Тивки херои го накитија Водно: Внесоа празнична магија во природата
Објавено во: Стил 17 Декември, 2025 11:56
Во пресрет на новогодишните празници, Водно доби поинаков, потопол лик. Неколку елки долж планинските патеки беа украсени со лампиони, создавајќи празнична атмосфера која ги израдува бројните рекреативци, планинари и љубители на природата кои секојдневно го искачуваат скопската планина.
Иницијативата, зад која стојат ентузијасти што на социјалните мрежи се нарекуваат „тивки херои“, брзо привлече внимание и позитивни реакции. Без помпа, без најави и без очекување на признание, тие решија да внесат малку светлина и радост таму каде што многумина го наоѓаат својот мир – во природата, објави Женски магазин.

Украсените елки, внимателно поставени и ненаметливо вклопени во амбиентот, станаа пријатно изненадување за рекреативците. За многумина, утринското или попладневното искачување доби нова димензија – прошетка низ тивка, зимска шума со суптилни празнични украси што потсетуваат на духот на заедништвото и грижата.
За оваа иницијатива на фан страницата „Когниција – Центар за невропсихологија, психотерапија и психодијагностика“, во својата објава ја истакна важноста на ваквите мали, но значајни дела:
„Постојат убави луѓе. Околу нас се. Можеби не ги гледаме, ама нивните дела не радуваат… Таков е gradinarot.mk, таква е и девојката која ни го разубави Водно, за сите да се радуваме… Тивки добротвори. Прават добро затоа што тоа им е вредно. Знаат дека мали дела прават голема разлика… ‘Невидливите херои’ прават добрина затоа што тоа е дел од нив, а не затоа што им носи награда.“
Токму во тоа се крие и силата на оваа приказна – во ненаметливата добрина, во љубовта кон природата и заедницата, и во пораката дека празничниот дух не мора да биде гласен за да се почувствува. Понекогаш е доволна една накитена елка среде шума, за да потсети дека човечноста и вниманието кон другите сè уште се присутни.
РЖМ - Г.Д.ГФото: Фејсбук
Можеби ќе ве интересира
Се отвораат казина на секој чекор, младите кои сакаат кино култура немаат каде да гледаат филмови: Скопје веќе 8 месеци е без градско кино
Сведоштво на Викторија Сребренова за трагедијата во „Пулс“: Заглавена во толпата со скршеници и изгореници, го слушав гласот што ме одржа жива, издржи, не предавај се
Лидија Ивановиќ како бебе била оставена до контејнер во Скопје: Денеска е остварена жена, но не знае од каде доаѓа - „Чувствувам дека сум Македонка“




