19 Април, 2024
0.0344

Старо-нови меѓународни предизвици за Русија

Објавено во: Колумни 28 Декември, 2020

Добивај вести на Viber

Цел свет годинава што изминува страдаше, пред се’, од пандемијата од коронавирус, но таа не беше единствената што предизвика страдање. Во меѓународните односи не се случи ништо охрабрувачко. Напротив, напнатоста во нив продолжува и се зголемува. Русија е дел од системот  на меѓународни односи и тоа многу важен. Заедно со САД, можеби се најважните играчи. Иако до ден денес Американците, сепак, се најголемиот играч. Барем засега. Кина постепено оди кон пиедесталот за да се искачи на едно од победничките места. Оттука се наметнуваат и насоките по кои ќе оди Русија догодина да се соочи со старо-новите предизвици во меѓународната политика и да остане еден од главните играчи..

Русите за странство имаат израз „зарубежје“. Но кога станува збор за соседните земји со кои се граничи, тогаш станува збор за „ближњеје зарубежје“. А подалечните се „даљњеје зарубежје“. Па така може да почне да се зборува и за надворешно политичките предизвици на Русија. Од поблиското кон подалечното. Во наредната година се префрлува конфликтот со Украина. Исто така Москва со внимание ќе го следи развојот на состојбите во Белорусија и Грузија, посебно Ерменија и Азербејџан, а не помалку и развојот  на настаните во Молдавија и Киргистан.

РУСИТЕ ЌЕ ГЛЕДААТ И ЌЕ ЧЕКААТ

Украина годинава не успеа да направи чекор напред кон решавање на прашањето на Донбас. „Минските договори“, никако да почнат да се спроведуваат. Во Киев се погласни се најавите дека овие договори треба да се преразгледаат. Никој од актуелните политичари не сака да ги спроведе. Зашто, доколку се обиде да направи такво нешто, тогаш ќе си ја потпише пресудата за збогување од политиката, ако не и нешто полошо. Државата е поделена, а веќе се засилуваат и внатрешни „сепаратистички“ тенденции. Регионалните власти се повеќе си земаат моќ, наспроти централната власт. Украина има проблеми и со Унгарија, која го штити своето малубројно малцинство во Западна Украина. Имаше годинава и неколку скандали и дипломатски препукувања. Советот НАТО-Украина повеќе од една година не може да се состане, поради ветото на Украина. Освен тоа на видикот е предизвик за Украина, зашто ќе мора да се определи во економската војна меѓу САД и Кина, која страна да ја заземе. Станува збор за компанијата „Хуавеј“ и нејзините технологии, за чие распространување Украинците потпишаа меморандум со Кинезите. Но САД притискаат. А бидејќи Украина е иста како Македонија, таа се чини ќе мора да потклекне под американскиот притисок. Зашто во спротивставувањето на Русија, најважен сојузник и се САД. Освен тоа Американците вршат притисок за преиспитување на продажбата на компанијата „Мотор Сич“ на Кинезите. Американците сметаат дека на тој начин Кинезите ќе дојдат до важни технологии за производство на авионски мотори. Но, од друга страна Кина е најголемиот трговски партнер на Украина, додека САД се некаде на дното.

Сето ова и одговара на Русија. Украина не ќе може да игра како што сака. Навистина новоизбраниот американски претседател Џо Бајден е добар познавач и протеже на Украина и сигурно ќе работи во нејзина полза. Но од друга страна неговиот син Хантер, против кого се води истрага во САД за недозволени активности како дел од украинската компанија „Буризма“ ќе му ги врзи донекаде рацете да ја спроведува лесно работата во Украина. Инаку, цела Украина го слушаше Бајден, на снимени разговори со претседателот Петар Порошенко, како ја води кадровската политика во Украина, барајќи назначување на високи функции на луѓе од неговиот список. Во вакви услови Русите само ќе ги гледаат состојбите кај соседите и ќе чекаат. Ним им одговараат „Минските договори“, а згора на тоа ниту Франција, ни Германија не вршат голем притисок врз Русија околу тие договори. Санкциите кои се воведени против Русија не ги даваат посакуваните резултати, секако влијаат врз економијата, но ги мотивираат Русите за внатрешно преструктуирање на економски план.

КИРГИСТАН БРАНИК ОД ЕКСТРЕМНИОТ ИСЛАМ

Што се однесува до Грузија нејзиниот парламент донесе деновиве Декларација во која е зацртан влез во НАТО и ЕУ. Но за жал, таа тоа тешко ќе го оствари се’ додека нејзините територии се отцепени, а се признати од Русија и неколку други држави, како независни земји. Станува збор за Абхазија и Јужна Осетија. Односите со Русија се напнати, иако одвреме , навреме ќе се слушнат гласови за намалување на напнатоста. Молдавија има нова претседателка, Маја Санду, и сега сите очекуваат каква политика ќе води кон Русија. Санду има романско и молдавско државјанство. И многумина и забележуваат дека таа ќе сака Молдавија да ја припои кон Романија. Што може да се сфати и како пропаганда. Но тоа нема да оди лесно, бидејќи замрзнатиот конфликт во Придњестровје не ќе може да се реши без Русија, која има таму мировни сили. А ќе се противат и Гагаузите, турско малцинство со православна вера, кои имаат своја автономија. Конечно, иако подалеку Русија не е спокојна и поради настаните во Киргистан. Таму на секои две до три  години доаѓа до народни бунтови, па не се знае ни кој јаде, ни кој пие, а уште помалку кој плаќа. Имаше изјави дека зад последниот бунт „платија“ Американците. На Русите не им е сеедно каква ќе биде состојбата во Киргистан, бидејќи таму имаат своја воена база, и тоа е првиот браник од напливот на екстремниот ислам во Русија.

Нагорно Карабах и војната меѓу Азербејџан и Ерменија беше нагледен пример за политиката на Русија во нејзиното соседство. Иако копретседатели на Минската група за Нагорно Карабах, САД и Франција, кога изби неодамнешната војна останаа само на зборови. Развојот на ситуацијата на военото поле не навестуваше ништо добро. Официјална Москва сега вели дека Владимир Путин, со денови разговарал со премиерот на Ерменија, Никол Пашинјан и претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, убедувајќи ги да прекинат воените дејствија. Конечно тие беа прекинати, но состојбите на теренот се променија, азагинаа неколку илјади војници...Руски мировници сега ќе ги раздвојуваат страните во наредните пет години. Тоа значи дека од Русија директно ќе зависи состојбата во тој дел од Кавказот. Но и опасност за мировниците од евентуален нов воен судир.

ПУТИН И ЕРДОГАН СИ ДЕЛАТ КОМПЛИМЕНТИ

Токму настаните од Нагорно Карабах покажаа  дека на Кавказот влегува и Турција. Во договор со Русија или не, не може да се каже со сигурност. Изминативе денови двата претседатела Путин и Реџеп Таип Ердоган си поделија комплименти. На големата прес конференција Путин го нарече Ердоган политичар кој „не врти со опашката“ и дека ги брани своите интереси до крај. А Ердоган како одговор на ова за Путин рече дека е „чесен политичар кој го држи дадениот збор“.  Турција и Русија, заедно со Иран се дел од сириските воени години. Без Иран, тие се заедно и во Либија, иако на спротивставени страни. Без нив нема решение на кризата во таа земја. ЕУ преземаше напори за такво нешто, но засега без конечен резултат.

Пред речиси две недели американскиот државен секретар Мајк Помпео ја критикуваше политката на Русија во Средоземјето. Ја обвини дека таа „сее хаос“ на различни начини, дека шири дезинформации. Руското МНР коментирајќи ги ваквите изјави нагласи дека токму САД и нивните сојузници од НАТО извршија отворена вооружена агресија врз Либија и ја уништија таму целата социјално-економска инфраструктура на земјата, но и либиската државност со противправното бомбардирање од страна  на авијацијата на НАТО. А потоа САД се повлекле подолго време од кризата предизвикана по нивна вина. Во поглед на изјавите на Помпео дека Русија продолжува да се заканува на стабилноста во Средоземјето со посредство на поддршката на Башар ал Асад, руското МНР прокоментира дека токму благодарејќи на решавачката улога на Русија му беше нанесен огромен удар на меѓународниот тероризам и Сирија ја одбегна судбината на Либија. Исто така и не се случи нејзин распад и контрола од терористички групи.

Утре во Сочи ќе допатува министерот за надворешни работи Мевљут Чавушоглу на покана на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. Ќе заседава Заедничката група за стратешко планирање, која дејствува во рамките на руско-турскиот Совет за соработка на виско ниво. Од Москва најавија дека ќе се разгледуваат широк круг актуелни регионални и меѓународни проблеми. Блискиот Исток, Северна Африка, Кавказот, Централна Азија, Украина, Црноморскиот регион, како и заедничкото дејствување во меѓународните организации. Ова зборува дека двете земји веќе имаат изградено механизми за потесна соработка независно што едната е членка на НАТО. Веројатно ќе се градат нови контури за соработката во наредната година врз темелот на досега сработеното. И пред се поаѓајќи од интересот на двете држави.

СИБИРСКИ ПРОСТРАНСТВА

Русија се чини ќе мора да води сметка и за односите со Грција и Кипар. Русите велат дека знаат за притисокот на американските претставници врз црковното началство на Еладската и Кипарската православни цркви со цел да биде признаени украинските шизматици. „Чуден интерс за световна држава која се наоѓа илјадници километри од Украина и нема со неа историски, духовни и културни врски како Русија, а православните во САД се два проценти од населението“, коментираат во руското МНР. Таму додаваат дека не еднаш нагласувале дека на грубото уценување не му е место во цивилизираниот свет и меѓународната политика. При ова посочувајќи дека Вашингтон јавно изјавува дека ги условува обостраните односи со Атина и Никозија со прекинување на соработката со Русија.

Москва секако ќе ги задржи добрите, ако не и стратешките односи со Пекинг. Неа и е јасно дека САД на еден или друг начин ќе сакаат да вбијат клин меѓу Русија и Кина. Тоа го почувствува на преговорите за договорот за ракетите до краток и среден дострел, кога Американците го уценуваа неговото потпишување со кинеско вклучување во договорот. „Сметајќи“ дека Русите веднаш ќе се залетаат да ги убедуваат Кинезите за американското барање.  Односите на Русија со Кина засега и во блиска иднина ќе бидат стабилни, но Кина со својот развој можеби ќе се наметне и врз САД и врз Русија.  Не станува збор само за технолошки развој, туку и за развој на воените технологии и вооружувањето. Москва и Пекинг сега најавуваат соработка околу Арктикот, што пак предизвикува нервоза кај Американците. И за Кина и за САД предизвик се огромните сибирски пространства, па не треба да се отфрли и идејата Пекинг и Вашингтон да се „заортачат“, против Москва, како што беше во времето на Ричард Никсон. Се разбира ова го знаат и Русите, па нормално ќе градат своја стратегија да не дојде до тоа, или пак да нема последици врз нив. Русија и натаму ќе трепери да се сочува групата БРИКС и од политички и пред се’ од економски причини. Заедничкиот настап на оваа група во меѓународни организации има своја тежина. 

За она што ја очекува Русија догодина или што очекуваат таа во меѓународната политика деновиве на форумот „Дијалог во име на иднината“, зборуваше министерот Сергеј Лавров. Во основа тој е против постигнувањето на геополитички цели со користење на меѓународниот тероризам, наместо заедничка борба против него и нарко трговијата. За тоа сведочат Талибанците во Авганистан, Ал Каеда во Ирак и Исламската држава. Тоа се резултати од интервенциите кои Запад ги прогласуваше за носење демократија, слобода и почитување на правата. Последица од ова е реката мигранти во Европа и терористи кои соработуваат со западни земји, па и членки на НАТО, и кои се закануваат на Авганистан, Централна Азија и се подготвени да создадат т.н. калифат надвор од тој регион, во тие рамки и во Југоисточна Азија.

ИГРА ПРЕД ЕДЕН ГОЛ

Според Лавров различностите и заедничките вредности на Запад се толкуваат, како неопходност за сите да се согласат со тоа дека „музиката ја нарачува“ и „модата“ ја диктира Запад и дека патиштата за решавање на меѓународни и регионални проблеми исто така се наоѓаат во Вашингтон, Брисел и другите главни градови на земјите членки на НАТО и ЕУ. „Тоа е обид да се приоѓа кон светските проблеми со логиката на „игра пред еден гол“, вели Лавров. Оттука тој нагласува дека во Русија сметаат дека основните принципи од Повелбата на ОН во целост ја зачувале својата сила и стануваат се поактуелни. Разните идеи на западните пријатели кога се спроведуваат во ОН мора да бидат продискутирани со Русија, Кина, Движењето на неврзаните, Африканци, Азијати, Латиноамерканци И во таков формат не секогаш европјаните можат да ги протуркаат своите интереси. Па затоа наместо да одат на компромис и рамнотежа на интересите тие се стремат нивните идеолошки проекти да ги спроведуваат надвор од системот на ОН, смета Лавров.

Лавров најавува „ефикасен мултилатерализам“, за кој се застапуваат Германија и Франција, наместо почитување на различностите во рамките на ОН. Идејата е поддржана од САД и според неа Западот и конкретно ЕУ се идеал на мултилатерализмот. Тој треба своите приоди кон меѓународната соработка да ги протурка и да ги наметне на сите други. Веќе има планирано некакви структури, вели Лавров, „Алијанса за мултилатеризам“, во која нема да бидат поканети сите, туку оние кои се удобни за Западот и кои нема да поставуваат одвишни прашања. Во САД се планира создавање на  „Заедница на демократии“. Таков обид имало уште кога државен секретар била Мадлен Олбрајт.

„Станува збор за луѓе кои сами себе си се поставиле за судии и ќе решаваат кого да го запишат во „демократи“ и да го поканат на тој самит, а кој да остане надвор од таа „демократска“ заедница. Тоа го сметаме за неправилен пат..,“ вели Лавров. Во светот има многу структури кои работат и ги решаваат своите задачи со целосно почитување на Повелбата на ОН. Сите структури на пространството на Заедницата на Независни Држави, самата ЗНД, Евроазискиот економски сојуз, Шаннгајската органзаиција за соработка...„Да не заборавиме дека пред десетина години, после кризата во 2008 година „Групата 20“ почна редовно да се состанува, затоа што „седморката“ од западните земји осозна дека е неспособна да владее со светот во „секој поглед“ и да поставува услови и методи во сферата на економијата и финансиите. Порано тоа беше нивен прерогатив и сите молчешкум го прифаќаа нејзиниот приоритет. Сега кога е создадена „Г-20“, „седморката“  е само една група од учесниците. Друга група се земјите од БРИКС. Редица други учесници од „Г-20“се едномисленици со БРИКС и се застапуваат за тоа светскиот економски и финансиски ситем да бидат подемократски“., тврди Лавров.

ЕВРОАЗИСКИ КОНТИНЕНТ

Од ова досега се чини дека наредниов период на испит ќе биде реформата на ООН. Односно нејзината способност да опстане и покрај притисоците од некои големи членки. Ќе биде интересно да се види колку САД ќе се вратат во организациите од кои што ги повлече претседателот Донлад Трамп. Ова од причина што Американците, според Лавров, „не сакаат своите активности да ги потчинуваат под колективни решенија, доколку тие не ги одразуваат интересите на САД сто проценти. А такви решенија не постојат по дефиниција“.

Русија како што своевремено предложи Владимир Путин, ќе се залага за создавање на Евроазиско партнерство на големиот Евроазиски континент со учество на ШОС(Шангајската организација за соработка), АСЕАН, ЕАЕС, сите други земји сместени на тој континент, вклучувајќи ги и државите членки на ЕУ. Тоа го потврдува и Лавров. „Имаме се’ за да направиме максимално ефикасно: ресурси руски, технологии од ЕУ, Русија и Кина, колосален пазар и многу друго“, вели тој. Да не заборавиме дека своевремено Збигњев Бжежински, огорчениот противник на СССР и Русија, пишуваше дека тој што ја контролира Евроазија, тој е лидерот на светот. На политички план Русија и нареднава година ќе настојува да се реализира идејата на Путин за средба на врвот на петте лидери на постојаните членки на Советот за безбедност на ОН. Годинава таа идеја пропадна. Начелно, како да беше прифатена, но коронавирусот го направи своето, па таа не се одржа. „Со оглед на важноста и сложеноста на насобраните проблеми ние сме убедени дека е потребна средба очи во очи. Се надевам дека ќе се одржи наскоро. Една од задачите ќе биде разгледување на ситуацијата со стратегиската стбилност, бидејќи се разрушени сите махенизми, кои го контролираа вооружувањето“, истакнува Лавров.

По се ова јасно е дека нареднава година Русија ќе има многу, многу работа на надворешен план. Во прв ред веќе кон крајот на јануари ќе се видат првите потези на новиот американски претседател. Дали тоа ќе бидат надворешно политички или пак домашни задачи останати нерешени од Трамп и напластени во последниве години, кога дојде до страшна поларизација во американското општество? Русија како да се плаши од нејзино игнорирање на меѓународен план. Игнорирање од страна на Западот. Иако и тоа се случи еднаш по присоединувањето на Крим кон Русија. Сепак колку и да не ја сакаат на Запад сите велат дека мора да се разговара со неа. Па да им посакаме плодни разговори.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок