Добивај вести на Viber
Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) останува на најавите за протести со кои утре ќе побара решавање на состојбите во образованието.
Првите луѓе на овој Синдикат велат дека во изминатите неколку дена се соочуваат со силни притисоци за да го откажат штрајкот. Закани за отказ се вршеле преку директорите на училиштата, а раководството очекува автобусите со кои ќе доаѓаат наставниците на протест да се расипуваат и да бидат сопирани на патарините.
„Анализите покажуваат сè пожестоки се притисоците врз нашите членови, кои согласно статутот на СОНК, меѓу другото имаат обврска и да излезат на јавен протест. Никој во оваа наша држава не смее да издаде никаква наредба за бојкотирање и неизлегување на јавниот протест. Имаме индиции, укажувања и кажувања дека притисоците се вршат на многу места, насекаде во сите локални амоуправи, во сите општини и тоа преку директорите. Не сакаме да излегуваме со поконкретни информации, додека не обезбедимее цврсти докази за овие притисоци. Кога ќе ги обезбедиме доказите ќе ги обелодениме. Имаме информации дека една третина од членовите нема да дојде што значи дека притисоците се жестоки, а тие че се засилат во текот на денешниот и утрешниот ден“, вели Јаким Неделков, претседателот на СОНК.
Тој се оградува од сите обвинувања изнесени во одредени медиуми, дека СОНК го организира протестот во соработка со опозицијата. За да ги заштити своите членови, раководството на СОНК предложило на протестите да излезат под маски.
СОНК го организира протестот поради незадоволството од ниските плати во образованието, нерешените колективни договори за да се отстранат незаконските разлики во висината на платите за исто работно место и протестираат против екстерното тестирање и политизацијата во образованието. На протестот се очекува да присуствуваат и тројцата професори од Економскиот факултет во Штип кои подолг период штрајкуваат со глад, незадоволни затоа што и покрај исполнетите критериуми, не им се овозможува напредок на кариерата.
Неофицијално, дел од медиумите објавија дека регионалниот СОНК во Охрид нема да даде поддршка на најавениот протест, но од канцеларијата на СОНК во Охрид нема објаснување зошто се одлучиле на овој чекор.