28 Март, 2024
0.0299

Стратешки план за македонската пост-ковид економија

Објавено во: Колумни 09 Февруари, 2021

Добивај вести на Viber

Изминативе денови, подготвуваќи се за настава, сосема случајно се сретнав со извадок од материјал, во кој, имаше визуелизација, со наслов: „Декодирање на економијата во услови на ковид-19 (потенцијални победници & губитници на краток рок)“. Тоа, беше доволна инспирација за поопфатна елаборација во таа насока, а со посебен осврт на македонската економија во оваа т.н. „ковид доба“. За таа цел, ќе се обидам да ги подредам по редослед од најголемите потенцијални губитници (во црвената зона), а тоа се бизнисите во туризмот и авионскиот (транспортниот) сообраќај, до оние со послаби потенцијални загуби, како што се: компаниите од автомобилската индустрија, градежниот сектори недвижностите. На крај, како помалку  потенцијални губитници од кризата со пандемијата (во портокаловата зона), спаѓаат компаниите од производството на неегзистенцијални продукти, би рекол, тука спаѓаат сите оние кои произведуваат несуштински производи (кои имаат карактер на луксуз), понатаму секторите на финансиските услуги и образованието. Од друга страна, (во зелената зона) како потенцијални победници (добитници) од кризата со пандемијата, на прво место, разбирливо се компаниите за медицинско снабдување и здравствени услуги. Понатаму, следуваат компаниите за преработка на храна и малопродажба, лична хигиена, како и компаниите од ИКТ. На крајот, но не помалку значајни, како победници од кризата со пандемијата се наоѓаат компаниите од земјоделството и e-трговијата.

Според ова, може да се отвори една дискусија, во насока на одговор на следново прашање: Каде треба да се позиционира македонската економија во (и после) кризата со пандемијата на Ковид-19?

На ова тема, ќе дадам одговор на прашањето кое го добив на една „е-работна средба“ со колега стопанственик - угледен Германец. Имено, меѓу другото, после неговото излагање за состојбите во германската економија 2021-2023, ме праша: Каде се гледа македонската економија во стратешки рамки, после три години од денес? 

На мисла сум, дека има една стабилна и речиси сигурна индустрија за раст на домашниот бруто производ (БДП) покрај градежништвото и фабриките во зоните, а таа се вика - ЗЕМЈОДЕЛСТВО. Секако, тука не ги заборавам развојот на ИКТ и e-трговијата, кои се секогаш актуелни и државата дава пари за таа намена, но не можеме сите во тоа. За таа цел, мора системот, и тоа многу брзо, со алатките на ПР и маркетинг да ја врати некогашната поствоена југословенска атрактивност на земјоделското селско стопанство од средината на 19-ти век (читај: времето на нашите баби и дедовци). Сега, може да се чудиме, нели... Велам, да ја вратиме атрактивноста на земјоделското производство, а тоа значи дека младите лица треба да се свртат кон природата (читај: селата). Ова, на прав повидок звучи невозможно. Но, дали е така?

Ајде, да погледнеме од друг агол. Имено, ако се анализира структурно, во македонската економија изворот на падот на БДП во 2020 година, особено во кварталот број 3, треба да се бара во индустријата, а највеќе кај гранките на трговија, транспорт и угостителство. Она што остана позитивно беше земјоделството и помалку градежништвото. Значи, од ова,  треба да се искристализира дека ние, како систем, не може да произведуваме коли, или пак да се дигитализираме веднаш. Да, тоа е добро, но не можеме сите и веднаш! Според ова, во целост сум согласен со тезата дека стратешкиот економски раст треба да биде поставен на темелите на развој во земјоделството, со особен осврт на одгледување на канабис за медицински цели.

Во таа насока, легитимно е да има конзервативни ставови и негации. Но, ако се погледне од економска гледна точка, македонската економија би доживеала „ренесанса“ од приливите на девизни средства по основ на извоз на таквото растение (цвет од канабис). Тоа, во оптимални услови би значело во релативни бројки до 5% од БДП или чудесни од 200 до 250 милиони евра приходи од извоз во една деловна година. Затоа, сметам дека за ваквата тема, добро е, да се постигне консензус од сите политички опции, иако тоа е малку  можно. Но, ќе подвлечам уште еднаш, да не заборавиме, законот е покренат во една претходна Влада, чинам 2015 беше, а се имплементира, унапредува и мотивира во оваа актуелна Влада. Оттука, ако сакаме да сме вистински патриоти, овде не треба да има политика. Би констатирал дека оваа атрактивна земјоделска гранка на одгледување на канабис за медицински цели и воопшто, слободен извоз на цвет од него, е единствената добра и брза алатка за раст на македонската економија во стратешкиот план од 3 години. Се друго, ќе биде само ист просек како до сега во изминативе 30 години. Исто така, со мотивација и поддршка на нови т.н. земјоделци во таа насока, ќе се мотивира и стимулира земјоделското претприемништво. Секако, овде во анализата, јас само елаборирам од стојалиште на економист. Во контекст на тоа, мора да се направи една „трилатерала“ помеѓу банките, идните земјоделски стопанственици и државата. Целта на таквата „трилатерала“ би била, олеснет пристап до парични средства за инвестиции од страна на претприемачите земјоделци, и тоа, највеќе во современи капацитети за производство на цвет од канабис. Од друга страна, пак, тоа за банките ќе значи поголема можност за раст на сигурни и стабилни пласмани. Кога велам, сигурни пласмани за банките, тоа подразбира дека тие ќе поддржуваат фирми во гранка која ќе инкасира приходи од продажба на сушен цвет од канабис, во вредност од 250 милиони евра. Овој износ, во целост, ќе биде од извоз на производството на канабис за медицинска употреба (или околу 4 до 5% од БДП). Со други зборови кажано, ова би имало ефект на директно вбризгување на свежи пари во економијата од надвор.   

Да бидеме на јасно, јас како поединец, ниту сум корисник, ниту сум поддржувач на таквата опојна супстанца за лична употреба. Но, како медицински производ, да, сум силен поддржувач и одам до таму, што, ако се види искуството на ЕУ земјите и некои сојузни држави во САД, канабисот треба да се легализира за развој на туризмот и угостителството во нашата држава. Тоа, од своја страна би можело да овозможи услови за многу повеќе раст на БДП и вбризгување на дополнителни огромни количества на стотици милиони евра во буџетот, а најважно од се, таквата реформа ќе влијае на намалување на активностите со нелегалната трговија и перењето на пари. Денес, во актуелнава ситуација, корист имаат само оние кои нелегално тргуваат со канабис, додека сите ние обичните граѓани губиме.

На крај, сакам да го охрабрам парламентот до крај на вториот квартал годинава да смогне сили, со консензус, да го донесе законот за измени и дополнување на Законот за опојни дроги и даде можност во делот на медицинскиот канабис да се извезува, покрај екстрахирано масло и сушен цвет. Од друга страна, банките, убеден сум дека ќе ја пратат таквата динамика на реформи со силно финансирање и поддршка на нови капацитети за производство на канабис во сите неискористени земјоделски површини.  

P.S. За следни писанија, како добра тема во оваа насока, а со цел брз раст на БДП, се наметнува -  легализацијата на парите кои се „под перница“ и сите оние пари изнесени надвор во другите економии. Во 2013 година, ќе напишам дека повеќе од 1 милијарда евра, нашите граѓани чуваат надвор од системот „под перница“, а денес се можеби и 2 милијарди. Дополнително на тоа, иако немам податок (но, се многу повеќе од 2 милијарди), ако се придодадат и пари кои се легално или кеш изнесени надвор од системот, се доаѓа до огромен потенцијал за раст на БДП. Толку голем, што може да личиме на БДП на Словенија.  

„ПРЕТПРИЕМНИШТВОТО Е ПАТРИОТИЗАМ и ништо повеќе...“

проф. д-р Синиша Наумоски,

директор на АБИТ и сертифициран професор за контролинг на германската високообразовна установа во Скопје - Хајделберг Институт


Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?