Средба Заев - Туск: Отворен патот за отпочнување на преговори за Македонија и Албанија
Објавено во: Македонија 28 Јуни, 2018
На денешната прес-конференција на претседателот на Советот на ЕУ Доналд Туск со премиерот Зоран Заев, тој изјави дека министрите за надворешни работи на ЕУ го отворија патот за отпочнување преговори за членство за Македонија и Албанија во јуни 2019 годин, но и дека за неколку часа се очекува шефовите на владите да ја потврдат одлуката.
Туск истакна дека напредокот немало да биде успешен без силниот ангажман на македонската Влада, посочувајќи го постигнатиот Договор за добрососедство со Бугарија и Договорот со Грција за решавање на спорот со името, кои претставуваат пример за другите во регионот како да се решаваат проблемите.
„За време на мојата посета на Скопје ја видов јасно изразената политичка волја да одите напред во евроатлантските интеграции, и оти ќе останете на тој пат да одржите чекор во реформите во клучните области“, рече Туск.
Премиерот Заев, пак, истакна дека денеска во Брисел во срцето на Европа е потврдена големата вест Република Македонија да добие датум за преговори во јуни 2019.
„Нашата земја го заслкужи тоа. Лидерите на ЕУ рекоа да, земјата го заслужува тоа. ЕУ прифати дека Македонија од заробена држава за само една година направи пресврт. За само една година Република Македонија е земја позитивни промени, на инклузивност, политички дијалог, за политичка волја за решавање на проблемите со соседите“, изјави премиерот Заев.