29 Март, 2024
0.0240

СОСТОЈБИТЕ ВО ПОСТ-КОВИД ПЕРИОДОТ

Објавено во: Колумни 01 Јули, 2021

Добивај вести на Viber

Неделата што измина, по препорака на некои колеги - банкари од соседството, иако уредно, кај нас го чекав својот ред, сепак, одлучив да се вакцинирам во Србија. Состојбите со пандемијата, како за многумина, така и за мене, направија еден мал копнеж да се излезе од дома и да се патува. Оттука, ваквото излегување надвор, покрај за вакцинација, да бидам искраен, со нетрпение го очекував и за деловни средби. Имено, на почетокот на годината, ми беа презентирани искуствата на дел од македонските граѓани, во поглед на постапките и процедурите при вакцинацијата во Србија. Од стојалиште, тогаш, да бидам објективен, бев изненаден, ајде да не речам зачуден, од позитивниот feedback во форма на воодушевувања на македонските граѓани – учесници во процесите на вакцинација во Србија (особено во Ниш). Тие, ми говореа за големата љубезност од страна на српските граѓани во Ниш, континуираното внимание од страна на медицински лица при процесот, преку несебично давање на позитивна енергија, шеги и понекогаш говорење на македонски јазик, во знак на почит. Да бидам искраен до крај, токму и јас, така се почувстував. Но, друга ми е поентата. Поточно, ако сите така убаво и пријатно сме се почувстувале, во соседството, а тоа е еден обичен и нормален однос на граѓанството и системските работници, тоа говори за состојбата на духот, дома кај нас. Оттука, целиот овој период си го поставувам прашањето: Колку сме ние тука оштетени во духот?   

Како и да е, можеби е ова само рефлексија која се манифестира во домашното граѓанство, како состојба на пост-ковид период и има времен карактер. Во продолжение, а во насока на елаборација на актуелните состојби во домашната економијата, сакам да изнесам неколку кратки видувања за банкарскиот систем, од денешна перспектива, и искуствата од соседите во т.н. пост-ковид период. Тука, на кратко ќе се задржам со свој коментар кон официјалните статистики за состојбите на кредитите, депозитите и солвентноста на македонските банки. 

Имено, ако се погледнат статистиките, јавно објавени, за состојбите во банкарскиот сектор во 2021 година, се забележува еден константен раст на вкупните депозити. Секторски гледано, тие растат со еквивалентна динамика. Тоа, значи дека таквиот раст е присутен кај претпријатијата, но и кај домаќинствата во континуитет низ кварталите во годината. Истиот, се движи нешто под 7%. Од друга страна, пак, стапка на раст се забележува и кај кредитите, нешто под 6%. Ако направиме секторски поглед, во динамиката на растот на кредитите, поголемо влијание имаат домаќинствата во споредба со претпријатијата. Практично, само кај домаќинствата растот на кредитите изнесува околу 9%. Споредбено со регионот, кондицијата на македонскиот банкарски сектор е солидна. На ова, ако се придодаде и анализата за солвентноста на банкарскиот сектор, можам да го потврдам силниот личен оптимизам за 2021 година, во поглед на стабилноста на македонскиот монетарен систем.

Оттука, ако се погледнево извештаите за солвентноста на македонскиот банкарски систем во целата измината 2020 година (16,7% за целиот систем) може да се забележи дека стапката на адекватност на капиталот е најизразена кај малите и средни банки (со 17,6%), а потоа следуваатголемите банки (со 16,4%). За 2021 година, состојбите се придвижуваат нагоре, со тоа што, вкупната адекватност на капитал за целиот банкарски систем изнесува 16.8%. Гледано по големина на банки, може да се забележи дека стапката на адекватност на капиталот е најизразена кај малите банки (17,8%), потоа следуваат средните (17,8%)и на крај се големите банки (16,5%).   

Според ова, за да се има доверба во високата стапка на адекватност на капиталот, треба да се погледне основата за тоа. Поточно, да се даде одговор на прашањето - од каде произлегува високата стапка на адекватност на капиталот во банките?

За таа цел, ајде да одиме малку подлабоко во анализата. Имено, одговорот треба да се бара во позицијата „сопствени средства“. Од билансите на банките, може да се види дека тие изнесуваат нешто повеќе од 1,14 милијарди евра за 2020 година, и нивната тенденција во 2021 има нагорна линија, во износ од 1,16 милијарди евра. Од ова, се констатира дека банките во 2021 година ги подобриле сопствените средства за точно 9,772,358 евра. Особено важен, за сите штедачи, депоненти и корисници на банкарските услуги, па ако сакате и за сите интересенти, е аргументот кој вели дека македонските банки имаат изразено силна бројка на сопствен капитал.

Поточно, за 2020 година банките имаа дури за 52% повеќе сопствени средства од потребно бараниот капитал на регулаторот, или во бројки состојбите се следни: капитал потребен за покривање на ризиците на ниво на банкарски сектор за 2020 година изнесува 550,048,780 евра, додека банките имаат сопствени средства нешто повеќе од 1,14 милијарди евра или за 52,09% повеќе од потребното. Додека, пак, за 2021 година состојбите, гледано од денешна перспектива, покажуваат за 52,42% повеќе сопствени средства од потребно бараниот капитал на регулаторот, или во бројки состојбите се следни: капитал потребен за покривање на ризиците на ниво на банкарски сектор за 2021 година изнесува 550,845,528 евра, додека банките имаат сопствени средства нешто повеќе од 1,16 милијарди евра. Ова е силен аргумент дека сопствените средства на банките се „слободни“ и над потребното минимално ниво во износ од 606,910,569 евра. 

Вака изразена, стабилноста на македонските банки, сум на мисла дека треба да се анализира со состојбите во пост-ковид периодот во Србија. Таму, во стручната јавност се констатира дека земјоделците во последниве години се омилени клиенти на банките. Имено, од месец во месец може да се забележи константен пораст на издадени кредити   токму на оваа група на клиенти. Практично, овој факт за Србија не треба да не зачудува, ако се има во предвид дека министерството за земјоделство има активна улога во субвенцијата на каматите, со што, во значајна мера го олеснува товарот на земјоделците- претприемачи. Како што пишуваат во српските медиуми, тамошните банкари тоа го забележуваат како одлична можност за зголемување на бројот на клиентите. Само во минатата година, околу 83% аграрни кредити биле за ликвидност, каде се исплатиле околу 12.741 кредити со субвенционирана каматна стапка.

Во контекст на ова, кај нас, мора да се направи една „трилатерала“ помеѓу банките, земјоделците-стопанственици и државата. Целта на таквата „трилатерала“ би била, олеснет пристап до парични средства за инвестиции од страна на претприемачите земјоделци. Во пост-ковид периодот, на мисла сум, дека има една стабилна и речиси сигурна индустрија за раст на домашниот бруто производ, покрај градежништвото и фабриките во зоните, а таа се вика - ЗЕМЈОДЕЛСТВО.

проф.д-р Синиша Наумоски,

Директор на АБИТ и сертифициран професор за контролинг на германската високообразовна установа ХАЈДЕЛБЕРГ Институт во Скопје 

Ставовите изразени во рубриката колумни се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Фактор

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?