СРЕЌАТА СО ПАРИ (НЕ) СЕ КУПУВА?!
Објавено во: Колумни 25 Јули, 2019
Последната сторија, која проструи низ социјалните медиуми за самохраната мајка Љатвие од Тетово, која своите четири деца ги прехранува со бајат леб, подаден од локалните пекари, натопен во вода, за да омекне, раскажувајќи ја својата несреќна судбина низ солзи, всушност ја раскажува маката на оваа наша Македонија . Триесет години, политичките елити не беа способни, од ова парче земја, да направат достоинствено место за живеење на сите граѓани, каде што етничката припадност, воопшто нема да биде тема на разговор, најмалку политички, држава во која граѓаните ќе ја градат својата среќа врз благостостојба. Ако се вратиме во реалноста, што ќе видиме: тотално осиромашено население, од кое половината „ крпи “ крај со крај во месецот, за да може да ги плати режиските трошоци и да се прехрани, ненормален и енормен капитал концентриран во 35 фамилии кои контролираат 40 % од брутодомашниот производ на Македонија ( значи поседуваат богатство во вредност од 4 милијарди долари) и невидена сиромаштија, на рамниште на африканските субстандарди, како што е погоренаведената на кутрата млада мајка Албанка.
Година на економија, година на лажна надеж
Еден бегол поглед во јавно презентираните податоци за вкупната економска состојба во Македонија од релевантните критериуми со кои се извлекува социо-економскиот стандарт на една земја, ќе скенира една очајна состојба. Просечната плата според Заводот за статистика изнесува нешто над 25.000 денари, но сепак само 18 % од вкупно вработените во Македонија, зимаат над оваа просечна плата, додека останатите под просекот. За жал, по сите параметри Македонија заостанува со платите и зад едно Косово, и Босна и Херцеговина, додека за Бугарија, Романија, Хрватска и Црна Гора, воопшто и не станува збор. На сето ова кога ќе се додаде податокот дека невработеноста е се уште енормно висока со 17,8 процентни поени, и е поголема од сите горенаведени држави од регионот, тогаш реалноста е повеќе од сива. Сепак менталитетот на просечниот Македонец е „ ќути има и полошо“, или „ само здравје“. Токму поради оваа прва максима, Македонецот и денеска, а и низ историјата си ќутел, плашејќи се од полошото, и поради тоа денеска се наоѓа на тоа дереџе, односно децениите на „ ќути, има и полошо“, го донеле до кажи-речи најлошиот економско- благосостојбен (не)стандарт.
Сиромаштијата е болест на 21 –виот век
Втората „ максима“ пак „ само здравје“ е одлика на исплашени луѓе, дури помирени со својата „судбина“, луѓе без воља за личен и општествен напредок. Точно, здравјето во секоја негова форма е најбитно, посебно психофизичкото, но здравјето се губи и поради екстремната сиромаштија. Истата, некои ја категоризираат и како „ болест “ на 21 век, бидејќи материјално онеспособениот човек, го губи и човечкото достоинство. Сиромашните, за жал се социолошки и општествено исклучени и маргинализирани од заедницата, често потпаднати под депресија, анксиозност, и без воља за живот, не гледаат излез од својата бесперспективност, и живеат „ од ден за ден“, каде во суштина секој ден го гледаат како „казна“ од животот. Колку и да веруваме во нашата древна македонска мудрост дека „ среќата со пари не се купува“, ама статистичките податоци кои ја истражуваат среќата како состојба на умот и духот, токму најразвиените скандинавски , социјални и земји на благосостојба, ги класифицираат како држави во кои живеат најсреќните. Па така, Данска, Норвешка, Финска, Исланд, па Нов Зеланд, Канада , Австралија ги заземаат челните позиции на овие ранг-листи, додека на дното се оние држави разорени од долгогодишни граѓански војни, опустошени од ендемска корупција, елементарен животен стандарт и криминал.
Ендемските пеперутки во Мариово- последните Македоци
Дури и во овие квалификации, нам Македонците не рангираат дека сме најнесреќни на Балканот, споредено со нашите соседи. Како резултат на тоа, разорувачка „ епидемија“ на трајно иселување во западноевропските земји, доби модерниот 21-вековен македонски „ егзодус“. Во просек 18-20 илјади македонски граѓани, секоја година од 2015 та, па наваму, се селеле во Германија, таа ветена „ Ел Дорадо“ земја за македонскиот гастербајтер. Колку и да сакаме да бидеме оптимисти, тендециите друго говорат. Ако во догледно време, не се сменат некои работи, а треба под итно и тоа многу работи да се сменат, наскоро оваа земја ќе остане на старците, спомениците, и ендемските пеперутки во Мариово .
Благојче Атанасоски