06 Декември, 2025
0.0285

„Спутник-V“ отвора врати за медицински бизнис и за руската политика

Објавено во: Колумни 08 Февруари, 2021 06:58

Добивај вести на Viber

Резултатите кои што јавноста ги чекаше од август минатата година дојдоа минатата недела. Стручното списание „Лансет“ ги поткрепи тврдењата на рускиот институт „Гамалеј“ дека неговата вакцина против коронавирусот е квалитетна и со ефикасност од речиси 92 проценти. Многумина не веруваа во ова, освен руските научници и Фондот за директни инвестиции. Недовербата беше поради затвореноста на Русите  околу целото производство и испитување на вакцината наречена „Спутњик-V“.

Ентони Фаучи, директорот на американскиот Национален институт за алергиски и инфекциони заболувања, лани, како прв човек задолжен за борба со коронависусот во САД, изјави дека „сериозно се сомнева“ во ефикасноста на руската вакцина. Руската вакцина е очигледен и потенцијално опасен пи-ар чекор, сметаше Фаучи.

За руската вакцина е пишувано многу, особено за начинот на кој е произведена, за тоа дека е векторска, како и онаа на AstraZeneca, која ја регистрираа неодамна. Како основа во производството се зема човечки аденовирус, додека кај AstraZeneca се зема вирус од шимпанзо. Ефикасноста на вакцината од AstraZeneca е над 60 проценти. За разлика од вакцините на „Фајзер“ и “Модерна“, кои се чуваат на температури до минус 70, односно втората до минус 15 степени целзиусови, вакцината на институтот „Гамалеј“ се чува во фрижидер на температура од два до осум степени.

Русите лани во јули беа обвинувани дека направиле хакерски напади во некои компании каде што се истражува вакцина против коронавирус. Но брзо дојдоа деманти со тврдење дека нема потреба од такви напади кога веќе има договори за соработка на британско-шведската AstraZeneca, поточнно нејзината вакцина да се произведува во Русија. Кирил Димитриев, кој го води Рускиот фонд за директни инвестиции(РФДИ), вели дека „Обвинувањата ... за хакерски напади врз западни фармацевтски компании се обид да се оцрни руската вакцина“.Димитриев учел во Стенфорд и во Харвардската школа за бизнис, тој е банкар. Но и амбициозен менаџер.

ИЗВОЗЕН АДУТ

Ставањето на руската вакцина во редот на неколкуте најдобри вакцини во светот ги отвора вратите за руската политика во оние делови на светот каде што долго време таа беше отсутна, а не помалку и за рускиот бизнис. Лековите, вакцините, можат да станат трет извозен адут на Русија, ако не ги сметаме нафтата и гасот. Веднаш по земјоделските производи и оружјето.

Многу е важно што наскоро, според некои најави до крајот на месецов или почетокот на март, ќе треба да се појават новите оценки, овој пат од Европската агенција за лекови. Русија веќе има поднесено барање за регистрација на вакцината. Во тек се научни експертизи. Од Рускиот фонд за директни инвестиции кои го финансираше производството и истражувањето на вакцината очекуваат дека се ќе помине во најдобар ред. Таму не кажуваат ништо, но секако се свесни дека во се’ може да се замеша политиката. Па и во регистрирањето  на „Спутњик-V“.  Особено во светлото на односите меѓу Западот и Русија.

Според некои прогнози до 2027 година глобалниот пазар на антивирусни препарати ќе биде околу 75 милијарди долари. Тоа е многу повеќе во споредба со околу 52 милијарди долари во 2019 година. Токму овде Русите ја гледаат својата шанса со вакцините против коронавирусот, кои што ги подготвуваат. Наскоро се очекуваат уште две вакцини од руските научни институти.  Русија ја критикуваа за раната регистрација на вакцината. Уште во август лани таа беше прва регистрирана вакцина во светот. А вакцинациите без многу јавност се вршеа уште во април.

Лани летото излегоа првите информации за тоа дека на 19 април била првата вакцина. Меѓу првите се вакцинирал Кирил Димитриев челникот на Рускиот фонд за директни инвестиции, заедно со неговите возрасни родители и сопругата. Летото и рускиот претседател се јави со веста дека била вакцинирана и негова ќерка. Се вакцинирале многу поединци од бизнисот, банките и големите компании.

ЕУ И КРИЗАТА СО ВАКЦИНИТЕ

Во позадина на се’ што тогаш се случува со вакцината Димитриев врши  подготовки за нејзин извоз, иако официјално не се знаеја нејзините квалитети. Па денес Русија изјавува дека веќе педесет држави се заинтересирале со конкретни побарувања на вакцината, а 20 од нив веќе ја регистрирале. Русија, очигледно нема доволно капацитети за производство на вакцината, дури и за свои потреби, досега има мал процент вакцинирано население, па затоа има склучено договори за лиценцно производство во некои држави. На пример, Јужна Кореја, Бразил и Индија. Се бараат над 1,2 милијарди дози. Пратки вакцина произведена во Кореја беа доставени и во Москва.

Кризата во Европската унија со вакцините принуди некои членки да се свртат кон Русија. Германската канцеларка Ангела Меркел го поддржува руското барање за регистрација на вакцината од страна на Европската агенција за лекови. Без оглед на напнатоста во меѓусебните односи се покажува дека кога е во прашање здравјето на нацијата, на луѓето, тоа испливува на преден план. Во германски медиуми веќе се пишува дека вакцината ќе се произведува и во Германија. Францускиот претседател Емануел Макрон деновиве изјави дека пратил група експерти во Русија да се видат со специјалистите што работат на вакцината „Спутњик V“. Дури и една Шведска е заинтересирана за вакцината. Словачка исто така може да се случи да ја произведува вакцината. Против неа нема ништо ниту австрискиот канцелар Себастијан Курц. Тој би можел да се вакцинира и со руска вакцина, а постои можност за нејзино производство во Австрија. За него вакцината не е геополитичко оружје, туку станува збор за ефикасност, надежност и брз достап. Најголем мангуп излезе унгарскиот претседател Виктор Орбан. Тој не чека ни што ќе каже Европската агенција за лекови, ниту што ќе му речат колегите од ЕУ, дека не ги почитува заедничките правила. Ја регистрираше вакцината и веќе ја користи. Уште еднаш се покажува дека ЕУ во моментов е во криза со единството, дека е тром механизам и неефикасен, кога се работи за внатрешни прашања.

ХИБРИДНО ОРУЖЈЕ!

Единствени против руската вакцина, барем засега се балтичките држави. Гласно се јави Литванија. Нејзината премиерка  Ингрид Шимоните на својата страница во Твитер напиша дека  вакцината „Спутник-V“ која Русија му ја предлага на цел свет е : „уште едно хибридно оружје, кое и помага на Москва да разделува и да владее“. Од Амбасадата на Русија во Литванија реагираа дека станува збор за кампања за дезинформации и дека „во Русија во тек е масовна вакцинација, а во Литванија не е ни почната“. Украина ја забрани руската вакцина. И за неа таа е „хибридно оружје“. Инаку и Украина мака мачи за да добие вакцина. Неодамна ги влоши односите со Кина, а со Русија е на нож, па тешко ќе се справи со коронавирусот, ако не добие американска, британска или европска помош. А станува збор за население над 30 милиони жители.

Дали регистрацијата на руската вакцина е научно или политичко решение? Европјаните, Германија и Франција, гледаат на тоа прашање како научно. Но како гледа Русија?. Може да се случи да ја користи вакцината како „меко оружје“ за политичко влијание. Особено ако се има на ум изјавата на Димитриев за недовербата со која беше пречекана вакцината на Запад. Според него таа, недовербата, не го вознемирила, па дури и не го изненадила. „Не е важно што прави Русија, таа ќе биде критикувана, таква е реалноста“, вели тој. Значи таа мора да си ги гледа своите интереси и да ги спроведува, а од Западот не може да очекува ништо ново. Па така и да освојува простори кои што во меѓувреме ги напуштила и ги пополниле други држави. Во Латинска и Средна Америка, на пример, во Африка, во Азија. Вакцината „Спутник-V“ би можело да биде „оружјето“. Путин можеби ќе дава повеќе вакцини на странците на штета на своите сограѓани. А можеби и не е на штета. Зашто анкети покажуваат дека во Русија сакаат да се вакцинираат околу 45 проценти од населението.  Како и да е „ Спутник-V“ е големо достигнување на руската наука. И не случајно е ставено името на сателитот „Спутник“ лансиран во 1957 година, по што Американците одреден период беа збунети од успехот на СССР. Додадено и „V“, како вакцина.  

ВАКЦИНА И ГЕОПОЛИТИКА

На темата вакцина и геополитика или само политика вчера германски Die Welt,  пишуваше за настан од 1961 година во времето на Студената војна. Сегашните дискусии руската вакцина потсетуваат на тоа време. Накусо, во таа година Германската Демократска Република и предложила на Западна Германија да и даде три милиони вакцини од полиомелит. Но вакцината, во жарот на Студената војна се сметала дека не заслужува доверба, бидејќи била разработена од етнички русин и подготвена за примена од советски научници. Освен тоа ГДР, настапувајќи пропагандистички, не пуштала спортска екипа во Западна Германија  затоа што „Постои реална опасност да се заболи од полиомелит во таа западногерманска област“. Заклучокот е дека вакцинирањето секогаш може да биде поврзано со политиката

Што да се каже за државите кои се протекторати. Како нашата на пример. Ништо радосно. И нормално кога и власта и опозицијата пред да зуцнат нешто за Русија или за Кина ги вртат главите накај Кале. Да добијат некаков сигнал. Ние сме биле за НАТО и за ЕУ изјавуваа и први и втори министри, па затоа немало да се бараат вакцини од овие две земји. А народот? Нека се разболува, а кој остане жив ќе кажува. Еве сега се актуелни кинески вакцини. За кинеските вакцини чаршијата зборуваше дека се таксани уште пред некоја недела од една наша веледрогерија. Колку беше тоа вистина не може да се каже. Се спомнуваа бројки од 200.000 вакцини. Ако е така тогаш тоа е добар потег на веледрогеријата. Ги спасува оние со вратот свртен кон Кале. А можеби сето ова е и случајност. Јасно е само едно – дека не е геополитика. А што правиме со руската вакцина? Можеби ќе чекаме да ни дадат Германците од нивното производство.

Мирче Адамчевски


* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:

Можеби ќе ве интересира

Зеленски „под контрола“!

Зеленски „под контрола“!

Топ 10 лекови во светски рамки – и каде е Македонија во овој поглед?

Топ 10 лекови во светски рамки – и каде е Македонија во овој поглед?