19 Март, 2024
0.0286

Тачи го виде Путин!

Објавено во: Колумни 16 Ноември, 2018

Добивај вести на Viber

Одбележувањето на 100 годишнината од крајот на Првата светска војна што се одржа во Париз во неделата беше можност десетици лидери на држави, кои беа на свеченоста да се видат, да се поздрават, да позборуваат.  Па така, се видоа Доналд Трамп, Владимир Путин, Емануел Макрон, Ангела Меркел, нашиот претседател Ѓорге Иванов со некои од нив...Меѓу сите средби имаше една која предизвика изненадување. А е битна за нашиот регион.

Си подадоа рака и поразговараа Путин и косовскиот претседател Хашим Тачи. Оваа средба е голем плус и успех за Тачи. Независно од нејзиниот резултат или од тоа колку траела, колку и што зборувале. Факт е дека таа е договорена однапред. Средбите од тој вид не се случајни. Особено што Русија го нема признаено Косово. Освен тоа таа е и осведочен сојузник на Србија. Дипломатите знаат колку е тешко да се договори ваква средба. Но еве тоа му успеа на Тачи. Се разбира со согласност од страна на Русите. А згора на тоа Путин е мајстор за средби, поздрави или за нивно одбегнување. Тоа што наумил тоа го прави. Ќе се навратам на посетата на претседателот Борис Трајковски на Русија. На влез во салата за состаноци во Кремљ тој срдечно се упати кон Путин, си ги подадоа дланките, но Путин не дозволи да биде прегрнат од Трајковски. Со вкочанета рака го држеше насмеаниот Трајковски на растојание и ја избегнуваше неговата прегратка.

Да се вратиме некој месец назад. Во Софија на собирот на лидерите на ЕУ, Шпанија, поточно  Маријано Рахој, шпанскиот премиер, учествуваше на сите официјални средби, но не и на Самитот за Западниот Балкан. Образложението беше дека Шпанија не го признава Косово. Покрај неа има уште други четири држави членки на ЕУ кои не го признаваат Косово. Но нивните лидери немаат така крут став како Рахој. Сега после Париз се гледа дека освен Србија која мора да соработува со Косово и да преговара за иднината на меѓусебните односи, како и Русија да е поеластична од Шпанија.

Средбата на Путин и Тачи изненади многумина. Секако и Србите. Имаше коментари и од претседателот Александар Вучиќ на таа тема. Но сарказмот во нив покажува дека за таа средба не знаел и дека не му е сеедно. „Може Тачи да го брка Путин колку што сака, ама нема да добие поддршка за што било со кое Србија нема да се согласи“, рече Вучиќ по враќањето од Париз на една прес-конференција, додавајќи дека „во моментов сме многу далеку од усогласување“, мислејќи на разговорите со Косово. „Тоа што јас се гледам со Трамп не значи дека САД ќе го променат мислењето за Косово, како што нема да го промени ни тоа што Трамп рече дека Србите се голем народ“, истакна Вучиќ, нагласувајќи дека и Русија и САД имаат свои интереси. Според Вучиќ, Русија е пријател на Србија и двете држави имаат добри односи, а ќе имаат и подобри. Тој најави дека Путин во јануари ќе дојде во Србија, но никогаш нема да ја посети Приштина.

Кремљ, откако виде дека косовскиот претседател објави фотографија од средбата со Путин и коментар со неа, веднаш реагираше преку  прес секретарот на Путин, Димитриј Песков, на новинарско барање за коментар на информацијата за средбата. „Тоа и не беше средба, туку разговор во кулоари. Путин разговараше со доволно голем број учесници на настанот. Споменатиот од вас, Тачи, беше еден од нив, тие се поздравија, тие се фотографираа“. Според Песков, во разговорот Путин посветил внимание на неопходноста во прв ред да се најде консензус со Србија. „И секако, тој рече,  дека договорот кој ќе го постигнат двете страни ќе биде поддржан од нас“, го цитираше Песков својот претседател.

Вчера коментираше и руското министерство за надворешни работи. Официјалниот претставник на министерството, Марија Захарова, на редовниот брифинг, беше прашана за коментар на изјавата на Тачи дадена за косовски медиуми за гоа дека Русија треба да промени својот однос кон Косово. И под кои услови Русија би можела да ја преразгледа својата позиција. „Јас ја немам видено конкретно таа изјава. Овде се’ се вклопува во меѓународното право. Во моментов е важечка Резолуцијата на Советот за безбедност на ОН 1244, кој никој не ја укинал. Таа и го определува рускиот однос кон косовскиот проблем. При тоа, нормално, разбираме дека меѓу страните се водат преговори. Решенијата кои ќе бидат донесени треба да одговараат на интересите на народот на Србија. Формула – доволно универзална. Да се бараат какви било други рецепти за Русија да го смени својот приод, мислам дека нема потреба“.

А што всушност изјави Тачи за телевизијата Клан Косова? Како што пренесуваат медиуми, во прв ред дека таков состанок му недостасувал на Косово на меѓународна сцена и дека тоа е големо достигнување и чекор за косовската дипломатија. „Беше коректен состанок, нормален, без некое посредување. Ова е прв состанок меѓу Косово и Русија на институционално ниво. Мислам дека ова е чекор напред во односите со Русија. Тоа е добро за двете земји, за мир и стабилност во иднина“, изјави Тачи. Додавајќи дека со Путин не разговарал за конкретни работи, Тачи истакна „Разговаравме за општи аспекти и можноста Русија да го смени својот став кон Косово. Путин истакна дека ова е осетливо прашање. Нагласив дека не сме ни пријатели, ни непријатели, но можеме да имаме нормални и коректни односи, како и другите земји со Русија“.

Навистина ли мисли Тачи дека Русите можат да го променат ставот кон Косово? Експертите кои во Москва се занимаваат со Балканот, а не се оптоварени со политика, мошне добро ги знаат работите. Па за нив инцидентите што беа неодамна на Северно Косово не се ништо друго, туку обид на Тачи да си го зголеми рејтингот дома со пиар-акцијата – посета на акумулацијата „Газивода“, придружуван од специјалци. Да си го потврди имиџот на силен лидер. Особено во моментот кога наиде на отпор кај некои негови соборци, премиерот, претседателот на парламентот...А одговорот на Вучиќ со подигање на борбената готовност заради „прошетката“ на Тачи е всушност обид да се покажа дека тој не отстапува пред него.

Во Русија е јасно дека претседателите на Србија и Косово се соочуваат со сериозен  отпор обидувајќи се да склучат мировен сеопфатен договор кој опфаќа размена на територии. Оттука и обидите на двата лидера во таа игра да ги вклучат своите главни спонзори - играчи. Србите Русија, а Косоварите - Америка. Згора на тоа Вучиќ бара покритие и од Брисел. Експертите велат дека Вучиќ оди кај Путин и бара поддршка заради обвинувањата во Србија дека е предавник. А вака на бранот на популарноста на Путин во Србија и со неговата поддршка полесно би склучил договор со размена на територии. За разлика од експертите официјална Москва зазема неутрален став во поглед на идејата за размена на територии. Захарова во септември на таа тема изјави дека „Тоа е прашање кон Србија и Србите, а не кон Русија“.

Западот, пак, во однос на намерите на Тачи и Вучиќ има различен однос. Јоханес Хан, Австрија го поддржуваат овој дијалог. Но така не сметаат во Германија, Франција и Велика Британија. Тие укажуваат на опасностите од таков договор. Особено во поглед на стабилноста во БиХ и Македонија. Но впечаток е дека Американците се ветер во грбот на Косово. Тие како да го имаат променето својот став. Советникот на Доналд Трамп за национална безбедност, Џон Болтон, кон крајот на август изјави дека ако двете страни се договорат и направат компромис, тогаш и САД нема да ја исклучат можноста за промена на границите. Слична беше и изјавата на Метју Палмер, заменик на помошникот на државниот секретар. Но некои американски дипломати, Камерон Мантер на пример, поранешен амбасадор на САД во Србија, сметаат дека „важно е да се каже дека тоа не зависи од Германија или САД, туку од Вучиќ и Тачи кои ќе излезат со креативно решение. Американците велат дека не го виделе планот, туку дека чуле дека се зборува за тоа. Кога ќе го видиме планот, тогаш ќе одлучиме. Потоа Американците ќеседнат со Германците и ќе ги прашаат што мислите за ова, дали има напредок“?

Очигледно е дека последниот збор ќе го имаат големите. А тие поаѓаат од своите интереси. САД да го вовлечат Косово во НАТО. И да не дозволат руско влијание на километри далеку од некогашната српска покраина. Русите пак го имаат Косово како адут во оправдувањето на присоединувањето на Крим кон Русија. А секако и Србија да биде воено неутрална. Тоа што и едните и другите велат„како ќе се договорите така ќе ве прифатиме“, тоа е само велење. И Русите викаа ќе го прифатиме договорот што ќе го направите со Грција за името, ама  сега кога сме на пат да го смениме него, изјавуваат дека за нив секогаш ќе бидеме Република Македонија. Исто и Американците.го бараат прво договорот, па потоа да видат што им одговара, а што не, па да го менуваат или да го отфрлат.

Се чини дека главен играч наредниов период во сето ова, како и досега ќе биде Федерика Могерини. Пред некој ден дојде веста дека ЕУ сака договорот меѓу Србија и Косово да биде потпишан до крајот на идната година, кога и истекува мандатот на Могерини. А таа да замине како творец на едно решение кое донело мир. И навистина ако за една година не се постигне договор, тогаш може да се зборува за „сиво петно“ на географската карта, кое може да не ја промени бојата уште десетици години.  Што не е од полза ниту на Србија, ниту на Косово. И ќе се покаже дека и Тачи и Вучиќ и покрај самобендисаноста не се способни да донесат мир. А доволно е да го имаат предвид нашиот пример. Што побрзо договор, толку подобро со оглед на амбициите за влез во ЕУ или за членка на ОН.

Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?