ТИМОТ Е НАЈВАЖЕН, НО ВИСТИНСКИОТ ХЕРОЈ Е МЛАДАТА ПАЦИЕНТКА: Проф. Самарџиски и д-р. Трајановски за првата трансплантација на коска од починат дарител
Објавено во: Македонија 29 Април, 2021
Само десеттина
дена по првата експлантацијата на коскените ткива од починат дарител, на
Клиниката за ортопедски болести беше направена првата трансплантација, првата комплексна
операција на замена на малигно променето коскено ткиво со здраво ткиво, кај млада
пациентка која се лекува од малиген тумор на коска. Тимот го предводеа професор
д-р Милан Самарџиски, како и директорот на Клиниката ТОАРИЛУЦ, д-р. Александар
Трајановски. Во разговор за Фактор и двајцата потенцираат дека за еден ваков
зафат, тимот е најважното нешто, бидејќи во медицината не постои „јас“, но
вистинскиот херој сепак е младата 19-годишна девојка на која и претсои и
дополнителна борба во рехабилитацијата.
-Имаме млада пациентка со малигнен тумор која што била лекувана на онкологија, тимот на нашите колеги од Клиниката за онкологија, 5-6 месеци го лекувале туморот со хемотерапија и се бореле практично со пациентот меѓу живот и смрт, да го убијат туморот, а да преживее пациентот. И кога е завршена таа борба, ни дадоа нам, на ортопедите и на другите хирурзите можност да го отстраниме тој огромен коскен тумор, кој по сите тие третмани на онкологија стана операбилен. Кога ќе се извади таков тумор, коската станува дефектна, има дефект на мускулите, на зглобовите и.т.н. И тоа мора некако да се реконструира, и таа реконструкција досега се правеше со туморски протези, односно ендопротези или пак со комбинација на плочки, штрафови, интрамодуларни коскени цементи и тоа трае дополнително, се импровизира практично, се губи многу повеќе време, па е повеќе или помалку успешно. Сега имавме можност коската да ја замениме буквално со коскен графт од кадавер, а претходно имаме можност да испланираме колку да се отстрани од туморот, колкав дефект ќе остане. Имавме период на подготовка, непосредно пред операцијата од графтовите што може да се земат за да се замени недостатокот. И самата операција трае многу помалку, се скратува со саати, се олеснува самата рехабилитација на пациентот, а се овозможува многу подобар ефект на лекувањето во претстојниот период. Бенефитот е огромен и за лекарите и за пациентот, а да не кажам дека државата заштедува илјадници евра. Една туморска протеза не ни знам колку чини, не ни сакам да прашам, најверојатно колку што чини еден автомобил, а сега имаме починат дарител, чии најблиски биле непроценливо хумани, за да направиме вакво нешто и да го продолжиме животот на друг млад човек. Тоа е 19-годишно девојче, вистински херој во сето ова, издржа хемотерапии. Имаше претходно 70-тина килограми, сега има само 36, тоа е навистина тешка борба. И после оваа операциа и претстои уште една голема борба, треба да продолжи со хемотерапискиот протокол и да се избори со сето ова, појаснува проф. Самарџиски.
Станува збор за биолошки и биомеханички графт кој ја поддржува коската, но во биолошка смисла претставува само материјал за подоцна самиот организам да си ја вгради коската
- Затоа не постои можност за отфрлање на коскениот графт, како што има случаи како кај примателите на органи, на пример срце или бибрег и така натаму. Постојат одредени ризици од тромбози инфекции, но класично одбивање не може да се случи, зошто ние не даваме коска со крвни садови и вени да биде биолошки активна, туку пресадивме имунолошки неактивна коска. Ова е прва трансплантација направена соодветно, според светска и европска легислатива, законски земен од донор и законски вграден. Конкретна листа на чекање нема, некогаш малигните тумори во текот на една година се навистина честа појава во текот на една година, но некогаш речеиси и да нема. Но, ние имаме можност подолг временски период да ги чуваме коскените графтови и тогаш кога има потреба и можност да се направат операции од ваков вид. Инаку, за да го постигнеме ова, ние прво треба да им заблагодариме на нашите врвни учители, професор академи Љупчо Серафимов, и професорите Ѓорѓи Зафировски, професор Љупчо Каревски кои што ни дадоа знаења, вештини, техника за да можеме ова да го направиме. И секако најбитната работа која што досега је немавме, тоа е јасна законска регулатива која ни дозволува да работиме чисто, свесно, совесно и ако некој злоупотребува да биде казнет. И благодарение на мојата млада генерација колеги кои посебно вложуваа напори да се преведат европски закони да се организира се како што треба и да функционира целата работа. Ние претходно сме правеле слични операции, но со ваква технолошка поддршка и можност да пресадиме голем коскен графт на место што недостасува, не било дозволено со закон. Сега е многу олеснета работата, вели професор Самарџиски.
Д-р. Трајановски посочува дека свесноста за донирање органи во македонија полека се зголемува, но секако потребни се едукација и кампањи за да се издигне на едно повисоко ниво.
-Кај нема се уште регистар на донори, одлучува семејството после незгода, дали да се донираат или да не се донираат органите. Најголема улога во сето ова имаат медиумите за подигнување на свеста за донирање органи, покрај лекарите и целиот тим кој работи на оваа проблематика. Во светот ова е развиено на едно многу повисоко ниво, и јас искрено се надевам дека и ние ќе успееме ова да го подигнеме на повисоко ниво, атоа е нормално со едукација, дискусии, кампања. Како ќе поминува време, мислам дека и кај граѓаните во Македонија ќе се разбуди поголема свестност за значењето на донирање органи, бидејќи бенефитот е огромен. Се спасуваат други животи, им се дава шанса на други пациенти. Коскените графтови може да најдат огромна примена кај пациенти со малигни болести на коските, трауми од повреди, спортски повреди, па ние како Клиника за ортопедски болести веќе сме во преговори за набавка на специјален фрижидер во кој би се чувале подолго време сите експлантати од коскените ткива на температура од -80 степени. Инвестираме во ова, би се инвестирало и во обики за кадарот, се за да живее и да се одржи подолго. Кога се работи за еден ваков зафат мора да има тимска работа, да има поддршка од повеќе страни, пред се и од надлежните, односно од министерот Венко Филипче, а кога станува збор за самиот зафат ова е продолжение на тоа што се случи пред десеттина дена кога беше направена првата експлантација на коскено ткиво од починат дарител. Тоа сега најде примена кај млада девојка со малигнен тумор на надколеница, кој беше успешно отсранет и беше вградена една ендопротеза со изваденот коскено ткиво. Во тимот учествуваа и д-р Далип Јахја, д-р Милена Богојевска Доксевска, д-р Александар Савески, д-р Резеарт Далипи како и васкуларниот хирург д-р Никола Граматниковски. Целиот оперативен зафат траеше пет час. Почнавме околу 9.00, а се заврши околу 14.00 часот. Како тим сме задоволни од целиот исход, нормалоно со самото вградување на коскениот графт од донорот, се надевам дека младата пациентка дека брзо ќе закрепне, посочува д-р. Трајановски во разговорот за Фактор.
Анита Буховски
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.