Текстилните работници ќе останат на улица, најави за масовни отпуштања
Објавено во: Економија 29 Мај, 2013
Нарачките се намалуваат, македонските текстилци најавуваат масовно делење откази од следниот месец. Ако претходно имало околу 1,3 милиони нарачки, сега тие се намалени на 423 илјади. Од Кластерот за текстил велат дека нема работа, а дополнителни грижи им создава нееднаквиот третман на државата кон домашните фирми во споредба со странските инвеститори за кои, велат од Кластерот, се даваат низа поволности. Истовремено, се жалат текстилците, субвенции има само за земјоделството и туризмот, додека тие се чуствуваат заборавени од институциите.
Според Маријана Перковска, претседател на Кластерот за текстил, веќе во јуни се најавува отпуштање на 1000 до 2000 вработени.
„Ова се првични најави, од само две до три фирми. Колкава ќе биде вкупната бројка допрва ќе видиме“, додава Перковска.
Истовремено од Кластерот посочија дека има недостиг на стручни кадри, а застарената технологија која ја користат се одразува и врз профитот и платите. Бараат итно преземање мерки од надлежните, но и стратегија која ќе обезбеди продуктивна и квалитетна работа.
Чудно исто така е , велат текстилците, тоа што македонската текстилна индустрија може да извезува, а не може да реализира пласман дома. Текстилната индустрија во Македонија се најде на второ место, веднаш по металургијата. Од вкупнот број вработени во индустријата, околу 33% отпаѓаат на текстилот.