Добивај вести на Viber
Последниот етнички Македонец на територијата на сегашна Република Македонија ќе умре во 2466 година, односно, по 453 години. Ова ќе се случи ако продолжи сегашниот тренд секоја година бројот на Македонците да се намалува и кој сега ги достигна алармантните размери, пишува Дневник
Весникот неодамна објави и дека бројот на етничките Македонци во земјава минатата година се намалувал за по осум Македонци секој ден. Односно, само лани имало 2.838 Македонци помалку, а што е резултат на разликата помеѓу 11.985 родени бебиња и 14.823 умрени лица.
Наједноставната пресметка покажува дека ако ваквиот тренд продолжи, исчезнувањето на етничките Македонци во земјава ќе биде неминовност. Пресметката е направена врз процентуалните соодноси на населението во земјава забележени на пописот во 2002 година. Тргнувајќи од податокот на Државниот завод за статистика и со кој на крајот од минатата година во земјава имало 2.062.294 жители, излегува дека од нив 1.323.580 се Македонци, врз основа на застапеноста од 64,18 проценти од пописот пред 11 години. Второто најмногубројно население се Албанци, а кои врз основа на процентот од 25,17 треба да ги има 519.079. Пресметката е правена под условот тогашните проценти да се задржани и сега, што е тешко за верување.
Сепак, статистичарите пред последниот попис, кој беше прекинат, проценуваа дека драстични поместувања во соодносите не може да се очекуваат најмногу поради големите миграции и кај македонската и кај албанската етничка заедница. Во таква ситуација, наједноставната пресметка покажува дека секојдневното намалување од осум Македонци дневно ќе резултира со нивното исчезнување за 453 години.
Во земјава 50 отсто или 42 општини имаат негативен природен прираст во 2012 година – Kарпош, Kисела Вода, Берово, Битола, Гевгелија, Делчево, Демир Kапија, Демир Хисар, Kавадарци, Kочани, Kратово, Kрива Паланка, Kрушево, Охрид, Пехчево, Прилеп, Пробиштип, Ресен, Свети Николе итн.
Од друга страна, статистиката покажа дека бројот на етничките Албанци секојдневно се зголемува за 13 дневно. Но, статистичарите најавуваат дека и овој тренд во иднина ќе запре.
- За околу две децении може да се очекува изедначувањето на стапката на наталитетот во земјава. Лани, во земјава имавме прираст на населението од 3.424 лица, а за половина од оваа бројка се заслужни четири општини: Сарај, Чаир, Тетово и Студеничани – објаснува Дончо Герасимовски, поранешен директор на Државниот завод за статистика.
Угледниот весник „Економист“ во своето истражување базирано врз податоците на Популациониот фонд на Обединети нации излезе со процена дека последната жена во Македонија ќе умре во 3104 година. За Босна и Херцеговина, на пример, прогнозата е дека тоа ќе се случи во 2770 година, а за Србија прогнозата е дека тоа ќе се случи во 2225 година. Нашиот северен сосед во последната деценија загубил повеќе од 260.000 жители, првенствено како резултат на стареењето на населението што предизвикало поголем број погреби отколку раѓања.
Во 1950 година во Македонија, на пример, се родиле 50.000, во 1980 година – 40.000, во 2011 – 22.000 бебиња.