26 Април, 2024
0.0266

Судбината на Лукашенко е во рацете на жените – барем засега

Објавено во: Колумни 17 Август, 2020

Добивај вести на Viber

Изборите во Белорусија поминаа. На 10 август Белорусите се пробудија во нова држава. Не држава во која Александар Лукашенко ќе биде промотор на демократија, туку држава во која опозицијата за прв пат ќе се обедини и нема да го остави да владее како досега, а можеби да постигне и нешто повеќе. Тоа е негово отстранување од власта. Потврда за таквите намери се сегашните протести во државата. Се разбира ако Лукашенко и овој пат, како и многу пати во минатото со репресија не ги задуши.

Како и што можеше да се очекува официјален победник на изборите е прогласен  досегашниот претседател Александар Лукашенко. Централната изборна комисија соопшти дека тој освоил 80,1 процент од гласовите, додека на второ место е Светлана Тихановскаја со 10, 12 проценти. Но така не мислат другите учесници во изборите, особено не неформалната коалиција собрана под мотото: „Кој било, само не Лукашенко“, а предводена од Тихановскаја. Во јавноста веќе се публикуваат протоколи од изборите во кои таа на изборни места победува со освоени 50, 60, 70 , па дури и по 90 проценти од гласовите. Но кадрите на Лукашенко во изборните комисии ги менуваат тие факти. Во јавноста се објавија и аудио снимки во кои од градски органи се диктираат бројките во полза на Лукашенко. По затворањето на изборните места низ целата држава почнаа протести. Полицијата жестоко се спротивстави со користење на солзавец, водени топови, гумени куршуми, светлосни гранати...

Протестите не престануваат. Веќе осум дена народот се собира не само во Минск, туку и во други градови во земјата. Се бара оставка на Лукашенко, правда и одговорност за нарачателите на претераната полициска реакција во која официјално, засега, има еден загинат стотици ранети и околу 7.000 притворени. Тихановскаја ја повикаа во Централната изборна комисија и таму под присила ја снимаа како чита изјава во која во најмала рака се откажува од она за што се бори. Заминување на Лукашенко од власта. Веднаш потоа таа, најверојатно под закана, замина во Литванија.

Практично власта ја протера. Но не ја омекна. Напротив, таа од таму покажува дека судбината на Лукашенко е во рацете на жените. Оние жени за кои тој спроти изборите велеше: „Нам ни треба да вклучиме во Уставот определба дека на должноста претседател не може да претендира човек кој не служел во армијата. Каков врховен командант ќе биде тој, доколку не знае што е тоа армија“, го цитираа медиумите Лукашенко во јули. Претходно тој изјави: „нашиот Устав е таков што дури и на маж му е тешко да го носи тој товар, а ако со него натовариш жена, тогаш таа, сиромашката, ќе падне“. Некои сметаат дека на овој начин тој го загубил и женското гласачко тело кое во минатите избори било доминантно за него.

Светлана Тихановскаја од Литванија порачува дека ќе формира Координативен совет за обезбедување на трансфер на власта. Во Советот би влегле претставници на граѓанското општество, познати и почитувани личности од Белорусија, професионалци од разни области. Истовремено додава : „Изјавувам дека сме подготвени за дијалог со властите“. Ова последново, ако се поврзе со претходното, Совет за трансфер на власта, значи дека тој дијалог би бил, како и кога да се предаде власта. Ако може веднаш. Се разбира и со други дополнителни услови. На пример одговорност на Лукашенко за она што се случуваше на протестите, но и во деновите пред изборите кога беа апсени неговите политичките противници. Во таков случај неговата судбина ќе биде повеќе од јасна.

Навистина последниве два до три дена на протестите нема тепање, нема апсење. Се пренесуваат тврдења на очевидци. Дека народот целосно се обединил. Дека сега се протестира и во текот на денот, а не само навечер, дека полицијата не ги напаѓа. Дека штрајкуваат најголемите компании во државна сопственост. Па дека и државните медиуми почнуваат да ја прикажуваат реалноста. Со еден збор – победуваме. Истовремено  во саботата и вчера стигна вести дека првите украински дипломати во Словачка и во Швајцарија ги поддржале протестите. Едниот од нив, Павел Мацкуевич, на Фејсбук напиша: „ Да се поддржува првиот човек на државата, кој од гарант на безбедноста се претвора главна закана, сметам и како државјанин и дипломат, дека тоа е предавство на татковината и националните интереси. Лукашенко мора да замине“.

Кога работите земаат ваков тек значи дека станува збор за ослободување од стравот.  Па затоа малкумина очекуваат претседателот да крене раце и да се предаде. И така лесно да замине. Тој вчера на контра протести во Минск пред насобраните, некои велат чиновници од државни служби, зборуваше за странски фактор во протестите, пред се Латвија, Литванија, Полска и Украина, кои „наредуваат“ да се одржат нови избори. „Ако се согласиме со нив, тогаш ќе се урнеме“, нагласи Лукашенко, давајќи до знаење дека ќе нема повторни избори. Потоа дека целата младост и најдобрите години, четврт век, ги дал на „земјата убавица“. Дека НАТО е веќе пред границите на Белорусија. Во емотивното обраќање тој рече:„Ако го загубите првиот претседател – тоа ќе биде почеток на крајот“. Во најмала рака Лукашенко се чини смета за себе - „Државата тоа сум јас“.

Белорускиот претседател за два дена два пати разговараше телефонски до неговиот руски колега Владимир Путин. Вториот пред вчерашното обраќање пред неговите приврзаници. Како што соопштија од Кремљ: „Продолжи разгледувањето на ситуацијата после претседателските избори во Белорусија, во тие рамки и водејќи сметка за притисокот што се врши врз републиката од надвор. Од руска страна е потврдена готовноста да се даде поддршка  во решавањето на појавените проблеми врз основа на принципите од Договорот за создавање на Сојузна држава, а исто така, во случај на неопходност, и по линија на Организацијата од договорот за колективна безбедност“. Првиот од овие договори не предвидува никаква воена помош од Русија, но Договорот за колективна безбедност веќе дава таква можност. Дотолку повеќе што во Белорусија има руски стратешки воени објекти.

Интересно е што во предвечерието на изборите Лукашенко зборуваше за наемници од Русија дојдени да го соборат од власт. До денот на изборите постоеше напнатост меѓу Русија и Белорусија по овој повод. Па Лукашено мораше да се јави кај Путин, кој како да не сакаше да разговара со него. Сите наводни наемници се вратени во Москва. А сега Лукашенко се јавува кај Путин речиси секој ден. Тоа зборува дека нему не му е лесно, дека за прв пат се наоѓа во ситуација која го доведува до очај. Русија, пак, иако со Кина, ја поздравија официјалната победа на Лукашенко на изборите, сепак нема да се брза во борба за негов спас. Таа ќе ја гледа државата, а не на поединецот, кој се тетерави пред да падне од власта. Според новинарот Георгиј Бовт, тезата дека Русија може и со воени сили да се вмеша во Белорусија, само е знак за западните куратори на белоруската опозиција, кои ја инструираат, што да прави, а исто така и на Тихановскаја која е во Литва. А исто и за Европа, дека може да се повтори Украина, што и не е обврзно да се случи на ист начин. За Фјодор Лукјанов, главен уредник на списанието „Русија во глобалната политика“, однесувањето на Лукашенко е повеќе игра од негова страна, „тој се стреми и на Запад и на својата внатрешна публика да им каже : „Ако ме нема мене, тогаш ќе биде Путин, тоа го сакате?“

И додека Русија е јасна од Запад ништо ново. Лукашенко со играта топло-ладно ги натера западните држави да не знаат како да одговорат на развојот на настаните во Белорусија. Реагираа некои држави од Централна и Источна Европа. Реагираше и Германија, која се закани со санкции. ЕУ најави санкции, но се остана на тоа. Санкциите би се однесувале на поединци. Санкции кон Белорусија имаше и во минатото, но тие очигледно не дадоа никаков плод. Државниот секретар на САД, Мајк Помпео, на турнејата во некои европски држави, беше предвидел да зборува за енергетиката, корона вирусот и отпорот кон Кина и Русија. Но настаните во Белорусија му ја наметнаа и таа тема. Па само што пристигна во Прага изјави:„Изборите во Белорусија не беа слободни. Тоа што се случува таму е трагедија. Белорусите сакаат слобода и демократија, тие тоа го заслужиле“. А пред половина година тој го фалеше Лукашенко за подобрување на човековите права и вети воспоставување на дипломатски односи. Но во Вашингтон некои конгресмени сега се спротивставија на слушањата за новиот американски амбасадор во Минск.

Владимир Иноземцев, директор на Центарот за истражување на постиндустриски општества, смета дека големината на пренебрегнувањето на волјата на граѓаните е таква што нивното „помирување“ со власта е малку веројатно. “Денес Лукашенко нема никаква програма, тој може само да војува со својот народ, а ако нема моќ за тоа, да му ја даде земјата на Путин и да му служи како верен гаулајтер во самата Белорусија или во друга област на борбата за власт и пари, против слободата и интересите на луѓето“, вели Иноземцев. Притоа белоруската власт би требала да помине долг пат. Минимум,  да ја уапси победничката Тихановскаја и нејзиниот штаб, конечно да ги потисне протестите, да одржи судски процеси над стотици уапсени, да протера од земјата илјадници лути активисти. „ Ако успее во сето ова, претстојат уште неколку години власт со многу потесен простор за маневрирање отколку порано. Ако не, што сè уште изгледа поверојатно, неговата судбина е непредвидлива.“, заклучува Иноземцев.

Можел да додаде дека недостојните и оние со нечиста совест бегаат од земјата. Клептократите од авторитарните режими, во багажник од автомобил, како Никола Груевски или Виктор Јанукович, можеби и тој во багажник, избегаа во Унгарија и Русија. И двајцата тврдеа дека нивните противници сакаат да ги убијат. Судбината на Лукашенко е непредвидлива, но предвидлива е државата во која би побегнал.  Ако тоа му го дозволат белоруските жени.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД