02 Мај, 2024
0.0323

Тенкови кон исток, ракети кон запад

Објавено во: Колумни 26 Јуни, 2015

Добивај вести на Viber

Враќање кон минатото или пат кон иднината. Ова е дилемата која со својата актуелност ги оцртува односите на Западот со Русија и обратно. Таа е засилена со најновите изјави од двете страни. Американскиот секретар за одбрана Ештон Картер до денес е на турнеја во Европа и се обидува да ги исцрта контурите на новата политика кон Русија. Картер деновиве беше јасен. Од Талин тој порача дека САД ќе распоредат тенкови, артилерија и друга воена опрема во источна и централна Европа. Наводно, тоа се прави за смирување на НАТО сојузниците, кои изразуваат загриженост поради случувањата во Украина. Овие држави своеврмено беа дел од СССР или од Варшавскиот пакт. Тие барајќи повеќе суверенитет и независност го напуштија Советскиот Сојуз и Варшавскиот пакт. Сега, бидејќи станаа дел од нов пакт, НАТО, тие повторно губат од својот суверенитет и дозволуваат оружје да се натрупува на нивните територии со што стануваат и прва цел во евентуална војна меѓу Русија и Западот. Но тие веруваат во начелата на НАТО дека ќе бидат заштитени од своите сојузници. Станува збор за балтичките држави  Естонија, Литванија и Летонија, како и Бугарија, Романија и Полска, кои се согласиле на нивна територија да бидат распоредени делови од опремата и сили за брзо реагирање на НАТО. Што предвидува планот за распоредување на воена опрема и војска? Пред се треба да се распоредат 250 тенкови, како и војници, од кои поголемиот дел веќе се наоѓаат во Европа. Се очекува нивната бројка да достигне до 40 илјади, распоредени по еден батаљон во шесте споменати земји. Конкретна причина за ова, според Западот, е анексијата на Крим и учеството на Русија во конфликтот во Украина, што Москва категорично го отфрла, а за волја на вистината и Западот досега не излегол со конкретни докази за такво нешто. Зашто, ако ги имаше тие веднаш ќе беа објавени. На пример, како за  време на кубанската криза, кога снимките на руските бродови со ракети наменети за Куба, а и веќе поставени ракетни рампи, овозможија САД во ОН да го докажат своето тврдење за распоредување на ракети на Куба. Потоа почна кризата, но се се заврши со повлекување на руските ракети. Според генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, Алијансата треба да стане посилна пред заканите што произлегуваат од „Исламската држава“ и Русија. Очигледно за него, како што и пред повеќе месеци изјави американскиот претседател Обама, главни непријатели се токму ИД и Русија. Недостига само еболата, која тогаш ја спомена Обама. Американски извори тврдат дека за уништување на ИД ќе бидат потребни, можеби, и десетина години, а колку ќе бидат потребни за Русија? Која, згора на тоа ни најмалку не е ниту ИД, ниту ебола. Во интервју за италијанскиот весник Corriere della Sera, на почетокот на  месецов Владимир Путин ја исклучи можноста Русија да нападне некоја држава членка на НАТО. Според него „Во поглед на стравот на некои земји по повод можните агресивни дејства на Русија, мислам дека само нездрав човек, и тоа во сон, може да си претстави дека Русија одеднаш ќе го нападне НАТО. Во некои држави, едноставно, ми се чини, шпекулираат со стравот во однос на Русија“. Тој смета дека  некои држави денес сакаат да имаат улога на земји кои се наоѓаат на „линијата на фронтот“ и шпекулираат со стравот од Русија, а на САД им е неопходна надворешна закана за да го сочуваат лидерството во атлантска заедница. И токму по ова рускиот претседател Владимир Путин најави дека Русија ќе додаде повеќе од 40 интерконтинентални балистички ракети кон својот нуклеарен арсенал оваа година. Одговорот на Столтенберг беше, дека воената реторика на Русија е опасна и има дестабилизирачки карактер.  И токму заради тоа треба да се зајакне готовноста на силите на НАТО. А ставот на претставник на руското Министерство за одбрана, околу распоредувањето на тенковите и тешкото вооружување во НАТО членките долж руската граница, е дека тоа претставува најагресивен чекор на САД од времето на Студената војна. Генералниот секретар на НАТО Столтенберг, вели: „Ние не се наоѓаме во состојба на студена војна, но ние и не сме стратешки партнери , се наоѓаме во преодна состојба меѓу историското искуство на студената војна  и на тоа кон кое ние се стремиме – стратешко партнерство со Русија, по завршувањето на Студената војна“. Со слична реторика во Берлин се обрати и Ештон Картер. Русија нема да успее да ги „вовлече во минатото“ САД и нивните сојузници, рече тој, и ја обвини МОсква за обид за возобновување на своја сфера на надворешно политички влијание од времето на Советскиот Сојуз. Картер рече дека сојузниците на НАТО се подготвени да ги подобрат односите со Москва,ако тоа го сака Кремљ. „Ние не се стремиме кон студена, а уште помалку кон „жешка војна“ со Русија. Ние не сакаме Русија да биде наш непријател. Но воопшто не се сомневајте дека сме готови да ги заштитиме нашите сојузници и меѓународниот поредок, потпирајќи се врз законите“, рече во Берлин првиот човек на Пентагон. Претходно, Картер во една изјава рече дека политичкиот курс на Русија нема да се промени во време на претседателот Путин и дури после него. И затоа НАТО треба да се придржува кон жесток, но избалансиран приод во односите со Русија. Како што се гледа на сите им се полни устите со тоа дека не сакаат војна, ни студена ни жешка, ни дека имаат намера меѓусебно да се нападнат, па дури треба да се гради стратешко партнерство! Па зошто тоа не го направат? Зошто се пропуштија 25 години од крајот на студената војна, па сега да мора одново да се зборува за неа? Каде е Украина во сето ова? Како да ја заборавија. Или пак таа беше само добродојден повод за нов почеток на НАТО, по периодот на себепреиспитување, кога немаше непријатели, па мораше да се бараат и подалеку од Северниот Атлантик, на Балканот, во Азија, Африка...Тие години членките на Алијансата,стари и нови, можеа да заштедат во буџетите пари кои би ги издвојувале за вооружување, а што не беше случај во време на Студената војна. Шансите се пропуштија во почетокот на девдесеттите години и во 2001 година. Првата, по распадот на СССР. Наместо да ја привлечат Русија кон себе, исполнувајќи го усмениот договор дека Алијансата нема да се шири кон исток и истовремено да работат на длабоко партнерство „победниците“ во Студената војна се заборавија во победничкиот занес. Наместо да му помогнат на Борис Елцин во демократизација на државата и економски реформи, тие го оставија сам да се снаоѓа како што знае и умее. И нормално се роди „олигархискиот“ капитализам.  Кој до денес постои во Русија. Или пак шансата од 2001 година, 11 септември, кога Владимир Путин прв му се јави на Џорџ Буш и му понуди секаква помош во борбата со меѓународниот тероризам. Тогаш дури се зборуваше и за потесни врски на Русија со НАТО, па дури и евентуално членство! Се се заврши со руска помош околу американските транспорти кон Авганистан. Додека се чека трета шанса, реалноста зборува дека сите страни остануват на своето. „Американската елита има намера да прпдолжи со притисокот врз Русија. Да бара од неа да го смени својот курс, да ја смени својата политика и да ги почитува интересите на САД“, вели заменик директорот на Институтот за САД и Канада Виктор Кремењук. Според него, тешко е да се оцени ефикасноста на таквата  стратегија, но е разбирливо дека „засега русакото раководствонема намера да прави било какви отстапки“. Во ваква ситуација тешко на Украинците. Само ќе бидат монета за поткусурување меѓу големите сили. А за такво нешто веќе има некакви најави. На пример, дека САД и Русија ќе се пазарат со иднината на Украина и на Сирија. САД да притискаат врз украинското раководство за спроведување на Минскиот договор, а Русите врз Асад за мирно предавање на власта во неговата земја. Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина