20 Декември, 2025
0.0719

СТАВРЕСКИ И НАУМОВ: Кога задолжувањата се политичка забава страда економијата!

Објавено во: Економија 16 Февруари, 2016 07:57

Добивај вести на Viber

Владата денеска планира да се задолжи кај домашните кредитори со речиси 3,6 милиони евра. Задолжувањето ќе се спроведе преку аукција на државни записи. Долгот ќе се враќа за 12 и шест месеци. Веќе утре истата сума доспева за враќање. Засега е неизвесно дали Министерството за финансии кај банките ќе се задолжи толку колку што најави или пак помалку или повеќе. На претходните четири аукции на државни хартии од вредност, министерството се задолжуваше повеќе од првично планираното. Така од почетокот на годинава вкупното задолжување на Владата на домашниот пазар изнесува 78 милиони евра, од кои 41 милион евра се повеќе од планираното. Засега нема информација од министерството за што ќе се користи оваа дополнителна сума. Дел од експертите укажуваат дека задолжувањето повисоко од доспеаните долгови, го забрзува и онака брзото темпо на задолжување на земјата и побрзо да се потроши проектираниот дефицит. -Поголемиот износ на задолжување  од доспеаниот дополнително го забрзува и онака брзото темпо на задолжување на земјата.  Задолжувањето над планираните износи пак, предизвикува нагорен притисок врз каматните стапки. Она што е позначајно е за што ќе се користат позајмените средства. Најчесто не постои доволна транспарентност, за кои цели се задолжуваме. Зголеменото задолжување би било оправдано доколку бенефитите од искористените пари се поголеми од трошоците за исплата. Односно, доколку средствата се инвестираат во проекти кои ќе влијаат врз развојот на економијата, подобрување на животниот стандард и отварање нови работни места, тоа ќе овозможи и поголема отплатна моќ на земјата во иднина. Во услови на проектиран дефицит, очекувано е задолжувањето да се зголеми. Но, во услови на непостоење ограничување за  периодот на користење на дефицитот, постои ризик истиот во најголем дел да се искористи во периодот до избори, вели Благица Петрески, извршен директор на Институтот за економски истражувања и политики „Finance think“. Според проценките на дополнителниот заменик-министер за финансии Кире Наумов, со само четери одржани аукции на државни хартии од вредност е реализиран над 15 отсто од планираниот дефицит за цела 2016 година. Се чека одлука од ДИК, Ставрески и Наумов во нов клинч Откако Управниот суд ја уважи тужбата на Наумов против одлуката на стариот состав на Државната изборна комисија во однос задолжувањата на домашниот пазар, сега новиот состав на ДИК треба да расправа за тоа дали Владата смее да се задолжува повеќе од сумата што достасува за раздолжување. Засега од ДИК нема информација кога точката ќе биде ставена на дневен ред. Комисијата може да расправа за одлуката на Управен суд но може и да поднесе жалба по однос на одлуката до Вишиот Управен суд. Инаку, според договорот од Пржино, допонителените заменици министри имаат право на вето во случаи кога ќе се утврди дека станува збор за трошења во предизборни цели. Пред денешната аукција, дополнителниот заменик-министер за финансии Наумов порача клиентите што ќе учествуваат на ааукцијата да бвидат претпазливи при кредитирањето на Владата и да ја имаат во предвид одлуката од Управниот суд.Наумов посочи дека сеуште ги чека документите од министерот за финанасии Зоран Ставрески за претходните аукции и за ненадејното откажување на една од аукциите. -И покрај тоа што Управниот суд на РМ донесе одлука со која ја прифати мојата тужба, односно ја поништи одлуката на Државната изборна комисија, министерот Ставрески распиша нова аукција на домашниот пазар која треба да се одржи утре.И оваа одлука за распишување на аукција на домашниот пазар е донесена без согласност на дополнителниот заменик министер. Во целиот изминат период многу добронамерно ја известував јавноста, пред се сакав да им укажувам на  клиентите на домашниот пазар на капитал, дека треба да бидат внимателни, односно претпазливи при запишувањето на домашни хартии од вредност. Најдобронамерно барам од нив утре да бидат претпазливи, имајќи ја во предвид последната одлука на Управниот Суд, изјави Наумов. Од кабинетот на министерот за финансии Зоран Ставрески, реагираа дека одлуката на Управниот суд не е правосилна и дека е поднесена жалба до Вишиот Управен суд. - Министерството за финансии и министерот за финансии веднаш штом ја добија оваа одлука доставија навремена жалба до Вишиот Управен суд. Со оглед на тоа дека одлуката на Управниот суд сè уште не е правосилна во сила е одлуката на Државната изборна комисија дека дополнителниот заменик-министер нема право на вето на аукциите на државни хартии од вредност, стои во реакцијата од Министерството за финансии. Според календарот објавен од финансии до крајот на првото полугудие има закажно уште 20 аукции на државни хартии од вредност вклучувајќи ја и денешната. Дел од нив не се проследени со раздолжувања. Економистите веќе предупредија дека Македонија излегува од зоната на умерено задолжена земја и потребна внимателност и разционалност при идните задолжувања. Според последните податоци од финансии, вкупниот јавен долг на крајот на минатат година изнесува 4,2 милјарди евра или 47 отсто од бруто-домашниот прозвод.Анализирано по структура порас е регистриран и кај внатрешното и кај надворешното задолжување.Ако се направи споредба со претходните години, вкупниот јавен долг од 2007 до 2015 година е зголемен за 2,6 милјарди евра или просечно годишно се зголемувал за речиси 10 отсто.Според најновата владина фискална стартегија до 2018-та година вкупниот јавен долг ќе достигне 5,6 милјарди евра или 52,4 отсто од БДП. Т.С

Можеби ќе ве интересира

Побарувачката за сребро ќе расте - кои земји имаат најголеми резерви?

Побарувачката за сребро ќе расте - кои земји имаат најголеми резерви?

Koи европски држави ќе имаат раст до 2027 година?

Koи европски држави ќе имаат раст до 2027 година?

ЕУ ОДОБРИ ПОМОШ ЗА УКРАИНА: Што се случува со цените на златото и пченицата?

ЕУ ОДОБРИ ПОМОШ ЗА УКРАИНА: Што се случува со цените на златото и пченицата?

Како вештачката интелигенција навистина влијае на пазарот на трудот?

Како вештачката интелигенција навистина влијае на пазарот на трудот?

Просечните плати во Хрватска се зголемија

Просечните плати во Хрватска се зголемија

Најголемото наоѓалиште на злато досега – илјадници тони скриени на 1.900 метри

Најголемото наоѓалиште на злато досега – илјадници тони скриени на 1.900 метри

Зошто во Европа се затвораат фабриките за шеќер?

Зошто во Европа се затвораат фабриките за шеќер?

НА ЕУ И НЕДОСТАСУВААТ МЕНАЏЕРИ ЗА ПРОДАЖБА, МАРКЕТИНГ И РАЗВОЈ: Оваа професија има незадоволена побарувачка

НА ЕУ И НЕДОСТАСУВААТ МЕНАЏЕРИ ЗА ПРОДАЖБА, МАРКЕТИНГ И РАЗВОЈ: Оваа професија има незадоволена побарувачка

Запленетите акции на Сашо Мијалков во Алта банка ставени на продажба

Запленетите акции на Сашо Мијалков во Алта банка ставени на продажба