ги бара пазарот. При тоа, прописите треба да водат сметка за конкуренцијата во банкарското работење да остане доволно силна за да обезбеди разумни цени на банкарските производи и услуги. Со еден збор би заклучил: синхронизираноста на банкарските прописи е многу важна. Спротивно на ова, ако прописите во еден банкарски систем се несинхронизирани тоа доведува до, би употребил еден збор - регулаторна дијалектика или ако милувате поинаку, тоа доведува до вечна борба меѓу регулаторите и регулираните (читај: Централната банка и комерцијалните банки).   

Кај нас, во македонскиот банкарски систем пости висока стапка на синхронизираност во носењето и имплементација на банкарските прописи, веќе многу поодамна. Имено,  како што напишав и претходно, кога говориме за солвентноста на македонскиот банкарски систем во годината што сега измина, интересен е податокот за читателите, кој вели - да се набљудиваат банките од страна на нивната големина, поточно на мали, средни и големи при анализата на стапката на адекватноста на капиталот. Оттука, ако се погледне во извештаите на регулаторот за солвентноста на македонскиот банкарски систем во целата измината година, може да се забележи дека стапката на адекватност на капиталот е најизразена кај малите банки (со нешто повеќе од 18%), потоа следуваат средните (со малку под 18%) и на крај се големите банки (со малку под 17%).  

Што е тука важно?

Ако знаеме дека поминавме година, која, во третиот квартал имаше една непријатна ситуација за една сега веќе поранешна банка, и тоа, токму поради потфрлање на стапката на адекватност на капиталот, тогаш, со право може да обележиме дека за да се има доверба во банката, не треба да игра улога варијаблата - големина на ентитетот. Практично, бројките покажуваат дека токму малите и средни банки се најсолвентни, и би констатирал дека не постои никаква можност да се наруши таквата висока солвентност во иднина. Во таа насока, се поставува следното прашање:

Врз основ на што, се темели мојот оптимизам за стабилноста на банките во македонскиот монетарен систем?

Подолу, давам неколку силни факти во насока на ова прашање.  

Прво, за да се има доверба во високата стапка на адекватност на капиталот, треба да се погледне основата за тоа. Поточно, да се даде одговор на прашањето - од каде произлегува високата стапка на адекватност на капиталот, особено за малите и средни банки кај нас?

За таа цел, ајде да одиме малку подлабоко во анализата. Имено, одговорот треба да се бара во позицијата „сопствени средства“. Од билансите на банките, може да се види дека тие изнесуваат нешто повеќе од 1,14 милијарди евра за 2020 година, и нивната тенденција има нагорна линија. Особено важен, за сите штедачи, депоненти и корисници на банкарските услуги, па ако сакате и за сите интересенти, е аргументот кој вели дека македонските банки имаат изразено силна бројка на сопствен капитал. Поточно, нашите банки имаат дури за 52,7% повеќе сопствени средства од потребно бараниот капитал на регулаторот, или во бројки состојбите се следни: капитал потребен за покривање на ризиците на ниво на банкарски сектор за 2020 година изнесува 539,7 милиони евра, додека банките имаат сопствени средства нешто повеќе од 1,14 милијарди евра или за 52,7% повеќе од потребното. Ова е силен аргумент дека сопствените средства на банките се „слободни“ и над потребното минимално ниво во износ од нешто повеќе од 601 милион евра. 

Еве уште еден аргумент, но сега со посебен осврт кон малите банки, а во одбрана на објективноста и зголемување на довербата од страна на јавноста. За малите банки, регулаторот (читај: Централната банка) бара ниво на капитал потребен за покривање на ризиците во износ од 17,2 милиони евра (ова за 2020 г. трет квартал), додека тие имаат сопствени средства во износ од 39,5 милиони евра. Значи, во малите банки за повеќе од 56,4% од потребните, има средства кои може да се наречат „слободни“. Сличен сооднос во релативните бројки покажува состојбата кај средните и големите банки.   

Понатаму, за стабилноста на банките во 2021 година важен е податокот за структурата на сопствените средства. Тука, учеството на основниот редовен капитал на банките влегува со 91,4% во структурата на сопствените средства, или во бројки тоа изнесува околу 1,04 милијарди евра основен капитал од банките, кој е вклучен во структурата на сопствените средства (кои изнесуваат 1,14 милијарди евра).  

Оттука, сето ова погоре кажано предизвикува едно генерално позитивистичко толкување за состојбите во македонското банкарско окружување со карактеристика на високо ниво на стабилност на системот. Може да се каже дека во новата 2021 година, банките влегуваат силни во справувањето со негативните ризици и кризните епизоди од 2020 година, или би дополнил дека тие влегуваат со цел да дадат придонес кон заздравување на македонската економија во целост. Имено, овие неколку изнесени факти, одат во директна спротивност на песимистите и сите оние скептични размислувања, кои во изминатиов период се напишаа како разно-разни коментари, анализи за македонскиот банкарски систем. Поточно, некои се охрабрија да пишуваат дека комерцијалните банки се доведени во некаква опасност, а сето тоа ако се имаат во предвид минатогодишните неповолни и негативни стапки во економијата. Но, како што вели Уго Ојети: „Она што не е напишано, загубено е. Она што не е напишано убаво, како да не е напишано“.  

проф. д-р Синиша Наумоски,

директор на АБИТ и сертифициран професор за контролинг на германската високообразовна установа во Скопје - Хајделберг Институт


Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок