Добивај вести на Viber
Веќе неколку седмици го нема силно најавуваниот зелен бран на Илинденска. Скопските возачи револтирано забележуваат дека голем дел од семафорите не се функционираат како што треба.
„Минатата вечер тргнав од Аеродром до Капиштец, иако речиси и да немаше возила чекав на секој можен семафор. Ова изгледа како во Скопје, наместо зелен, да има црвен бран“, револтирано коментира 35-годишeн скопјанeц.
Во меѓувреме и тајмерите кои го
одбројуваа времето до палењето на зелено светло ги нема повеќе до семафорите. Од Градот Скопје ова го правдаат со воведувањето на новиот централизиран систем за контрола преку Центарот за управување и контрола на сообраќајот (ЦУКС) кој со помош на камери и детекторски индикативни јамки ќе ги поставува зелените бранови на улиците зависно од интензитетот на сообраќајот.
Како што пишува весникот Вечер, поради почнувањето со работа на Центарот сите одбројувачи ќе бидат отстранети бидејќи при истовремено функционирање на ЦУКС-от и одбројувачите ќе дојде до случај на променливи зелени времиња (поради поголем број возила автоматски од ЦУКС-от да биде продолжен зелениот сигнал, а одбројувачот да го покажува програмираното време за зелено светло) и да настане забуна кај учесниците во сообраќајот.
Како што велат од Град Скопје, одбројувачи нема нити во другите градови низ Европа каде има центри за управување со сообраќајот. Центарот за управување и контрола на сообраќајот предвидува на околу 90 крстосници низ Скопје да се постават сензори кои ќе ги бројат и ќе ги детектираат возилата. Крстосниците во Скопје ќе добијат и 50 камери преку кои ќе се врши визуелен мониторинг и 47 нови семафорски контролери.
Во меѓувреме, додека системот вистински да профункционира, се чини возачите ќе мора да се навикнат на црвените светла на семафорот.