01 Мај, 2024
0.0248

Средношколско вдахновение!

Објавено во: Колумни 29 Април, 2015

Добивај вести на Viber

Бајковито и имагинативно, во ова време-невреме, во кое денес битисуваме, е да бидеш вдахновен, од нешто, во нешто, за нешто...Да умееш да изнедриш од дно на душата и разумот мисла и размисла која ќе те натера како пламенец  да дејствуваш, да умееш да се вдахновиш со максими кои ќе те натераат длабоко да проникнеш во животните вистини и да умееш да изнајдеш зрно светлина во магловитото секојдневие,  е простете ми на изразот, ѓаволски тешко.  А уште потешко, по мачно и по болно е да не гледаш светлина во тунелот и со железни чевли да чекориш по патот кој навидум е бескраен, а надежта твоја е дека сепак таму некаде, на крајот на тунелот ќе ја здогледаш светлината на денот и на крајот на патот ќе го видиш големиот натпис-излез и ќе воскликнеш Алелуја....Ама пуста надеж, пуста желба, пуста потреба од верба во подобро утре...А ако не веруваме ќе останеме непрокопсани... Мудрости и итроштини, надеж и верба во нови утра, подобри, попросперитетни и попродуктивни ни даваат и можеме да видиме во ликовите и делата на најмладите, на оние храбрите, на полетните, на бестрашните, на студентите и средношколците. Тие млади луѓе, на плеќи го носат товарот на времето во кое живеат, тие млади луѓе се доволно самосвесни и за сите последици со кои се соочуваат, тие млади луѓе допрва ги чека долгиот пат во шумата наречена живот, но тие се спремни, дури и со оловни чизми да чекорат по него. Тие млади луѓе не се затруени со политика, тие се чисти и искрени души кои имаат една и единствена кауза-подобро образование. Тие млади луѓе не можеш да ги лажеш и прелажеш дека треба да бидат конформисти и погорници на било која влада и било кој режим, тие ги гледаат своите врсници ширум Европа и светот и знаат дека нивно е правото за подобро образовно утре, знаат дека од квалитетот на образованието што ќе го добијат зависи и нивното место под сонцето и ете затоа крвнички се борат за образовна слобода. Она што фасцинира, она што вдахновува, она што те прави горд и како обичен човек и како едукатор е ентузијазмот, знаењето, мудроста и храброста кои ги красат средношколците. За нив нема делби и поделби по било која основа, нема етнички, религиски, културно другиот, не..и,а само една мисла, кауза и идеја која ги обединува сите до еден под превезот на вистината и иднината-желбата за добро и квалитетно образование. Кога ги гледам сплотени ко еден, кога ги слушам изблиците полни со енергија од нивните усни и зборовите кои многу говорат морници ме пролазуваат и верувајте солзници ми го наросуваат лицето...така сами по себе си леат, но не се таговници, туку радосници, дека имаме иднина, дека не залудно пот и крв оставиле моите и ваши предци за оваа наша мила држава и дека сепак има критичка и мисловна маса на млади луѓе кои си ја сакаат и државичката и сакаат во неа да битисуваат. Средношколци-капата долу за вас, респект од највисок ранг, мојата маленкост ви се поклонува, пред вашите мисли, зборови и вистини кои ги кажувате и боговите ќе замолкнат. Вие имате и визија и мисија, вие знаете што сакате и не дозволувате да бидете манипулирани од оние кои треба да ве поддржуваат и да бидат ваша потпора а за жал не се тоа. Вие ја имате исконската улога на борци за правда, борци за подобро образовно утре, во ваши раце се реформите кои може да бидат просперитетни или регресивни, верувајте од вас зависи. Предност ваша е вашата младост, вашата полетност, вашата истрајност, издржливост и по цена која може скапо да ве чини. Но вие пред се и над се сте НАШИ ХЕРОИ, херои на денешново совремие, кое е толку турбулентно и мачно, совремие кое на површина изнедрува толку проблеми и дилеми со кои и ние, повозрасните, некогаш тешко се носиме. Затоа мои мили херои истрајте во вашите барања, никој нема право да си игра со она што за вас е свето и за навек, а тоа е вашето образование. Големо БРАВО и за оние професори од наставничкиот пленум кои се одважија и охрабрија и покрај сите притисоци со кои се соочуваат, да ги поддржат своите ученици. Па тоа се наши и ваши деца, тоа се оние млади кои треба и за нас да градат подобра иднина и подобро утре. И моја наклоност за вас мои колеги од наставничкиот пленум кои на плеќи ги носите вашите претпоставени кои користат за миг и Гебелсови методи само да ве заплашат, но вашата храброст, доблест и самосвест е над нивната и за тоа секоја чест. Бидете такви бидејќи историјата помни само храбри, мудри и луѓе со чест и углед, за останатите-знаеме каде им е местото. Големо УА за оние кои се служат со закани, заплашувања и ограничувања на секој средношколски повик или пленум, па тоа се ваши деца, зар врз ним да се покажува сила. Арам и страм да ви е, ќе бидете залепени на ѕидот на срамот и еден ден кога ќе заврши ова лудило ќе треба да се погледнеме во очи, но знам мојот поглед и погледот на колегите од наставничкиот пленум ќе биде горе, а вашите ќе бидат спуштени во земја. Се е минливо, и функциите, и местата, се можеш да загубиш само едно не смееш-образот и достоинството. Ако тие ги загубиш не си достоен да се наречеш човек во вистинска смисла на зборот. Д-р Татјана Стојаноска Иванова, Институт за социологија, Филозофски факултет-Скопје П.С. Во контекст на писаниево уште едно мое видување дека сепак некогаш е помудро да помолчиме, бидејќи на крајот на денот на виделина излегува се....Избрзаните одлуки некогаш можат да бидат лоши и со глава ѕид не се руши...Ќе имаме нов закон за високо образование и меќу редови можете да разберете дека критиката, секако добронамерна, на носителите на високи образовни позиции е сфатена и токму нивната мудрост е во поимањето на значењето на образованието...за иста кауза се работи...  

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД