30 Април, 2024
0.0255

Дали фудбалот може да нѐ сплоти?

Објавено во: Колумни 20 Јуни, 2014

Добивај вести на Viber

Але, але, але....гоооол...напред наши....Ова се најчестите извици што можат да се чујат овие денови од секој дом, од кафетериите ширум државава, од местата каде се практицираат хазардните игри-обложувалниците, буквално од секој агол може да се чуе восклик на среќа или извик на разочараност. Далеку од тоа дека се слушаат само позитивни извици и се пеат песни за поддршка на тимот за кој навивате, напротив, од оние страствените вљубеници во спортот, посебно во фудбалот, може и да се чуе некоја сочна пцовка или навреда наменета за делителот на правдата на соодветната утакмица или за противничкиот играч. И се циклично, се пее, се навива, се радува и се тагува, се до крајот  на светското фудбалско првенство. Една посебна убост која ни ја дава фудбалот Ах таа шарена бубамара, како што ја нарекуваат топката вљубениците во фудбалот, колку моќ во себе вткајува, колку адреналин изнедрува, колку луѓе соединува, колку парови обединува, колку страсти подгрева, колку солзи изнудува, колку насмевки подарува. И во недоглед може да се говори за емоциите кои произлегуваат во миговите кога се следи еден фудбалски натпревар, емоции кои се споделуваат и кои драстично се разликуваат-од позитивни во кои доминира среќата, радоста, насмевката, возбудата, до негативни какви што се стресот, бесот, љутината. И се е тоа човечки и се е тоа одлика на една посебна пасија, една посебна магија, една посебна убост која ни ја дава фудбалот. Исчекувањето е приказна за себе Адреналинот се поткрева, расте и се одржува на завидно ниво за време на секоја утакмица, посебно оние вистинските вљубеници во спортот, тие доживуваат адреналинска треска кога игра тимот за кој навиваат. Возбудата е пропратен елемент на секој натпревар и тоа е добро и посакувано, посебно денес, во ова време во кое битисуваме, навистина е убаво да се чувствува позитивна возбуда и лесен тремор во текот на фудбалските натпревари. Исчекувањето е приказна за себе, и во него има одредена  убавина, посебно во миговите кога нетрпението расте и се очекува свирежот на арбитрите кои делат правда. НЕГОВОТО ВИСОЧЕСТВО ФУДБАЛОТ Ниту најголемите мудреци, ниту најголемите умови, не можат да одговорат на едно мошне симплифицирано прашање-во што се состои фудбалската магија, или преформулирано, која е таа сила што е толку моќна да држи милиони луѓе во исчекување на секој фудбалски натпревар? Никој не може да даде едноставен одговор на ова прашање, може само да се дискутира и дебатира, да се ставаат аргументи и да се изложуваат факти за фудбалската треска која го тресе целиот свет, но никој не може само во една реченица да ви ги срочи спецификите и жарта на фудбалот. И навистина е магично кога гледате фудбал, сами или почесто во друштво, со другарите, пријателите, љубената личност, дома или во кафуле, сеедно, страста која се исполува од вас е иста, жарот кој тлее пред почетокот се претвора во вистински оган кој својата кулминација ја доживува во мигот кога омилениот ви тим ќе постигне гол. Во мигови на фудбалска еуфорија и фудбалска грозница се друго е споредно и второстепено, се друго го ставате во втор план, бидејќи на пиедесталот на приоритети е НЕГОВОТО ВИСОЧЕСТВО ФУДБАЛОТ. И за самите нас бенефитот од фудбалот е видлив Убостите и радостите кои дирекно или индирекно се поврзани со фудбалот се небројни. Почнувајќи од стадострастите и хедонизмот кои одат рака под рака со следењето на фудбалските натпревари, се до уживањето во глетката на самите терени, живописните навивачи и пред се оние најголемите-фудбалските магепсници. Фудбалските виртуози кои играат на теренот ни даваат посебна благодет бидејќи уживајќи во нивните фудбалски вештини и умеења ние го поттикнуваме позитивниот дискурс кај нас. Се смееме почесто, се радуваме, се прегрнуваме кога прославуваме погодок на тимот чии фанови сме, адреналинот ни се зголемува а со самото тоа и страста се поткрепува и позитивност блика од нас. И за самите нас бенефитот од фудбалот е видлив, повеќе насмевки, повеќе среќни луѓе, повеќе радост, повеќе дружење, а помалку нервози и тага. Непроценлива е прегратката од љубената личност која ви ја дарува во мигот кога нејзиниот/неговиот миленик ќе постигне гол, милувањата тогаш се поубави и пострасни, непроценливо е ракувањето со фановите на вашиот фаворит, непроценливи се миговите кога во еден глас ечат исти извици на среќа од илјадниците грла. Фудбалот има една посебна нишка на зближување Фудбалот сплотува и интегрира, фудбалот зближува и соединува, едноставно фудбалот ја има таа моќ и магија на зближување на луѓето, бидејќи сите имаат иста цел да проследат со уживање натпревар и да се гостат со акробациите и мајсториите што ќе им ги приредат нивните љубимци. Фудбалот има една посебна нишка на зближување бидејќи секој сака да ја сподели својата радост или пак да мудрува за своите фудбалски знаења со свои ближни и драги луѓе, со собеседници со кои може да разговара без да вика, да дискутира без да се кара, да дебатира без да навредува, да говори за фудбалот и фудбалерите и само тогаш да ја остави(барем кај нас) политиката надвор од своите животи. Фудбалот не обременува, не напнува, не загрозува, не навредува, напротив, фудбалот сплотува, зближува и раздвижува. Фудбалот ве учи на градење и развивање на позитивен натпреварувачки дух, на јакнење на колективните вредности и на спортски БОН ТОН.  Затоа едноставно толку многу луѓе го сакаат, со посебна страст го следат и со возбуда го голтаат секое фудбалско дефиле, затоа што тогаш хедонистичкото се изнедрува од нас, уживаме сладострасно и навиваме во полн глас, затоа што само фудбалот ја има таа магија да носи насмевка, среќа, радост и убавина. П.С. Да не бидам погрешно сфатена и да не ми замерите но морам да ги кажам и моите фаворити-Германија бидејќи се упорни, борбени, трудољубиви, едноставо се за мене најдобри. Пишувајќи ја колумната страста се исполи од мене, значи уживав и сега и практично го остварив тоа што теоретски го осознав....Месец дена сладострастие и убавина...мммм...вљубеници на фудбалот-вие сте на потег. Д-р Татјана Стојаноска Иванова Институт за социологија Филозофски факултет-Скопје

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД