Добивај вести на Viber
По повод 2-ри октомври, роденденот на Махатма Ганди и денот од Обединетите Нации кој се слави како Меѓународен ден против насилство, компанијата на Субрата Рој ќе организира голем хепенинг во Скопје. Засега нема најави дали и самиот Рој ќе биде дел од настанот, но затоа од групацијата Сахара најавуваат дека поранешни претседатели, премиери, министри, амбасадори, холивудски ѕвезди со сопствени фондации како и претставници од Балканските земји ќе бидат дел од гостите на балканскиот мировен фестивал во Скопје. Фестивалот е спонзорира од Сахара групацијата, а покровител е македонската Влада.
„Ако нема мир, тоа значи дека сме заборавиле дека си припаѓаме едни на други. Оваа порака од Мајка Тереза беше вистинската инспирација за овој настан. Да се соберат на едно место луѓе кои посакуваат мир, работат за мирот и се обидуваат да ја променат реалноста е навистина добра можност да се прати порака насекаде низ регионот и светот, особено во денешните турбулентни времиња. За помалку од месец, Скопје ќе собере голем број на гости и заедно, ќе се обидеме да отвориме нова страница на фестивалот, кој ќе прерасне во традиција“, вели Амриш Чандра, Главен координатор на Сахара Балканскиот мировен фестивал.
Со несекојдневен настап во центарот на Скопје од страна на група танчери, денеска беше најавен овој фестивал. Веќе се брендирани и двокатни автобуси со постери и со цитати за мировниот фестивал. Од Сахара велат дека вакви настани освен во Скопје, ќе има и во други градови и држави. Во следните денови според најавите ќе биде објавена и официјалната програма на Фестивалот, заедно со листата на официјални гости.