25 Април, 2024
0.0265

Тези дупче, не е дупче

Објавено во: Колумни 25 Октомври, 2018

Добивај вести на Viber

Се случи и тоа, во Собранието на Република Македонија, пратениците ја пронајдоа и ја изгласаа потребата од промени на Уставот, со цел да се удоволи на ступидните барања на Република Грција од договорот што го склучи во Нивици како прва страна, со некоја без имена втора страна, во која пратениците ја препознаа Република Македонија.
Браво!
Тоа што референдумот не успеа, тоа што најголемиот број граѓани на Република Македонија го бојкотираа повеќезначното референдумско прашање, кое имаше за цел да ги збуни и заведе гласачите, тоа што се изведе неуспешна операција на полнење кутии со цел некако да се стигне до цензус, не беше доволно за пратениците да се одважат и да гласаат за заштита на интересите на мнозината граѓани, така што државата (власта во неа) сега им гарантира дополнителна безбедност, доделувајќи им полициско обезбедување (?!). Зошто им е потребно полициско обезбедување, зарем и до сега не беа безбедни и уште подобро обезбедени (во секоја смисла на зборот), од кого тоа се плашат или багажот им е претежок, па има потреба некој дополнително да ги обезбедува и да ги заштититува...што тоа ги плаши боговите што "со чиста совест" стиснаа на зеленото копче во Собранието?!
Јас не знам што е тоа што ги плаши, но може да претпоставувам, не за сите, туку за оние што се клиенти на СЈО, Камчевска Милевска, Мукоски, а тука ја вклучувам и Авировиќ - мајката.
Убав багаж, багаж кој тежи со милиони евра поединечно, барем од тоа што можеше да се слушне од бомбите, да се прочита или слушне од медиумите.
Ако на вистина е направен пазар "глас па простување на багажот", што наскоро ќе се види, слободно може да се простеме од владеењето на правото и правната држава. Тогаш таквото простување и помирување ќе биде најголемата фарса што може да ни се случи. Во таков случај се прашувам зошто во затвор се држат јадници кои куче нема за што да ги гризне, тие ли беа криминалците што испумпаа милијарди евра од граѓаните на Република Македонија?! 
В'прочем во една од моите колумни напишав дека таквиот пазар, колку и да и оди од рака на нашите осведочени пријатели (САД и ЕУ), ќе го урниса и така климавиот правосуден систем (ако воопшто може така да се нарече).
Сега на државна сметка, со сета почит кон презумпцијата на невиност, некои кои се обвинети за криминал, власта ќе им плати и полициско обезбедување?! Зарем ако лично се чувствуваат загрозени од некого, тие не се во можност самите да си платат агенција за приватно обезбедување или сега тие се потребни на власта па таа ги зема под свое?!
Зошто тоа би го сторила власта ако е сигурна и силно верува во тоа што го прави и особено ако е уверена, како што тврдат властелините и нивните пријатели од меѓународната заедница, дека ја уживаат сета подршката од најголем број граѓани во Република Македонија. Чудно, ама нејсе.
Тука има нешто што смрди, има нешто што здравиот разум и логика, не може да ги објасни, едноставно не се сварливи, исто како што не се прифатливи и заканите од власта за кривичен прогон за гласно изнесените сомнежи за поткуп, како и за тоа дека дел од пратениците се уценувани со нивната слобода.
Уште пред одржувањето на референдумот, во кулоарите гласно се говореше со име и презиме за член на ВМРО ДПМНЕ, дека направил дил со гаваз на висок државен властелин да убеди и да обезбеди гласови од пратеници на опозицијата за да помине договорот од Нивици. 
Лично бев запрепастен кога ги слушав деталите од склучениот дил, едноставно, се ми изгледаше неверојатно, како приказна од некој амерички трилер филм, но како минува времето, како се одвиваат настаните...останува уште да го видиме тогаш најавуваниот епилог и последниот потег на нашето не партизирано судство во кое оваа извршна власт не се меша. Потег со кој ќе се обзнани среќниот крај, ќе се објави дека нема виновни во мега скандалите, кои ја потресуваа Република Македонија подолг период, ќе се објави дека никој никому ништо не должи, особено не на обичните смртници, даночни обврзници на чиј грб паѓаат сите провизии и матни договори кои завршиле во нечии приватни џебови, а мешетарот од ВМРО ДПМНЕ исто така ќе биде ослободен од обвинение или ќе помине со условна осуда. 
Да, можеби ќе успеат и во тоа, да не убедат како што не убедија и уверија дека тоа што го гледавме и видовме на ТВ екраните од снимките на специјалните истражни мерки на обвинителството, всушност дека не било тоа што го видовме и слушнавме, едноставно - тези дупче, не е дупче!
Но да се вратиме на прашањето зошто толку силно обезбедување околу неколкуте пратеници што гласаа "за" по сопствено убедување, без притисоци, без не пристојни понуди и од никого. 
Причината за таквата и толкава грижа околу тие пратеници, се крие во стравот на актуелната позиција без нив да не го загуби изнуденото две третинско мнозинство во Собранискиот дом. Сега тие им се повредни од суво злато, сега не им е битен ни нивниот сомнителен багаж, не се битни ни бомбите, ниту тоа што јавноста го слушаше во изминативе години. Сега е битен нивниот глас "за"!
Токму затоа тие ќе бидат обезбедувани на државна сметка од лица кои граѓаните на Република Македонија ги плаќаат да бидат полициски службеници и да се борат против криминалот, а не да обезбедуваат на таков начин и за тие цели лица кои се осомничени и обвинети за криминал. Да и тоа е задача на полицијата, но во принцип додека не ги предаде таквите на обвинителството, бидејќи пото стануваат обврска на затворската полиција која ги чува лицата кои се сместени во објектите наменети за осумничени и обвинети за кои постои сериозно сомнение дека може да избегаат, да влијаат на сведоци, да уништуваат докази и тн. и тн.
Ајде, работите ќе се интензивираат, ќе даде господ, ќе стане сосема јасно што се крие и кои се стои зад ваквата папазјанија од помирување со урнисување на судскиот систем во Република Македонија.
За крај, нашите пријатели од Амбасадата на САД, веднаш по референдумот заради огромниот напор што го вложија и силните пари што ги потрошија, излегоа да го сторат тоа што не е за чинење, поразот да го прогласат за победа, та честитаа за успешниот референдум, но по говорот на телото и изразот на лицето јасно им се читаше дека граѓаните на Република Македонија силно ги осланиле. Истото го стори и Хан, сугерирајќи на Грција околу ратификацијата на договорот од Нивици да се применат Балкански методи (?!). На што тоа алудира Хан, не знам, но знам дека многу често е присутен на Балканските простори, па можеби и самиот ги научил тие методи или е дел од нив и им го видел фајдето...не знам. Честитаа, а заборавија која институција во Република Македонија е овластена да соопшти дали референдумот е успешен или не. ДИК го кажа своето за конечниот резултат на референдумот. Од тука, власта нема легитимитет да се повикува на народот, едноставно тој гласно молчејќи, им го пренесе својот став. Можеби тука лежи стравот и потребата од дополнително полициско обезбедување, но да оставиме да видеме дали до крај ќе се реализира сценариото за кое далеку пред референдумот гласно се говореше во кулоарите, спомнувајќи конкретни имиња и презимиња.

Воислав Зафировски


Ставовите изразени во рубриката колумни се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Фактор.

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД