27 Април, 2024
0.0404

Средби на солидарноста

Објавено во: Колумни 26 Јули, 2018

Добивај вести на Viber

Своевремено на мои помлади колеги, кои бараа пригодни места од каде што би се јавиле во првото новогодишно утро на програмата на националното радио, им ги предлагав новогодишното оро пред "Идадија" и празничното играње "фанта" под "Железен мост". По малку бев разочаран, пречекот на плоштадот беше во зародиш, значи далеку од оние фасцинантни сцени од светските метрополи, каде што инаков пречек и не познаваат, орото доби политички предзнак-знаме, а машкиот шовинизам беше уништен , се замешаа и претставнички на понежниот пол, кој се повеќе се стреми, барем на овие простори, да не биде тоа. Кај фантаџиите се собираа успешни наши сограѓани од светот на пилјарскиот и на друг надалеку прочуен "купи-продај" бизнис и зашушкаа со неизбежните марки, долари, неповратно уништувајќи го шмекот на "две-све" филозофијата и на секогаш добредојдените скопски "прескокалици". Едноставно, нивните скапи автомобили и златните синџири околу вратот и рацете не се вклопуваа во амбиентот.

Да минам на тезата -едноставно не сме живи, ако "не ја упрскаме", со нашата исконска желба да покажеме и да докажеме дека едноставно и животот на Земјата започнал од нас и точка. Се друго што се здобило со некаква традиција и патина треба да се уништи.

Градското собрание на Град Скопје, на 18 мај 1964 година, донесе Одлука еднаш годишно, во периодот од 26 јули до 2 август, во Скопје да се одржуваат средби на солидарноста. Првата  беше отворена на 26 јули 1964 година. Манифестацијата „Средби на солидарноста" прерасна во традиција и настан од меѓународно значење. Секое лето, градот на Вардар беше центар на солидарноста и на вонредните човечки достигнувања не само на градилиштата каде што со помош на меѓународната солидарност се раѓаше новиот град, туку и на полето на културата и спортот. Скопје стана отворен град - град на сите граѓани на светот.

"Средбите на солидарноста" уште во почетокот се здобија со несподелена репутација и популарност. Без пари или за ситно, пред скопјани продефилира вистинска плејада познати светски имиња-"Голден гејт", Мина, Жилбер Беко, Шарл Азнавур, Антоан, Леонид Коган, Зубин Мехта, играорци од сите балкански простори и од цела Европа. Или со еден збор за да се одбележи годишнината од Земјотресот тогашните организатори не жалеа ниту време, ниту нерви, ниту беа луѓе со лажна гордост, што ја ставаат врз олтарот на чистиот волонтерски труд својата политичка тежина. Луѓето од светот ја сфатија топлината на широко подадената рака на солидарност со градот кој буквално изникна од пепелта и ја покажа својата виталност на бесмртен град. Му дадоа дел од својот гениј, како неопходна инфузија. Сфатија дека тоа е нивна човечка должност, но белки, и тие фантазирале дека, можеби, со време тоа ќе стане светска манифестација на која ќе учествуваат само најсреќните што ќе бидат поканети.

Тоа, по се изгледа, не го сфативме само ние. Како што минуваа годините, Средбите си згаснуваа. Прво се подзагубија во водите на просечноста, а потоа тотално замреа.

Не знам колку ум требаше за да се сфати дека традицијата се одгледува со упорност и со трошка љубов спрема сопствената историја и иднината на оние што допрва треба да се родат и да живеат, за кога ќе дојде времето, да ја продолжат. Вака заедно со нас и нашата носталгија дека некогаш сме биле живи сведоци и учесници на Средби што беа и повеќе од обична манифестација на солидарност да згасне и сеќавањето дека некогаш постоело и нешто такво, "некаде на ридестиот Балкан, во некоја земја на селани ..."

Прашање е дали бевме кадарни да ги задржиме нивната традиционалност и светскиот глас. Штета  што ги снема. Ги држиме палците за Светската галерија на карикатури, но и за Охридското лето и за Струшките вечери на поезијата.

Само да не останеме на орото пред "Идадија" и на новогодишната "фанта", кои никогаш не ќе ги надминат рамките на локалниот фолклор.


Бошко Фржоп од Водице,односно Шибеник,и неговата сопруга ги сретнав токму на 53-годишнината од земјотресот пред остатоците на Учителска школа,каде што за МТВ кажував сеќавања на деновите на катастрофата,со посебен осврт на солидарноста и помошта што ранетиот град ги добиваше од каде не. Само што дипломирал архитектура се вработил во Шибенска “Изградња„ и прва работа му бил ангажманот заедно со 50-ина работници во обновата на урнатиот град од братската република. Младиот архитект пред да тргне се венчал со госпоѓата што ја сретнав со него пред Идадија(како што постојано ја нарекуваа Учителска)која од возбуда скоро и да беше занемена.

Од дирекцијата за обнова добиле задача да учествуваат во санацијата на објектите во околината-во Буњаковец и Центар,а се сместиле токму во растресениот масивен објект на Учителската школа.Биле поминати дваесеттина дена од катастрофата,а скоро секојдневно биле честени со по некој потрес,афтер шок,што би се рекло.Десетина градежници не можеле тоа да го издржат и си заминале за Шибеник,а таму раководството им соопштило дека за нив нема место во фирмата....виделе не виделе, назад во Скопје.

Некаде еден месец по пристигнувањето во Скопје дошла и младата невеста на Бошко.Од ормари и друг училишен мебел си преградиле една училница, каде што дури и си организирале кујничка до печката за греење(инаку се хранеле во Самоисхрана во центерот на градот) меден месец за мерак.Во стариот објект изграден во турско останале 20 месеци.Добиле и во задача изградба на инфраструктура во неколку таканаречени сателитски скопски населби што требало бргу да се градат во пресрет на зимата и лошото време.Од првата плата Бошко си купил фотографски апарат марка„ Киев“ и секој слободен момент го користел за прошетка со младата сопруга и колегите по разурнатиот град, но и во деловите што останеле негибнати.Направил безброј црно-бели фотографии и откако годиниве организирал изложби низ Хрватска добил покана од МКЦ иста таква да биде отворена по повод 53 годишнината-впрочем и затоа беше дојдено крепкото семејство Фржоп во градот на својата младост,на обновата и светската солидарност.208 фотографии беа зголемени и каширани и претставени пред скопјани на општо одобрување и восхит.

Бошко живо се сети на првото утро по доаѓањето излегол да види што се случува тоа во паркот, каде што жителите на ранетиот град го нашле првото прибежиште пред налетот на страотната игра на природата.Го сретнала некоја жена,го понудила да седне на единствениот мебел(парковската клупа) му направила муабет и го послужила со кафе.Разговорот,преполн со интересни детали и сведоштва за неизмерната димензија на човечката солидарност и сочувство Бошко Фржоп го заврши со поентата-„После Водица и Шибаника највише волин Скопље и скопљанце“......... 


Мојсо Мојсовски 


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД