02 Мај, 2024
0.0257

Сон на секој млад човек, да има свој простор

Објавено во: Колумни 16 Октомври, 2015

Добивај вести на Viber

Кога бев млад сонував за мало станче, за свој простор, далеку од моите родители. Да се будам во тишина, да правам што ми е ќеф, да молчам колку сакам, да поканам гости по мерак... Во Македонија младите и во поодминати години живеат со мама и тато, дури и кога ќе создадат семејство не се финансиски моќни да се одделат од родителите. И покрај тоа што стекнале високо образование тешко наоѓаат работа каква што сакаат. Има две причини за тоа: нема работа и високите цени на становите.  Навистина е фрустрирачки кога млад човек нема работа и се уште живее на грбот на родителите.  И така и едните и другите се разочарани, родителите бидејќи нивните деца не можат да се снајдат во овој изместен свет на вредности, а младите бидејќи не можат да ги реализираат своите идеали. Феномен ќе се согласите карактеристичен за овие простори, и кој колку се оди појужно во Европа е се поизразен. Реномираниот Лондонски економски магазин The Economist (текст на Robert Guest уредник на Американското издание, во ревијалното српско издание под наслов Светот во 2015 година) објави дека над 50% од младите во Европа, на возраст од 18-31 година живеат со своите родители, за разлика од просекот во САД кој е околу 36%. Медитеранските земји секако се над европскиот просек, или да речеме на пример во Италија дури четири од пет млади Италијанци живеат со своите родители. Македонија е претпоставуваме тука некаде со овој просек, иако нема официјални податоци, а доколку не беше желбата на сите млади од другите градови да дојдат да студираат, работата и живеат во Скопје просекот ќе беше далеку над европскиот. И колку стапката на невработеност и цената на становите по квадрат метар се повисоки, толку овој феномен на живеење со своите родители е повеќе изразен. Лошите економски услови, неразвиеноста на пазарот на трудот, политиката во сите пори на нашето општество, влијае младите подолго време да студираат и со тоа да го поместат времето за влегување во брак, а девојките да чекаат подобри времиња за да се решат за мајчинство. Високата цена на становите дополнително негативно влијае врз желбата да се живее сам. Тука мислам дека и најлошо стоиме во регионот. Цената по квадрат во Скопје е меѓу највисоките во регионот, а износот на просечната плата е меѓу најниските. Голем број на семејства едвај наоѓаат средства за финансирање на студиите на своите деца. Чудо е како младите од другите градови се снаоѓаат. Излезот е во подобрување на состојбите на пазарот на трудот. Да се отвораат квалитетни работни места, но и во намалување на цените на становите (не случајно градежниот сектор стана доминантен, бидејќи и заработувачката е најголема). Се сеќавам на времето кога се случи промената на германските марки во евра, цената на м2 беше околу 800 марки, а платата која ја земав околу 400 германски марки. Со конверзијата цената на становите остана 800 евра, а платата која ја земав 200 евра. Мислам дека во тоа време повеќето од нас станавме сиромашни, а оние кои тогаш се зафатија со градежен бизнис станаа милионери. Цените на становите се покажаа крајно нефлексибилни за надолни движења, иако не секогаш пазарот тоа го диктира. Да се живее сам, и да се биде економски независен е најголем радост за еден млад човек. Можност да се биде свој, со своја агенда, самиот да се грижиш за себе, од млади години да се бориш со животните предизвици, да имаш свој интимен простор каде самиот ќе си го планираш времето, нешто што секој посакува. Секако младите заслужуваат посветла иднина. Сите институции во оваа држава треба да работат во создавање на што подобри услови за нивен живот, бидејќи во спротивно ќе бидеме земја на старци! Но и младите да престанат да живеат по линија на помал отпор, опуштени во семејниот комфор на своите родители, туку да си постават предизвици и да направат поголеми жртви. Сашо Дуљанов

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина