Добивај вести на Viber
Одлука на општина Центар со која се затегнаа правилата за чување кучиња по домовите, а со која за кучето да се чува во зграда ќе треба согласност од мнозинството станари, ја разбрануваа јавноста, ги збуни советниците.
Одлуката за комунален ред во Центар е донесена на завчерашната седница и со неа , меѓу останатото, се уредува дека кучињата кои постојано лаат и завиваат ќе мора да се отстранат од зградата, а ловџиските раси кои поминуваат низ оваа општина ќе мора да се чуваат на ланец.
На ова реагираа од здруженијата за заштита на животните. Од Асоцијација на активисти за заштита на животните велат дека е апсурдно да се ограничува желбата и слободата на човекот да чува куче.
„Како прво, треба да се утврди што точно значи прегласно лаење. Потоа, за да чуваш куче во стан, треба да се регулира според искуството од западните земји. Тоа значи дека секој треба да си одлучи каде ќе живее, ако сака да чува миленик, доколку законските регулативи во одредени квартови го забрануваат тоа. Апсурдно е да се ограничува желбата и слободата на човекот да чува миленик, а од друга страна во исти станбени објекти живеат луѓе кои ги кршат законските норми со пуштање на прегласна музика и слично“, велат од оваа организација.
Од општина Центар пак посочуваат дека обврската да се обезбеди согласност од соседите за чување домашно милениче во станбен објект или во дворот на зградата е одамна донесена мерка и веќе се применува на територијата на Град Скопје. Одредбата е само дел од градскиот комунален ред и е усогласување со претходно донесените закони.
„Одлуката на општинскиот совет значи усогласување на решенијата со Законот за Град Скопје, Законот за комунални дејности и Законот за локална самоуправа. Станува збор за правно усогласување. Решенијата, инаку, веќе одамна се применуваат на територијата на град Скопје“, соопштуваат од Општина Центар.
Во меѓувреме се јави и либерално - демократската партија од каде најавуваат дека ќе покренат иницијатива за укинување на Законот за забрана за чување куче што лае и ги вознемирува соседите. Иницијативата била покрената од поранешниот потпретседател на партијата Емил Кирјас, а поддржана од сегашниот вице-претседател Нано Ружин, по што се очекува да ја спроведат советниците на ЛДП во Центар и град Скопје.
Со Одлуката усвоена од општина Центар се предвидува кучињата да се шетаат со корпа на устата и подводник, изметот кој ќе го направат на јавна површина, сопственикот треба да го собере во кеса и слично. Се дозволува чување гулаби ако гулабарниците да се изградени по стандарди, а се забранува чување коњи, маски, магариња, свињи, овци, говеда и живина, како кокошки, гуски, мисирки, пајки како и пчели на територијата на Центар.