Стартува Mobile AppCamp во Скопје
Објавено во: Мои пари 26 Октомври, 2013
Денеска стратува дводневиот Камп за мобилни апликации и технологии Mobile AppCamp на кој присуствуваат програмери и претприемачи на мобилни апликации, бизнис експерти, технолошки иноватори и инвеститори, што од денеска се одржува во Скопје, во организација на Фондација Претприемачки Сервис за Млади .
Заменик-министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска истакна дека според најновите истражувања на Гартнер 2013 е година кога користењето на мобилни телефони ќе го земе приматот над компјутерите како средство за пристап на интернет. Користењето мобилни телефони, односно воспоставувањето повици во класична смисла на користење телефон, која сите ја познаваме, е петтта по ред функционалност на мобилните телефони, по користење на различни апликации, праќање на е-маил пораки, сурфање на интернет, слушање музика...
- Ако знаеме дека во светот има повеќе од 1,7 милиони комерцијално достапни мобилни апликации кои се симнати повеќе од 65 милијарди пати и овој број секојдневно се зголемува, тогаш можеме да кажеме дека ова е вистински настан кој одразува една исклучително актуелна тема, вели Арсовска Томовска.
Владата, втора година го поддржува овој настан бидејќи, како што вели замник министерката ова е место каде се среќаваат младите претприемачи, млади програмери, развивачи на мобилни апликации и нивните поискусни колеги.
- Ова е и одлична можност да се најдат потенцијални инвеститори за иновативните апликации на младите програмери, вели Арсовска Томовска.
Александар Филиповски, координатор на проектот Камп за мобилни апликации и технологии-Mobile AppCamp истакна дека целта на овој проект е да се забрзаат иновациите во доменот на мобилните апликации, да се овозможи менторирање од страна на светски консултанти за македонски учесници и од регионот.
- Утре ќе има инвеститори кои ќе бараат апликации кои имаат потенцијал за да инвестираат. На кампот ќе се претстават 25 мобилни апликации, а од кои 20-тина се од Македонија, а имаме учесници од Србија, Шведска и Хрватска, рече Филиповски.
Меѓу панелистите на вториот Камп на мобилни апликации, најавено е утре да присуствува министерот за привлекување странски инвестиции Веле Самак.
Над 50 млади програмери и бизниси од Македонија и регионот ќе имаат можност да ги промовираат своите мобилни апликации пред потенцијални инвеститори и да формираат партнерства со успешни претприемачи од мобилната индустрија од Шведска.
На Mobile AppCamp ќе се претстават тимови од Македонија, Србија, Шведска, Франција и Хрватска, а предавачите се од Македонија, Шведска, Бугарија, Србија и Словенија.
Во текот на настанот ќе бидат одржани состаноци со повеќе млади технолошки фирми кои бараат начини да ги прошират своите операци во Македонија.
На кампот учествуваат програмери и компании кои имаат своја мобилна апликација (лансирана на пазарот или прототип во изработка), што сакаат да ја промовираат и да ја презентираат пред европски акцелератор фондови. Воедно, сите учесници ќе имаат можност да закажат меѓусебни средби и да аплицираат за менторирање со некој од предавачите на кампот.