30 Април, 2024
0.0253

Современи техники на перење пари

Објавено во: Колумни 30 Јуни, 2014

Добивај вести на Viber

Во теоријата можат да се сретнат различни видови на современи техники на перење пари. Како најзначајни можат да се наведат електронскиот трансфер на пари, употребата на парични картички, кредитите, хартиите од вредност, осигурителните полиси итн.

Посебно интересен за истражување е електронскиот трансфер на пари. Треба да се посвети големо внимание на трансферите кои доаѓат од, или се насочуваат кон земјите што претставуваат даночен рај и т.н. прекуморски банки (offshore banks) лоцирани во нив. Се разбира, секој трансфер во кој се инволвирани овие земји и банки не претставува перење пари, но мора да биде детално проучен за да се изведе заклучок дали се работи за криминална или легитимна трансакција. Електронските трансфери можат да бидат злоупотребени и кога се работи за плаќање или наплата по увозни или извозни фактури. Не е редок случајот вредноста на одреден производ или услуга да биде преценета, па на тој начин да се прикрие перењето пари. Во овој случај, перењето многу тешко се докажува, особено ако се работи за плаќање на одредена услуга (на пример: фактура за извршено истражување на пазарот). Криминалните групи го знаат тоа, па перењето пари со помош на електронски трансфери е доста застапено. Паричните картички сѐ повеќе се злоупотребуваат во функција на перење пари. Тоа особено доаѓа до израз со купувањето стоки или користењето одредени услуги преку интернет. Тука е тешко да се утврди идентитетот на купувачот (познати се случаите на кражба на идентитетот - identity theft). Треба да се има предвид дека утврдениот идентитет не значи спроведување на политиката на познавање на комитентот (know your customer). Тоа е невозможно при купувањето преку интернет и употребата на парични картичи. На тој начин криминалците лесно можат да ги исперат своите пари преку нивниот пласман во одредени производи или услуги. Употребата на кредитот во функција на перење пари практично претставува комбинација помеѓу традиционалните и современите техники. Во овој случај субјектот не врши пласман на нелегалните пари, туку нив ги остава како обезбедување за да добие кредит. Доколку кредитот му биде одобрен, таквиот субјект за да ги испере парите, нема да го врати кредитот. По истекот на рокот во кој што требало кредитот да биде вратен, го активира оставеното обезбедување, односно ги внесува во своите финансиски текови депонираните нелегални пари. На тој начин, субјектот кој врши перење пари се стекнува со легални финансиски средства во вид на кредит. Перењето пари со помош на хартии од вредност е една од поновите техники. Особено се застапени акциите на доносител кои на берзата се пренесуваат од еден субјект на друг, без да дојде до идентификација. Перачите на пари најчесто купуваат вакви хартии од вредност од лажни компании, односно т.н компании школки (shell companies), кои потоа ги продаваат на формалниот или неформалниот пазар на хартии од вредност. Се разбира, покрај акциите на доносител, и другите видови на хартии од вредност можат да бидат злоупотребени во функција на перење пари. Осигурителните компании со своите производи исто така можат да бидат цел на субјектите кои се занимаваат со перење пари. Различните видови на осигурувања и инструментите што се користат притоа даваат можност да се изврши перењето пари. Најпластичен е примерот кога осигурителната полиса е склучена на значително повисок износ од вистинската вредност на предметот. Доколку до тој предмет субјектот дошол на нелегален начин, тој ќе се потруди да дојде до осигурен случај и да се наплати од преценетата полиса. Станува јасно дека за криминалните структури „само небото е граница". Со својата инвентивност и креативност тие се обидуваат да најдат „дупки" во законот и да ги злоупотребат финансиските институции во функција на процесот на перење на пари, користејќи најразлични техники. Од тие причини, регулаторните и финансиските институции мора да преземат соодветни мерки и активности во функција на заштита на системот од перење пари. д-р Гоце Трајковски    

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД