02 Мај, 2024
0.0285

Студентски (де)марш

Објавено во: Колумни 18 Ноември, 2014

Добивај вести на Viber

СТУДЕНТ-о колку тоа гордо звучи. Да се биде студент значи да се биде личност вредносно изградена и морално надградена, да се биде студент значи да се биде академски граѓанин, да се биде студент значи да се поседува интелектуално-сознајна сила и моќ, да се биде студент значи да се има став за општествени феномени кои го окупираат нашето секојдневие, да се биде студент значи да се биде непоколеблив, непокорлив, авангардист и предводник на нов општествен импулс кој иницира преродба и прогрес, да се биде студент значи да се биде предвесник на новите општествени движења и новите општествени случувања, бидејќи да се биде студент е привилегија и индивидуален избор. Храброста, доблеста, инвентивноста, иновативноста, ведрината, итроштината,мудроста се карактеристики кои треба да бидат дел од карактерот на секој студент, а племенитоста, сознајноста, добрината, мисловноста, етичноста треба да го закитат вредносниот дискурс на студентот, кој осознаен и изграден со сите морални скрупули  со право може да се перчи во општественото миље. Стоп за секоја студентска неправда Но да се биде студент значи и храбро да се застане пред предизвиците кои ги носи новото време, да се одолее на искушенијата кои подразбираат конформизам и замаглен поглед на реалната општествена стварност по прашања кои директно ги задираат студентите. Да се биде студент значи да се носиш во костец со проблемите кои ти ги наметнуваа секојдневното студентско битисување, да им погледнеш ним право во очи, да кренеш глас доколку нешто не ти се допаѓа и ги сотира твоите студентски надежи и согледувања, да се биде студент значи да се има визионерство во студентското движење, студентските потреби и студентскиот стандард, да се биде студент во вистинска смисла на зборот значи со крената глава и исправен стас, со громогласен глас гордо да се викне - СТОП ЗА СЕКОЈА СТУДЕНТСКА НЕПРАВДА. Молчешкум прифаќаа се што ќе им се сервира Аномија и безидејност со години ги беше навјасала македонските студенти, апатија и разочараност ги беше обземала младите, интелегентни умови и души, кои на секоја образовна реформа беа само неми сведоци, на секоја промена, која дирекно и нив ги засегаше само подигнуваа рамена и кривеа веѓи, на секоја новина, која во одредени мери, директно или индиректно влијаеше на нив, замижуваа, онемуваа и оглувуваа и беа статуи во едно студентско време-невреме. Виткањето на кичмата, спуштениот поглед, тапата меланхолија во движењата и гласовите на македонските студенти беше нивно секојдневие, молчешкум прифаќајќи се што ќе им се сервира. Таква сервилност на студентите можевме да сретнеме само во книги и писанија кои ни говореле за некои дамнешни времиња, времиња во кои зборот се мерел пет пати на кантар, а мислата се ограничувала и се било сведено на авторитарност и тиранија. Синоними едно чудо кога ќе се спомене поимот македонски студент-аморфна маса, амеба, безрбетник и други остри и болни поими, но не далеку вистинити. Браво за младата авангарда, за младите луѓе кои ја сфатија суштината на демократијата Денес бев горда на оние кои јас ги едуцирам-моите и студентите кои се одважија и охрабрија и гласно воскликнаа - НЕ ЗА ЕКСТЕРНОТО. Денес ме вдахнови нивната борбеност, одлучност, мисионерност, истрајност во барањата за решавање на проблемот и промената која е вештачки наметната и која отстапува, по низа сегменти, од вистинската цел и намера. Во ликовите на студентите, во нивната фацијална еспресија се гледаше онаа желба за восклик против насилно наметнување на нешто што не соодветствува првенствено со начинот на студирање, нешто што се коси со правилното и посакуваното, нешто што не доликува на образование по европски стандарди. Задивено ја следев колоната млади кои не страмејќи и не плашејќи се гласно го говореа она што го мислеа, повторувајќи ја единствено целта за која протестираа. Секоја чест на храброста, борбеноста, силината, на сите оние кои во еден глас извикуваа-ние сме само студенти, образованието не е експеримент. Браво, браво, сто пати браво за младата авангарда, за младите луѓе кои ја сфатија суштината на демократијата во државата и кои ги надминаа бариерите кои со години ги кочеа во потрагата по подобро студентско утре. Немаше затапени погледи, немаше недоразбирање меѓу нив, немаше апатичност и летаргија, имаше само елан и полет, сплотеност, колективен дух, нешто што одамна го немам почуствувано во ова наше сурово секојдневие. А за официјалните организации кои би требале да бидат плаштот кој ќе ги штити студентските интереси-ќе речам едно големо уа и еден демарш, последна опомена да не спијат како мечки во зимски сон и да си ја исполат задачата за која се избрани - едно и единствено да бидат тука за студентите и да говорат во името на студентите. Студенти од сите градови, обединете се Студентската пролет доаѓа. Душата и срцето ми се наполнија и си реков конечно се  случи чудо, на површина испливаа сепак оние вредности кои со години беа маргинализирани, поттиснувани, а кои треба да бидат синоними за оние вистински млади луѓе, студенти, полни со мисла и размисла, полни со позитивен набој за творење и создавање на подобро утре за себе и за идните генерации.  Студенти од сите етнички, културни, религиски групи, студенти од сите факултети, студенти од сите градови, обединете се, здружете се и исправете се - за вас се работи. П.С. денес од оправдани причини не можев да застанам на чело на колоната во поддршка на моите студенти, но јас секако со чисто срце и душа, стојам зад секое нивно барање и во иднина, рамо до рамо ќе чекорам со нив- за една и единствена кауза-подобро студентско утре. Д - р Татјана Стојаноска Иванова Институт за социологија Филозофски факултет - Скопје

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина