ТИРАНА СЕ ОГЛУШИ НА ПОВИЦИТЕ НА ЕУ И САД: Фрлени молотови коктели на полицијата
Објавено во: Балкан 14 Мај, 2019
Молотови коктели и петарди беа фрлани на полицијата во текот на демонстрациите кои беа одржани во текот на вчерашниот ден во Тирана.
Антивладините протести беа одржани близу Владата а се случуваа само неколку часа откако претставници на САД и Европската унија побараа воздржаност од двете страни.
Илјадници демонстранти стоеле на силниот дожд додека над нив се надвиснувале густи облаци од бел чад од бакли, пренесе АП , додавајќи дека полицијата досега не возвратила.
Во текот на протестот минатиот викенд демонстрантите се судрија со полицијата која одговори со солзавец.
Повредени се неколку лица од двете страни, а поради нередите се приведени 50 лица.
Во пресрет на протестот во понеделникот МВР на Тирана соопшти дека демонстрантите ќе се обидат да ги повторат „насилните дела“.
Еди Рама го осуди насилното однесување на демонстрантите со зборовите „Албанија е оштетена“.
-Ги повикуваме сите политички лидери и граѓани на Албанија да покажат воздржаност и да протестираат мирно-повикаа претставници од САД и ЕУ.
FOTO: AP/Hektor Pustina