ТАЏИКИСТАНЕЦ ДАЛ ПОДДРШКА НА ТЕРОРИСТИЧКИОТ НАПАД НА СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ: Лицето е уапсено во Санкт Петербург
Објавено во: Свет 28 Март, 2024
Лице од таџикистанска националност кое живее во рускиот град Санкт Петербург е уапсено поради тоа што со коментар на социјалните мрежи дало поддршка на терористичкиот напад кој во петокот се случи во Москва и каде загинаа 143 луѓе, а преку 300 се повредени.
Терористите беа од Таџикистан. Како што објави Истражниот комитет, осомничениот од 24 до 25 март објавувал коментари на Интернет со кои го оправдувал терористичкиот напад во „Крокус“.
„Дваесет и шестгодишен државјанин на Таџикистан, кој не е регистриран во Русија, е осомничен дека сторил кривично дело според Дел 2 од член 205.2 од Кривичниот законик на Руската Федерација (оправдување на тероризам)“, се вели во соопштението. Судот ќе одлучи за притворот на осомничениот. Според пишувањата на медиумите, по нападот имало серија напади на имигранти во Русија поради револт. Во Русија, според медиумите има неколку милиони луѓе доселени од соседните земји. Поради нискиот наталитет, Русија има потреба од работна сила од странство.